Тони Манев

Тони Манев

Ултрамаратонот е начин на живот, а не само километража

Што го тера еден човек да помине со денови на планина, да спие само осум часа за шест ноќи и да го турка сопственото тело до крајните граници на издржливоста? За повеќето од нас, дестинациите од 200, 300 или 400 километри се мерат во часови возење со кола. За Тони Манев, тие се мерат во чекори, надминати кризи и постојана борба со самиот себе.

Откако влезе во историјата како првиот Македонец што завршил трка од 400 километри, Тони отворено зборува за својот пат – од аматерските почетоци со несоодветна опрема на Пелистер, до основањето на Ultra Trail Team и освојувањето на најсуровите светски патеки.

Ова не е само приказна за трчањето, километражите и физичката подготовка. Ова е разговор за менталната сила, за поддршката од најблиските кога е најтешко и за сознанието дека вистинските граници не ги поставуваат нозете, туку главата.

Кое прашање најчесто ви го поставуваат кога ќе кажете дека трчате повеќе од 200 км?

Најчесто првата реакција е: „А бе, јас со кола возам толку километри и се уморувам, а не да ги истрчам!“
Потоа следуваат прашањата: „Како издржуваш?“, „Што јадеш и што пиеш додека трчаш?“, „Како можеш толку долго да бидеш во движење?“ А многу често ме прашуваат и: „Не ти е страв да трчаш ноќе, сам, по планина?“

На луѓето им е тешко да си замислат како може некој да помине 200, 300 или 400 км трчајќи со денови на планина. Искрено, и мене ми беше незамисливо пред да почнам. Но, со секоја следна трка поместуваш една граница и сфаќаш дека човекот може многу повеќе отколку што си мисли.

Зошто? Што барате таму после 100-тиот километар?

За мене ултрамаратонот не е само километража. Тоа е многу повеќе од трка.
Интересно е што после 100 км, како да влегуваш во една друга фаза. Телото веќе се навикнува на движењето, болката што ја чувствуваш на почетокот не ја доживуваш на ист начин и некако влегуваш во ритам.

Тогаш веќе не е толку прашањето дали физички можеш да продолжиш, туку како ќе ја водиш главата. После толку часови во движење, мораш ментално да се организираш – да не размислуваш колку километри ти остануваат, туку да одиш чекор по чекор, од една точка до друга.

Мене токму тоа ме привлекува кај ултрамаратонот. Сакам да видам до каде можам да стигнам, не само физички, туку и ментално. После одредена дистанца веќе не се натпреваруваш само со километри, туку со самиот себе. Продолжувам затоа што сакам да знам што има зад следната планина, што ме очекува по следниот свиок, како ќе ја поминам следната ноќ, затоа што сум вложил труд, време и затоа што не сакам да се изневерам себеси, а потоа и сите кои ме поддржуваат.

Toni Manev

Кога си рековте: „Можам да истрчам ултрамаратон“?

Искрено, не паметам момент кога сум си рекол: „Јас можам да истрчам ултрамаратон.“ Но, добро паметам кога си реков јас нема никогаш да успеам да истрчам ултрамаратон над 100 км.

Тоа беше на една трка на Пелистер од 67 километри. Тогаш бев тотален аматер, со несоодветни патики и опрема и практично неспремен за тоа што ме чека. Имав огромен замор, нозете ми беа тешки и во глава постојано си повторував: „Ова е максимумот. Никогаш нема да можам да истрчам повеќе километри од ова.“ Со болки во нозете, стапалата, се борев да стигнам до финишот и повеќе никогаш да не трчам долги трки.

Сепак, ја завршив трката како деветти. И само два дена подоцна, се пријавив на трка од 110 км.
Мислам дека токму тогаш се роди ултрамаратонецот во мене. Сфатив дека границата што си ја поставуваме во главата многу често не е вистинската граница на телото. Сфатив дека нозете не се тие кои треба да кажат кога ќе застанеш, главата е таа која одлучува.

Што работите и како изгледа вашиот живот надвор од трчањето?

Работам приватно, и сега и во минатото, и мислам дека токму тоа ми овозможува да имам одредена слобода и сам да си го организирам времето. За ваков начин на живот тоа ми е многу важно, затоа што подготовките за ултрамаратон бараат многу време и посветеност. Љубител сум на секаков спорт, а најмногу на фудбалот, често сум пред ТВ и ги следам најквалитетните првенства.

