Дама на утрото, која ги расонува гледачите со насмевка
Таа е лицето што многумина го поврзуваат со првото утринско кафе и со позитивниот старт на денот. Веќе шеснаесет години, Милена Антовска-Станковска со насмевка и искреност ја буди својата публика од екранот на „Канал 5“ телевизија.
Но, зад камерите стои жена со длабоки вредности, јасни ставови и топло срце – сопруга, мајка и професионалец што знае дека животот не секогаш е совршен, но секогаш вреден за љубов.
Во разговор исполнет со искреност и човечност, Милена зборува за своите почетоци, за предизвиците на јавната работа, за љубовта и семејните ритуали, но и за моментите кога ѝ треба тишина и сонце за да си ја наполни душата.
Пред да застанете пред камерите, какви беа вашите први професионални соништа – дали отсекогаш сонувавте за телевизијата или животот ве одведе таму по случајност?
Уште од мала сакав луѓе пред мене, публика. Уживав на сите приредби, сакав да пеам, да играм… Телевизијата како љубов ми се појави во студентските денови кога студирав новинарство и знаев и сакав да бидам дел од тој свет.
Како се промени вашата улога како водителка на утринска емисија низ годините – што ве научи оваа работа за луѓето, а што за самите себе?
Многу убаво прашање и баш ме натеравте да размислам, затоа што во прашање се 16 години пред камера. Оваа работа ме научи дека луѓето сакаат да бидат слушнати, сакаат да допрат до тие што се на власт за да се реши некој нивни проблем. Бараат некое прибежиште кај нас, што во секој случај значи дека нè сакаат и нè чувствуваат блиски. Што научив за самата себе? Научив дека сум навистина посветена, организирана, исполнителна и професионална во работата, но она што ми е многу драго е што останав своја на своето, научив да се поврзам со гости и гледачи без разлика кои се и што работат. И научив дека и кога не ми е сè како што треба, имам сила да издржам сè и да го издржам денот како што треба.
Утринските емисии бараат постојана свежина и ведрина. Како успевате секој ден да внесете нова енергија и искреност, дури и кога денот не ви започнува идеално?
Па како што кажав погоре, идеални денови нема кај никој од нас. Некогаш не си физички добар, психички, децата се разболеле и слично… Јас сум најнормален човек како и сите останати и имам предизвици како сите други. Но, она што е карактеристично за мојата професија е тоа што гледачот сака да види убав, насмеан и ведар лик рано наутро и не му е многу гајле дали јас сум се успала или нешто друго се случило. И тоа е во ред и сосема го разбирам. Со тек на време сè се учи и успеваш да се издигнеш над секоја ситуација.

Има ли гостин или тема во вашата емисија што ве допрела на неочекуван начин – разговор што го паметите и кој ве променил како личност?
Има, секако, има многу. Секој гостин со своите ставови те учи на нешто, нешто позитивно, нешто негативно. Не знам дали би можела да одвојам некој затоа што навистина ги има многу, од познати јавни личности до луѓе кои не се толку познати на јавноста, но многу вредат и се богатство да ги имаш во животот. Јас се воодушевувам на креативни луѓе кои се реални, искрени и директни или ајде да речам уметнички души, и сите други кои се заљубени во тоа што го работат. Сите тие што имаат вакви карактеристики, допреле до мене на одреден начин и малку ме промениле.
Како се справувате со јавниот притисок и очекувањата – кога луѓето ве гледаат секојдневно, а сепак не ве познаваат целосно?
Па, сега веќе не се ни справувам, бидејќи многу ми е надминато ова прашање. На секој убав, позитивен коментар секако дека се радувам, негативните со навреди не ни допираат до мене, а оние кои се со негативна критика, ама издржана, ги читам и размислувам дали можеби навистина некаде сум погрешила, па да се поправам.
Што би ѝ порачале на младата жена што денес сака да влезе во медиумите – од што треба да се чува, а што да следи по секоја цена?
Би ѝ порачала ако е тоа нејзиниот сон да си го следи. Важно е да биде своја, да се почитува себеси и своите ставови. Да се чува од лоши и лицемерни луѓе и да си ја чува приватноста колку може повеќе. По секоја цена да следи сè што ја прави среќна, но со тоа да не повреди никој и да не прави никому лошо.
Кога некој ве гледа на екранот, што би сакале да почувствува – сила, спокој, блискост, или нешто сосема друго?
Сакам да ја почувствува убавата енергија и искреноста од моја страна.
Познато е дека вашиот сопруг, Гордан, ви е најголема поддршка. Како ја одржувате рамнотежата меѓу вашата јавна работа и приватниот семеен живот?
Сè е договор. Ако зборуваме за семејни моменти, во јавност пласирам сè што е во ред со него за да биде објавено, посебно кога се вклучени децата. Во однос на сè друго поврзано со работата си е моја одлука. Со разбирање и со добра организација може да се успее во сè.
Кои се вашите мали, семејни ритуали – нешта што ги чувате само за себе, без оглед на обврските и динамиката на секојдневието?
Па бидејќи пред нас е предновогодишен период, би рекла дека во ноември и декември сакаме заедно да гледаме божиќни и новогодишни филмови и цртани.
Имате две ќерки. Каква мајка сакате тие да паметат – строга, нежна или само вистинска?
Сакам да ме паметат каква што сум, бидејќи сум и нежна и строга и ги галам и бакнувам, но и ги карам. Јас, пак ќе кажам, сум најнормална жена и мајка која не е идеална, но се трудам да бидам најдобра мајка што можам. Сакам и во иднина да бидам првата кон која ќе истрчаат да ѝ кажат и убава вест, но и кога нешто ќе ги растажи. Јас и мојата прегратка да им бидеме најсигурното место во светот.
Што најмногу ве изненадува во нивниот свет и што тие ве научија за љубовта и за трпението?
Секојдневно ме изненадува нивната остроумност, бидејќи денешните деца се навистина нешто посебно. За љубов ме учат секојдневно и таа љубов расте, а за трпение богами многу ме учат, да се живи и здрави само.

Денес, повеќе од кога било, се зборува за прифаќање на телото. Дали и вам ви требаше време за да се помирите со некои свои „несовршености“?
Искрено, јас секогаш сум била ОК со моите несовршености, не сум имала комплекси. Имав мака да прифатам некои работи после породувањата, посебно после второто со царски рез, но полека се трудам да си го вратам телото во посакуваната форма.
Каде ја гледате границата меѓу професионалниот изглед и вашиот личен стил – колку од Милена што ја гледаме на екранот е иста со Милена што ја гледаме надвор од студио?
Па, неретко се случува и надвор од студио да ме видат луѓето каква што сум во утринска програма, но исто така многу често знам да бидам во едно поинакво лежерно и спортско издание и без шминка.
Ако би можеле да ѝ шепнете нешто на Милена од минатото, што би било тоа – „биди храбра“, „не брзај“, „смеј се почесто“… или?
Не нервирај се за сè и не обрнувај внимание на некој што не заслужува. Чувај си го здравјето.
Кога би можеле за еден ден да не бидете ниту водителка, ниту мајка, ниту сопруга – туку само Милена – како би го поминале тој ден?
Зависи од годишното време, но дефинитивно би била Милена што цел ден лежи на плажа и ушива во морето и во сонцето.
Кога душата ви е уморна, што е вашиот личен лек – тишина, прошетка, книга, разговор…?
Многу често лежам сама во тишина. Тоа многу ми помага. Сакам да читам, но во последно време и добар филм знае да ме опушти.
