Иван Наумовски

Иван Наумовски

Глас што патува низ светот, а секогаш се враќа дома

Оперскиот пејач Иван Наумовски е роден во Скопје, Македонија, и на свои 35 години зад себе веќе има кариера што се гради на европските сцени. Како бас-баритон, своето образование го заокружува со две магистратури – на Универзитетот за уметност во Грац (KUG), во областа на музичкиот театар, и на престижниот Универзитет за музика и сценска уметност во Виена (MDW), каде што се усовршува во уметничката песна и ораториумот.

Неговиот пат започнува на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде дипломира со највисоки почести cum laude, за потоа да продолжи со исто толку успешни студии во Австрија, каде што магистрира со признанија за извонредност. Во текот на образованието освојува награди на меѓународни натпревари и работи со некои од најзначајните имиња во оперската уметност.

Како уметник, Наумовски има настапувано на бројни сцени низ Европа и пошироко – од Австрија, Германија и Франција, до САД – а зад себе има и повеќе од 200 настапи во престижни виенски сали и палати. Настапувал на фестивали како „Охридско лето“, „Скопско лето“ и „Мајски оперски вечери“, а делел сцена со реномирани уметници, меѓу кои и пијанистот Симон Трпчески.

Неговиот репертоар опфаќа значајни оперски улоги, од Моцарт до Чајковски, а за својот талент и посветеност е добитник и на наградата „Виртуози“ за најдобар млад уметник во Македонија.

Денес, покрај активната интернационална кариера, Иван Наумовски своето знаење го пренесува и дома – како доцент на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, каде работи со нови генерации пејачи.

Во разговорот што следи, тој отворено зборува за сцената како животна потреба, за цената на успехот и за она чувство дека, без разлика каде настапува, вистинскиот успех секогаш се мери дома.

Ivan Naumovski

Кога сте на сцена – дали тогаш сте најмногу вие, или станувате некоја ваша посилна, похрабра верзија?

На сцена се чувствувам полесен, се чувствувам супериорен, дека таму припаѓам. Се чувствувам дека правам нешто за коешто сум создаден. Може да се каже дека на сцена сум вистинскиот јас, затоа што во секој миг сум искрен со мојот израз и својата боја на глас кога пеам или раскажувам нешто за публиката.

Колку операта е вистина, а колку глума на емоции? Дали може да се испее тага кога не сте тажен?

Секако. Тага, немоќ, фрустрација, болка, плач, среќа… тоа се емоции кои сме ги искусиле веќе во животот. Ако доволно веруваш во нешто како уметник и те влече тоа нешто да го правиш, значи дека можеш да го направиш докрај. Ако си технички на високо пејачко ниво и не мислиш на онаа база или техника пред да го испееш секој тон, во тој миг ја имаш слободата да се дадеш емотивно и тука излегува таа емоција.

Дали публиката навистина слуша опера или доволно е да чувствува?

Операта е убав ритуал за да се посети пред сѐ. Може да биде еден убав date night (вечерен состанок), може да биде ново искуство исто така. Операта е глума, сцена, грандиозна и фантастична музика, прекрасни гласови и, секако, во сите тие нијанси на уметност човек може за миг да се изгуби од реалноста и да се доживее како дел од личностите на сцена.

Која е цената што никој не ја гледа зад еден совршен настап?

Жртвата. Голема жртва е тоа. Пробите се многу интензивни и човек мора да внимава на тоа колку се дава емотивно и физички. Колку го троши гласот, кога го троши, на кои луѓе и на кои обврски посветува време. Мора да бидеш менаџер во правата смисла на зборот за сопствената енергија. Не смееш ни малку да се разболиш, треба секогаш да си во форма и најважно – да можеш да се носиш со притисокот. Спуштам капа на луѓе кои цел живот го прават ова. Додека не доживееш на своја кожа, не можеш да ја знаеш таа тежина.

Дали некогаш сте сакале да се откажете – и што ве задржа?

Само како моментална мисла произлезена од некоја фрустрација. Инаку длабоко во себе знаев дека не можам да живеам без сцена. Така што… сцената ме задржа, и оној убав притисок кој сакам да го чувствувам пред перформанс.

Дали има улога што сè уште ви создава страв, како да ви е првпат на сцена?

Реално, секоја улога и секој концерт се голема одговорност. Буквално сѐ треба да биде под конец и претходно да биде совршено извежбано за да не дојде до веројатност и импровизација. Поголемите и главни улоги се секогаш приоритет и притисок кој го создава тој позитивен страв.

Ivan Naumovski

Што имаат големите светски сцени што го нема дома – и што има домашната публика што го нема во странство?

Големите сцени имаат култура, вековен континуитет и секако… многу финансиски средства. Домашната публика има убава и топла енергија. А можеби го зборувам ова и дека си е наша, македонска публика.

Ако не пеевте опера – што ќе бевте?

Пејач… ама не на опера.

Кој изведувач или жанр никој не би очекувал дека го сакате?

Том Џонс, Бон Џови, Нет Кинг Кол. Знам да изненадам и со рок и металски групи. Буквално слушам секаков вид музика. Народно, турско, грчко, декадата на 50-тите, 60-тите, соул, класика… буквално сѐ.

Како доцент, што се обидувате да им пренесете на студентите што не може да се научи од ноти?

Работна етика и тоа дека времето многу брзо врви и никого не чека. Животот е борба и мора да го сфатиме како таков.

Каде најчесто може да ве сретне човек кога не сте на сцена?

Во последно време цело време сум на сцена. Ама ајде да речеме на Факултет со студентите, во теретана или со друштво во некој локал.

Што мислите за брзата слава на социјалните мрежи?

Ако може човек да се носи со тоа, зошто да не. Само голем проблем има таму –ако социјалните мрежи те креваат, исто така имаат моќ и да те спуштат.

Дали повеќе ви лежи тивка вечер или брз ноќен живот?

Тивка вечер само после екстремно долг ден со обврски, инаку во повеќето прилики брз ноќен живот.

Кое место (град/бар/улица) најмногу ве инспирира и ви ги полни батериите?

10 години поминав живеејќи во Австрија. 3 во Грац, а 7 во Виена. Шетав низ многу земји, видов градови, села и пејзажи кои не сум ни помислувал дека може да постојат и дека ќе одам таму. Сум пеел пред илјадници луѓе во Берлин, до илјадници луѓе во Скопје. Најинспиративното место во мојот живот е секој град и село во Македонија. Ама требаше третина живот да поминам на страна за да го сфатам тоа.

Која реченица сакате да остане зад вас, и како пејач и како човек?

Limits like fears are often just an illusion.