Но, трчањето не е само лична приказна. Јас сум основач на Ultra Trail Team, каде што денес имаме повеќе од 25 членови. За мене тоа е многу повеќе од обичен клуб – тоа е друштво на луѓе со заеднички интереси, кои тренираат, одат заедно на трки, се мотивираат се дружат и си помагаат.

Две години по ред ја организираме Vardiste Trail, трка од 17 км во околината на Штип, организираме и детска трка во природа Вардиште КИДС, така што се трудиме и како тим да придонесеме за развојот на овој спорт кај нас.

И приватно ми е важно да бидам опкружен со позитивни луѓе. Луѓе кои имаат енергија, цели и желба да напредуваат. Мислам дека многу влијае на човекот со какви луѓе го поминува времето.

Што велат најблиските кога ќе им кажете дека пак одите на ултрамаратон?

Најчесто првата реакција им е: „А бе, зошто ти треба пак тоа? Зошто толкава дистанца?“

И ги разбирам. Отстрана навистина звучи малку лудо – да заминеш и со денови да трчаш стотици километри. Но, иако можеби не секогаш им е јасно зошто го правам тоа, кога ќе дојде време за трка, ја имам нивната најголема поддршка. Тоа многу ми значи.

Мислам дека најблиските можеби не мора целосно да го разбираат тоа што го правиш. Доволно е да знаат колку тебе ти значи и да бидат со тебе. Таа поддршка најмногу ме крева кога ми е најтешко. Кога почнувам да трчам оставам сè зад себе, но имам еден ритуал – кога ми е најтешко отворам мобилен и знам дека таму имам безброј пораки со поддршка. Тука кризата завршува.

Што се случува со телото кога е толку долго во движење?

Телото поминува низ многу различни фази. На почетокот имаш енергија, адреналин и сè изгледа релативно лесно. Но, како што минуваат часовите, почнуваш да го чувствуваш секој дел од телото. Па почнуваш ништо да не чувствуваш.

Мускулите се заморуваат, стапалата страдаат, се појавуваат болки, а телото мора постојано да се прилагодува. Но, кај ултрамаратонот не е само прашањето што му се случува на телото – многу важно е како реагираш ти на тоа. Многу е битно да се прилагодувам и да бидам спремен на временската разлика – од плус 32 степени, за краток период времето се менува, паѓа ноќ, а паѓа и температурата на 2 степени. Тоа е вистински шок за телото.

Со годините научив многу добро да го познавам телото и да знам што ми треба во одреден момент. Кога да притиснам, кога да забавам, кога да јадам, кога да пијам и кога едноставно треба да одморам. Кризните моменти се минливи и само со здрав разум ќе траат кратко.

Кој е најтешкиот момент на една трка?

Мислам дека најтешкиот момент е оној кога физички сè уште можеш, но главата почнува да ти зборува дека треба да престанеш.
Сум имал обратен момент кога бев со големи болки во колената, рани на стапалата, огромен замор, недостиг на сон… Но, тогаш гледам да не размислувам за целата дистанца што ми останува.

Си велам: „Не морам сега да завршам 100 км. Треба само да стигнам до следната точка.“

И така, чекор по чекор, километар по километар, продолжуваш. Се трудам да најдам мотивација, да се радувам на извор вода што наоѓам попатно, да седнам, да одморам. Тешки се и моментите кога гледате како некој друг е на работ на откажување, па вие го мотивирате, бидејки веднаш се ставам јас на тоа место.

Toni Manev

Кој ви бил најголем извор на мотивација во најтешките моменти?

Во 2024 година, на Eiger, утрото кога јас заминував на старт, мој многу добар другар заминуваше на тешка операција. Во истиот момент кога јас ја почнував трката, тој почнуваше со операција.

Тогаш си реков: „Ако успеам јас, ќе успее и тој.“ И мораме да успееме.

После 200 км имав болки во колената и рани на стапалата, а немав никаква информација за него. Тоа ми беше еден од најтешките моменти. Мислам дека ако немав нешто толку силно во главата за што трчам, можеби ќе се откажев.

Тоа ми беше доказ дека на вакви дистанци секогаш ти треба и добра мотивација. Некогаш физичката подготовка те носи до одредена точка, а потоа причината зошто продолжуваш те носи уште подалеку.

Што си велите во таков тежок момент?

Не си велам ништо посебно и комплицирано. Напротив, гледам да не мислам премногу. Си велам: „Само уште малку.“
Не гледам колку километри имам до крај, затоа што ако почнеш да размислуваш за 100 или 200 км во момент кога си изморен, тоа може психички да те скрши.

