Рашела Гинова-Карафилоски – Животот во етер

Рашела Гинова-Карафилоски – Животот во етер

Приказната на Рашела започнува рано – на само 18 години, кога влегува во МТВ и го прави првиот чекор во светот на етерот. Од „Куп-Ѕвон“, преку забавната редакција, програмите за деца и млади, Канал 3 и ЕПП, постепено го гради својот медиумски јазик и чувство за публика.

Патот ја води и надвор од земјата – во Лондон, каде што живее, учи јазик и работи, а по враќањето продолжува да се движи меѓу телевизијата, корпоративниот свет и пишувањето за театар, и музиката.

Од 2012 година радиото станува нејзин дом – Радио 2 на МРТ, а од оваа пролет повторно ѝ се враќа и телевизијата, на малите екрани на МТВ. Музиката ѝ е лек, театарот втора љубов, есента и дождот состојба на духот, а книгите тивки, но верни учители. Годинава, заедно со екипата на Радио 2, за првпат истрча 5 километри на Скопскиот маратон – со желба тоа да стане традиција.

2025 година ќе ја памети по многу нешта, но пред сè како една од најубавите по раѓањето на нејзината ќерка Мишел (9 години). Со мал порок по име шопинг, со повеќе изедено чиа семе од кога било и со истата љубопитност што ја води од самиот почеток, ова интервју е разговор со жена која знае дека гласот не е само професија – туку начин на живеење.
Со децении сте присутни во етерот – што е она што и денес ве држи љубопитна и вљубена во радиото и во телевизијата?

Љубопитноста кон човекот. Радиото и телевизијата ми даваат привилегија секој ден повторно да го откривам – преку глас, тишина, поглед, приказна. Технологијата се менува, форматите исто, но човечката потреба да биде слушнат и виден останува иста. Тоа ме држи вљубена – чувството дека уште има што да се каже, и уште поважно – што да се слушне.

Кога ќе погледнете наназад, кој момент го сметате за вистинска пресвртница во вашата медиумска кариера?

Враќањето во МРТВ, поточно во Радио 2, го доживувам како вистинска пресвртница. Не затоа што беше враќање наназад, туку чекор напред – со искуство, јасен авторски глас и слобода да создадам програма што има душа. Радио 2 ми даде простор повторно да се поврзам со суштината на радиото: тивки приказни, внимателен збор и почит кон слушателот.

Како се менуваше улогата на водителот низ годините, а што, според вас, остана исто и незаменливо?

Улогата на водителот денес е многу повеќеслојна – не сме само пренесувачи на информации, туку и уредници, раскажувачи, често и медијатори меѓу јавноста и содржината. Но едно остана исто и незаменливо: одговорноста кон зборот. Довербата што ја добиваме од слушателите и гледачите е темелот без кој ниту еден формат не може да опстане.

Што е потешко – да се изгради кариера како млада водителка или да се задржи кредибилитетот со текот на времето?

Да се изгради кариера е храброст, но да се задржи кредибилитетот е дисциплина. Со текот на времето, публиката станува построга, а очекувањата повисоки. Кредибилитетот се брани секој ден – со работа, со интегритет и со постојано преиспитување на сопствениот професионален стандард.

Rasela Ginova Karafiloski

Како жена со долг медиумски стаж, дали мислите дека жените и денес мора да вложуваат повеќе, и професионално и визуелно, за да бидат признаени?

Жените и денес вложуваат повеќе, тоа е реалност. Но најважната инвестиција останува професионалната – знаењето, подготовката и автентичноста. Визуелното е минливо, но кредибилитетот и ставот се она што ја гради долгорочната почит. Со години учиш дека присуството не се докажува со изглед, туку со суштина.

Гласот е ваш заштитен знак – дали некогаш сте размислувале колкава одговорност носи и колку секојдневно допира до луѓето?

Да, и токму тоа е најголемата одговорност. Гласот влегува во нечии домови, во тивки утра и доцни ноќи. Тој може да смири, да поттикне, понекогаш и да повреди. Затоа секогаш сум верувала дека гласот не е само алатка, туку одраз на лична и професионална етика.

На кои проекти работите во моментов, кој ви е најблиску до срце и зошто?

Во моментов работам на неколку различни, но подеднакво важни проекти. „Ритамот на денот“ е претпладневна контактна емисија во живо што ме држи будна и поврзана со пулсот на секојдневието – таму реакцијата е веднаш и искрена. „Заводлива квечерина“ е мој авторски простор, емисија во која зборот, музиката и тишината имаат време да созреат и таа ми е најинтимна. А „Наш Подиум“ на МТВ, во кој сум домаќин секој четврток, е телевизиски предизвик што ми носи динамика и јавна енергија. Секој од овие проекти допира различен дел од мене, и токму таа разновидност ме исполнува и ме одржува креативно жива.

