Во време кога вниманието на јавноста најчесто го освојуваат сензации и краткотрајни скандали, Александар Видиновски упорно избира да зборува за темите што директно го обликуваат секојдневниот живот на граѓаните. Новинар, телевизиски уредник и водител, но и човек кој голем дел од своето слободно време го посветува на истражување и документирање на состојбите во јавниот простор, тој стана препознатлив по своите видеа во кои без задршка укажува на запуштените агли на Скопје и Македонија, на дивите депонии, урбанистичките нелогичности и проблемите што со години остануваат нерешени.
Зад камерата и телевизиските студија стои човек кој верува дека јавниот интерес мора да биде компас на секој новинар, дури и тогаш кога фактите не им одговараат ниту на политичарите, ниту на гласните групи на социјалните мрежи. Неговите објави не се само критика, туку и повик за поголема одговорност, грижа и почит кон просторот во кој живееме.
Во разговорот што следува, Александар Видиновски искрено зборува за љубовта кон новинарството, за предизвиците на професијата, за заканите и притисоците со кои се соочува, но и за надежта дека Македонија може да стане подобро место доколку сите покажеме поголема лична и општествена одговорност.
Што беше пресудниот поттик или момент што ве натера да се занимавате со новинарската професија и како тој избор му даде суштина и смисла на вашиот живот?
Отсекогаш сакав да раскажувам и да пренесувам информации. Од мал ја сакав и политиката. Некако овие две работи природно се споија. Мислам дека кога се запишав на факултет за да студирам комуникологија се почувствував како да сум „дома“. Сѐ што сакав да гледам на вести, сега имав можност сам да го креирам. Најди една работа која би ја направил без пари и одбери тоа да ти биде професија – тогаш цел живот нема да имаш потреба да „работиш“. Таа реалност практично ја живеам.
Теренот носи адреналин и непредвидливост, додека студиото бара апсолутна контрола. Во која од овие две улоги се чувствувате повеќе свој на своето?
Искрено, на терен. И на терен е потребна контрола, исто како и во студиото, кое понекогаш носи адреналин и непредвидливост. Највозбудливите епизоди од мојата досегашна кариера сум ги доживеал на терен. Можеби затоа сега, дури и самоиницијативно, од студио одам понекогаш директно на терен да снимам. Во студио се коментира тоа што се случува на терен. Теренот е главниот извор на речиси сите информации.

Кој е најдобриот совет што некогаш сте го добиле од постар колега, а кој денес со задоволство им го пренесувате на помладите?
Советот беше да бидам подготвен на тоа дека во Македонија ниту една добрина нема да остане неказнета. За жал, ова е една голема вистина и поради тоа треба да ја знаат и помладите, за да не бидат изненадени или разочарани.
Постои една стара новинарска максима, дека „веста е она што некој не сака да биде објавено, а сè друго е односи со јавноста“. Дали во Македонија стана потешко да се разграничат овие две нешта и каде вие ја повлекувате линијата?
Линијата дефинитивно е јавниот интерес. Но, во право сте. Што и да кажете, секоја политичка гарнитура на власт нема да сака да го чуе тоа, а таа спротивната сигурно ќе сака. Тешко е да се објасни дека тоа се неутрални ставови. Меѓутоа, како што кажав, јавниот интерес тука пресудува: дали нешто е добро за граѓаните и државата или не; дали објавувањето на проблемот ќе придонесе да се подобри некоја состојба или само ќе се користи за евтин партиски ПР. Сите тие дилеми исчезнуваат доколку се следи јавниот интерес.
Во ера на апсолутна поларизација, јавноста често не бара објективност, туку потврда за сопствените предрасуди. Дали некогаш сте се почувствувале осамено во инсистирањето на фактите наспроти емоциите на публиката?
Да бидам искрен – не. Јавноста кај нас, барем добар дел од неа, знае што е добро за државата и кои се вистинските проблеми. Сѐ почесто се сензибилизира и емотивно се реагира на теми за кои и јас лично мислам дека се основни. Тоа е, секако, елементарна пристојност на просторот во кој живееме. Да не бидеме држава и народ кои се познати по отпадоците, дивите депонии и руинираните градови. Регионот оди брзо напред. Срамота е да заостануваме.
