Синергија меѓу Ginkgo Biloba и антиоксидативните каротеноиди

Синергија меѓу Ginkgo Biloba и антиоксидативните каротеноиди
Вовед: каде се среќаваат науката, видот и енергијата

Современиот свет и современата технологијата која секојдневно се развива, го оптоваруваат човечкото око повеќе од кога било претходно. Долгите часови пред компјутер, таблет или мобилен уред создаваат хроничен визуелен напор, а континуираниот стрес и забрзаниот животен ритам ја зголемуваат продукцијата на слободни радикали кои ги оштетуваат клеточните структури во човечкото тело, вклучувајќи го и окото.

Макулата, централниот дел од мрежницата (ретината) одговорен за јасен и детален вид, е особено изложена на овие влијанија. Со возраста или при зголемен метаболен напор кој бара високо енергетско внесување, се забележува намалување на микроциркулацијата и на антиоксидативниот капацитет. Овие промени може да се манифестираат со симптоми како замор на очите, заматен вид, чувствителност на светлина и постепено влошување на визуелната острина.

Во овој контекст, значајна е синергијата меѓу микроциркулацијата, антиоксидативната заштита и клеточната енергија. Комбинацијата на Ginkgo biloba, каротеноиди и други антиоксиданси се разгледува како современ пристап во превентивна и адјувантна поддршка на окуларното и на когнитивното здравје.

Микроциркулацијата – мрежа што го одржува видот

Микроциркулацијата е клучен физиолошки процес кој овозможува соодветно снабдување со кислород и со микронутриенти во најделикатните структури на телото. Ретината, поради својата исклучително висока метаболна активност, има потреба од постојан и квалитетен доток на крв.

Кога микроциркулацијата е нарушена, клетките на пигментниот епител и фоторецепторите не добиваат доволно кислород и хранливи материи, што води до акумулација на токсични метаболити и зголемена подложност кон оксидативен стрес. Со текот на времето, овие процеси можат да придонесат за појава на сенилна макуларна дегенерација и функционално слабеење на видот.

Активните состојки на Ginkgo biloba ја подобруваат микроциркулацијата преку:

  • зголемување на еластичноста на капиларите
  • намалување на агрегацијата на тромбоцитите

Со тоа се смета дека се подобрува снабдувањето на макуларната зона со кислород и со хранливи материи, што е предуслов за одржување на нејзината функција.

Оксидативниот стрес – невидлив фактор во замор и дегенерација

Оксидативниот стрес е состојба при која продукцијата на реактивни кислородни честички (ROS) ги надминува капацитетите на ендогените антиоксидативни механизми. Очите се особено чувствителни на оксидативни оштетувања, бидејќи се постојано изложени на светлинско зрачење и имаат високи енергетски потреби.
Фоторецепторните клетки во макулата дејствуваат како „минијатурни фабрики за енергија“, со висока густина на митохондрии. Со возраста, митохондријалната функција слабее, а производството на слободни радикали се зголемува. Тука клучна улога имаат каротеноидите.

Каротеноидите – природна заштита на макулата

Лутеинот и зеаксантинот се природни каротеноиди кои играат значајна улога во заштита и одржување на здравјето на очите. Тие се концентрирани во централниот дел на мрежницата одговорен за јасен вид и претставуваат главна компонента на макуларниот пигмент.

Нивните функции вклучуваат:

  • дејствување како биолошки „филтер“ за дел од сината (високоенергетска) светлина
  • апсорпција на дел од светлинската енергија и намалување на фотохемискиот стрес
  • неутрализација на слободните радикали создадени во процесот на фототрансдукција

Благодарение на овие механизми, каротеноидите го намалуваат оксидативното оптоварување на ретината, која е едно од метаболички најактивните ткива во човечкиот организам. Долготрајното внесување на лутеин и зеаксантин преку исхрана или суплементација е поврзан со подобра макуларна пигментна густина, подобрена визуелна перцепција, особено при слаба осветленост, потенцијално намалување на визуелниот замор при продолжена работа на близина.

Ginkgo biloba и антиоксидативните кофактори – трио за клеточна енергија

Комбинацијата на Ginkgo biloba со клучни митохондријални кофактори како CoQ10 и PQQ (Pyrroloquinoline Quinone) се разгледува во контекст на поддршка на клеточната енергетика и отпорноста на оксидативен стрес.

CoQ10 е есенцијален дел од митохондријалната респираторна верига и има улога во трансфер на електрони и синтеза на АТФ, при што истовремено делува и како липофилен антиоксиданс.

PQQ е поврзан со стимулирање на митохондријална биогенеза – процес на создавање нови митохондрии. На клеточно ниво, оваа оска (Ginkgo biloba – CoQ10 – PQQ) може да придонесе за:

  • подобрување на митохондријалната ефикасност
  • намалување на оксидативниот товар
  • стабилизирање на невроналната и ретиналната функција

Во комбинација со антиоксидативни микронутриенти како селен, цинк, витамин C, супероксид дисмутаза (SOD) и α-липоична киселина, се создава комплексна антиоксидативна мрежа насочена кон неутрализација на слободните радикали и стабилизација на клеточните мембрани. Присуството на лутеин и зеаксантиин како специфични макуларни каротеноиди дополнително придонесува за заштита на ретината од сина светлина и од оксидативно оштетување, со што се заокружува поддршката на клеточната енергија, микроциркулацијата и визуелната функција.

Синергистички пристап кон здравјето на очите и на мозокот

Современите истражувања сè почесто укажуваат дека ретината и мозокот имаат заеднички васкуларни, нервни и метаболички механизми. Ретината, како дел од централниот нервен систем, има висока метаболна побарувачка и чувствителност на нарушувања во перфузијата и оксидативниот баланс.
Комбинацијата на Ginkgo biloba (поддршка на микроциркулацијата), антиоксиданси (SOD, CoQ10, цинк, витамин C, α-липоична киселина, селен), каротеноиди и растителни пигменти (лутеин, зеаксантин, екстракт од боровинка, астаксантин) се разгледува како интегриран нутритивен пристап насочен истовремено кон ретиналните и когнитивните функции. Овој пристап има за цел: поддршка на менталниот и на визуелниот перформанс, зголемување на издржливоста при визуелен и когнитивен напор, и намалување на последиците од хроничен оксидативен стрес.