Топол туш наутро или по напорен работен ден делува навистина закрепнувачки. Но, дали некогаш сте помислиле да свртите на ладно? На студен ден, ваквата идеја сигурно ви се чини екстремна.
Но, што ако ви кажеме дека студената водата мие сè? Не само нечистотиите од телото, туку и лошите мисли и заробените емоции?
Температурата на водата игра голема улога за тоа колку навистина тушот ќе ви помогне да се расоните, да ги поттикнете метаболизмот и циркулацијата.
Информирајте се за придобивките и ризиците од ладните и топлите тушеви пред да одлучите што е најдобро за вас.
Придобивки од ладниот туш
Го подобрува протокот на крв
Ненадејното изложување на ладна вода го шокира телото, кое веднаш се обидува да ја одржи својата основна температура. Крвните садови на површината на кожата се стеснуваат за да го намалат губењето топлина, со што се зголемува протокот на крв кон внатрешните органи. Редовното изложување на ладна вода се смета за еден вид вежба за кардиоваскуларниот систем и се користи во одредени форми на хидротерапија за подобрување на циркулацијата.
Го забрзува метаболизмот
Бидејќи телото троши повеќе енергија за да се загрее, ладните тушеви привремено го зголемуваат метаболизмот. Освен што ја зголемува циркулацијата, организмот согорува дополнителни калории за да создаде топлина.
Ако се обидувате да ослабете, оваа мала калориска потрошувачка може да биде добредојдена – иако ладните тушеви сами по себе не се доволни како метод за слабеење.
Ги намалува воспалението и болката во мускулите
Ладниот туш по вежбање не само што помага да се оладите, туку може да ги намали воспалението и болката во мускулите. Стеснувањето на крвните садови го намалува отокот и го забрзува процесот на заздравување на микропукнатините што природно се создаваат во мускулите за време на физичка активност.
Ве разбудува
Изложувањето на ладна вода наутро може да биде ефикасен начин за брзо будење на телото и умот. Ако не сте утрински тип и ако ви треба време додека кафето почне да делува, студениот туш може да биде вистински енергетски поттик за почеток на денот.
Контроверзни тврдења за ладните тушеви
Интернетот изобилува со статии за чудесните ефекти на ладните тушеви, но не сите се поткрепени со наука.
Дали ладните тушеви го зголемуваат лачењето на ендорфини?
Често се спомнува дека ладните тушеви го подобруваат расположението преку зголемување на ендорфинот – хормон на среќата. Иако постои ограничена научна поддршка за ова, повеќето извори се повикуваат на мала студија од 2008 година, во која се истражувало дали ладните тушеви можат да помогнат при депресија.
Резултатите биле недоволни, бидејќи бројот на учесници бил мал, а ниту еден од нив немал дијагностицирана депресија. Истражувачите сами заклучиле дека се потребни пошироки и подетални студии за потврда на хипотезата – кои сè уште не се направени.
Дали ладните тушеви го зајакнуваат имунитетот?
Во овој случај, доказите се посилни. Едно истражување со над 3 000 учесници во период од 90 дена открило дека оние што редовно се туширале со ладна вода имале помалку отсуства од работа поради болест. Сепак, истражувачите не ги измериле биолошките промени во организмот, па не е јасно зошто токму дошло до тој ефект. Можно е ладните тушеви да влијаат позитивно на имунитетот, но ваквите тврдења сепак треба да се земаат со доза претпазливост.
Ризици од ладен туш!
Иако има многу придобивки, ладните тушеви не се препорачуваат за секого.
Ако имате срцеви заболувања или какво било нарушување на циркулацијата, шокот што го предизвикува студената вода може да биде ризичен. Телото реагира со забрзано чукање на срцето и покачен притисок – што може да биде опасно за лица со кардиоваскуларни проблеми, бидејќи може да предизвика аритмија.
Како да започнете со ладни тушеви?
Ако сакате да ја воведете оваа навика, не мора веднаш да се нурнете во мраз ладна вода. Можете постепено да го намалувате степенот на топлина при крајот на вашиот вообичаен туш и секој ден да останувате под ладната вода неколку секунди подолго.
Со тек на време, телото ќе се навикне и ќе можете да издржите цел туш со ладна вода – или едноставно да ја задржите навиката да завршувате со краток ладен млаз, што исто така носи здравствени придобивки.
Придобивки од топлиот туш
И топлите тушеви имаат свои предности, затоа погрешно е верувањето дека ладниот туш е подобар за секого.
Топлата пареа може да помогне во расчистување на дишните патишта и синусите од слуз, што носи олеснување при настинки и грип.
Покрај тоа, топлата вода ги отвора порите и помага да се отстрани нечистотијата од кожата, особено кога е комбинирана со соодветна нега.
Топлите тушеви исто така го релаксираат мускулниот тонус и го намалуваат стресот, па се добар избор по напорен ден или пред спиење.
Ризици од топли тушеви
Пречестото туширање со жешка вода може да ја оштети природната заштитна бариера на кожата – тенкиот слој себум што ја задржува влагата. Ова доведува до сушење и иритација, што е особено проблематично кај лица со егзема или чувствителна кожа.
Дополнително, топлата вода може да го зголеми крвниот притисок, па не се препорачува за луѓе со хипертензија или срцеви заболувања.
ПРЕСУДА
Дали да се охрабрите со ладен туш или да останете верни на топлата вода? Како и кај многу други здравствени прашања, одговорот зависи од вашите лични потреби.
И ладните и топлите тушеви имаат свои предности и мали ризици, па најдобро е да ја направите одлуката според тоа што сакате да постигнете.
Ако ви е тешко да се разбудите наутро или ако сакате да ја подобрите циркулацијата, пробајте со ладен туш.
Ако, пак, сакате вечерен ритуал што ќе ви помогне да се опуштите и подобро да заспиете, топлиот туш ќе ви биде подобар сојузник.
Или уште подобро, комбинирајте два во еден, стартувајте со топол туш, а завршете со ладен.