Кога ги анализирате реакциите на вашите материјали, што најмногу ве допира – острата критика, безрезервната поддршка или неочекуваните лични приказни од публиката?
Дефинитивно поддршката. Многу ми е олеснувачко кога гледам и сфаќам дека не сум осамен, туку дека и многу други сограѓани го делат истиот сентимент и љубов кон Македонија. Тоа ми е голем мотив.
Кога нападите во дигиталниот простор стануваат лични, кои се вашите први чекори за да ги заштитите сопствената безбедност, мирот во домот и менталното здравје?
За жал, неколкупати сум бил мета на закани, и отворени и латентни. Од отворените, секако, најсериозни се тие за моја ликвидација. Во тој случај, секако, се активираат и МВР и Обвинителството и постапуваат. Со текот на годините некако се навикнуваш на таквите појави и полесно ги пребродуваш. Мислам дека успешно изградив механизам за да не го нарушувам мирот дома поради природата на мојата работа. Во однос на менталното здравје, тука секако сум успешен, имајќи предвид дека сум израснат со психијатар дома. Татко ми беше еден од подобрите психијатри кај нас и, нормално, уште од дете ме научи како да се грижам за внатрешниот мир.
Како ја менаџирате професионалната скепса за таа да не премине во цинизам? Како успевате, по толку години во македонскиот медиумски простор, сè уште да верувате во луѓето и во подобро утре?
Не може да барате и да се борите за подобро утре, ако искрено не верувате дека тоа е можно. Ако не верував, мојата борба ќе беше неискрена и лажна. Скепсата секогаш постои. Искуството изминативе години ни покажа дека кај нас повеќе се говори за проблемите, отколку што се решаваат. Да потрошевме како општество толку енергија за работа, колку за зборување и пи-ар, Македонија ќе беше поубаво место.

Постои ли приказна или интервју во вашата кариера која ве промени приватно, која ве натера да се вратите дома и долго да размислувате за сопствените животни вредности?
За жал, не. А сакам да има такво. Како и да е, сметам дека животните вредности ми се веќе стабилно поставени. Секако, цело време треба да се размислува за сѐ.
Која е најголемата заблуда што луѓето ја имаат за вас врз основа на она што го гледаат на екраните или на социјалните мрежи?
Луѓето мислат дека моја работа е постојано да одам и да снимам видеа за неуредениот простор. Јас сум вработен во телевизијата „Канал 5“ како уредник на вести и водител на „Само вистина“. Тоа што луѓето го гледаат на социјалните мрежи го правам надвор од работното време и целосно на мој сопствен финансиски трошок. Целосно! Многумина ми велат: „Оди снимај таму или онаму“, но треба сите да знаат дека времето ми е ограничено и сѐ што произведувам е направено во тоа малку слободно време што го имам.
Ако ја соблечеме вашата професија како палто – кој е Александар кога не мора да има мислење за секоја општествена криза и кога не мора да ги следи вестите на секој час?
Александар е човек кој многу сака да слуша музика. Кој го интересира астрономија. Кој сака да готви и има потреба да молчи.
На што најмногу му замерувате на вашето помладо „јас“, а за што му се воодушевувате?
Му замерувам што многупати се колебаше за некои работи. Некои работи требаше да се случат порано. Но, сѐ се случува со причина, така што верувам дека и во мојот случај било така. А најмногу му се воодушевувам што во моменти кога требаше да биде храбар, испадна бестрашен. Ха-ха… ова е стварно така.
Имате ли свој ритуал за „ресетирање“ по посебно напорна недела или емисија? Како изгледа вашата кратка пауза од светот?
Паузата се состои од долги прошетки на Водно. Понекогаш сакам да седнам и во некој од моите неколку омилени угостителски објекти. Сакам да одам на кафе или ручек, понекогаш сам. Сепак, сонот е тоа што отсекогаш ми било многу важно. Колку и да имам работа, секогаш гледам да имам барем 7-8 часа квалитетен сон.
Ако вашиот живот и кариера треба да се опишат со наслов на една книга или филм, кој наслов би го избрале?
„Сапиенс“.