Искрено, најблиска ми е „Заводлива квечерина“. Таа е поразлична од сè што работам и нема друга таква радиоемисија во етерот во Македонија. Тука имам слобода да пренесувам и да создадам атмосфера што е интимна, заводлива и лична – и токму тоа ја прави посебна за мене.

Дали има проект што е сè уште зад сцената и кој чека да стане ваша следна голема приказна?

Секогаш има нешто зад сцената, нешто што чека да стане следна голема приказна. За желбите не се зборува, но можам да кажам дека сонувам за реализирање на едно филмско сценарио, за едно ток-шоу, па и за „Заводлива квечерина“ на поголема сцена во живo… и тоа не е сè. Можам само да посакувам дека иднината ќе ми донесе нови изненадувања и дека срцето веќе работи на нив.

Како мајчинството ве промени – и како жена и како професионалец?

Мајчинството ме промени длабоко – како жена и како професионалец. Ме научи на трпение, присуство и љубов без граници, особено преку мојата Мишел, која е мојата инспирација и моќ. Како мајка гледам на светот со повеќе емпатија, а како водителка учам секој ден да допрам до луѓето со искреност и со внимание.

Денес мајките се под силен притисок – од исхрана, воспитување, до „совршени“ модели на однесување. Колку социјалните мрежи, според вас, го зголемија чувството на вина кај мајките?

Социјалните мрежи многу го зголемија чувството на вина кај мајките. Сите гледаме идеализирани животи, совршени фотографии, „совршени“ мајки, и тоа создава притисок кој не е реален. Но важно е да запомниме дека љубовта, присуството и вниманието кон детето се многу повеќе од тоа што се прикажува на екран. Мајчинството не е натпревар – тоа е интимен, жив процес кој се учи секој ден.

Вие растевте во време кога децата играа надвор, со кал на колената и без постојан надзор – што од тој начин на детство денес најмногу ни недостасува?

Недостасуваат слободата и играта без грижи – да се истражува надвор, да се навлезе во калта, да се падне и да се научи од тоа. Денешните деца често се под постојан надзор, а токму тие моменти на самостојно откривање и малите авантури ги градат самодовербата и креативноста.

Rasela Ginova Karafiloski

Колку грижата за здравјето денес е свесен избор, а колку нужност што доаѓа со годините?

Со годините станува и едното и другото. Свесен избор е кога внимаваме на тоа што јадеме, кога се движиме и слушаме што ни кажува телото. Но, со возраста, грижата за здравјето станува и нужност – затоа што телото и умот бараат повеќе внимание за да останеме активни и присутни.

Имате ли мали секојдневни навики што ви помагаат да останете во добра физичка и ментална форма?

Не сум од оние што можат/сакаат да следат ритуали и навики, не сакам правила. „Добро утро, како си?“ од некој што ми значи, ми е доволно денот да ми биде сончев. Инаку се обидувам да внимавам на исхраната и редовно поминувам време со книга, а најмногу со музика. Менталната и физичката грижа се преплетуваат, и тоа ми помага да останам присутна и свежа речиси секој ден.

Дали вашиот убав изглед е резултат на дисциплина, љубов кон себе или животна филозофија?

Мојот моментален изглед е плод на годината што помина, на сите убави моменти што ги доживеав додека работев, се подготвував, снимав и интервјурирав. Тоа е резултат на љубовта и посветеноста, на трудот и радоста што ги вложувам во секој проект. Убавината не е само дисциплина или филозофија, таа е живот што се живее, чувство и страст што се пренесуваат во секој ден.

Што би им порачале на жените кои чувствуваат притисок да изгледаат младо и совршено наместо автентично?

Да се вратат кон себеси. Совршенството е илузија, а автентичноста е моќ. Грижата за себе не значи да се вклопиш во туѓи стандарди, туку да бидеш најдобрата верзија на себе – со внимание, љубов и прифаќање на сите аспекти од твојата личност.

Кој совет би ѝ го дале на помладата верзија од себе – и на жените кои денес го бараат својот глас?

Да имаат трпение и доверба во себе. Секој има свој ритам, свој пат и свој глас. Не брзајте да се вклопите во туѓи очекувања, туку истражувајте, зборувајте, созревајте и дозволете си да бидете видени онакви какви што сте навистина. Вашиот глас е силен и уникатен, и вреди да се слушне…