Си поставувам мали цели – следната контролна точка, следниот километар, следниот оброк, следен врв….И така ја делам големата дистанца на мали делови. На вакви долги дистанци секогаш запознаваме луѓе од разни држави, па знаеме и да се шегуваме: „ајде уште малку“, нормално, доколку се разбереме, некогаш секој зборува на својот јазик, па во тој општ хаос не осеќам кога поминале 10, 15 км.

Што откажува прво – нозете или главата?

Ако главата посака да откаже, без разлика колку се нозете здрави и неуморни, тука завршува сè. Затоа мислам дека кај ултрамаратонот менталната подготовка е дури и поважна од физичката. Мораш да знаеш дека ќе дојде момент кога ќе те боли, кога ќе бидеш изморен и кога ќе сакаш да престанеш. Болката во нозете е минлива, нормално доколку не се работи за повреда, но прашање на време е кога ќе исчезне, треба само верба и силна желба. Мораш да си спремен да ги издржиш тие моменти, часови… Ако однапред го прифатиш тоа, полесно го поминуваш моментот кога навистина ќе дојде.

Дали постои ситуација што ви покажала колку може да оди човековата издржливост?

После толку часови и денови во движење, со недостиг на сон и акумулиран замор, доаѓаат моменти кога не си на истото ниво на концентрација како на почетокот.
Бев сведок на момент кога на Julian alps 170k, на планината Стол, некаде среде ноќ, натпреварувач од Италија, легнува и заспива на сред патека на раб на провалија. Кога побарав да стане бидејќи не е безбедно, тој беше толку дезориентиран, не знаеше каде е, а не знаеше ни што прави таму во моментот. Се движеше со мене неколку следни километри и се откажа.

Тогаш сфаќаш колку е важно да си подготвен и за менталниот дел од трката, не само физичкиот. Кај вакви дистанци човек може да биде многу изморен, но токму тогаш мора да знае да препознае што е нормален замор, а што е сигнал дека нешто не е во ред.

Мислам дека човечката издржливост е неверојатна, но исто така научив дека не значи дека треба по секоја цена да го туркаш телото преку границата. Сето ова е искуство кое го собирам со години.

Како изгледа исхраната за време на една ваква трка?

На вакви дистанци храната не е нешто споредно – таа е гориво. Во текот на трката јадам и пијам постојано, во зависност од тоа што ми бара телото и што можам да поднесам во тој момент. Не можеш да очекуваш дека после 200 или 300 км ќе јадеш исто како на почетокот. Или како дома.

Важно е да се надополнуваат енергијата и течностите, но исто така да слушаш што ти кажуваат желудникот и телото. Ние ултрашите имаме многу битни два збора кои стално ги повторувам: јади, пиј.

Никогаш не треба да чекаме да почувствуваме глад, тогаш е предоцна. Затоа со себе носам енергетски барови, микс од јаткасти плодови, суво грозје, сол, гумени бонбони, сето тоа ми е при рака и го консумирам постојано, така се одржувам до следната контролна станица, а таму јадам сè што ми се нуди. Телото троши повеќе од што можам да изедам, така што нема прибирање. Вода и електролит секако.

Toni Manev

Како се одржувате и останувате будни?

Ова е еден од најтешките делови на ваква трка. Заморно е да трчаш ноќе со ламба, очите се заморуваат, а кога на тоа ќе се додаде и физичкиот замор, желбата за сон станува огромна. А временскиот лимит кој го дал организаторот не ви дозволува да се опуштате.

Првата ноќ обично адреналинот те држи и практично немаш ни шанса да заспиеш. Кај оваа трка, дури третата ноќ успеав да спијам околу час и половина до два часа.
На целата трка од шест ноќи, вкупно спиев околу осум и пол часа.

Токму затоа и во подготовките знам да трчам ноќе. Сакам телото и главата да знаат како изгледа движење во такви услови, затоа што на самата трка не можеш да очекуваш дека сè ќе се одвива како во нормален ден. Едноставно мораш да си буден. А секоја можност, на контролна станица, затворам очи макар и 5 мин.

Како изгледа фазата на подготовки?

Кога сум во фаза на подготовки, неделно гледам да правам околу 80 до 100 км, зависно и од елевацијата.
Најчесто викендите ми се резервирани за long run, а некогаш правам и два тренинга во денот – сабајле и навечер. Знам да вметнам и ноќно трчање, затоа што сакам да бидам навикнат на условите што ме очекуваат на самата трка.

Некогаш намерно тренирам и во потешки услови, на гладно или со помалку вода, за да го запознаам телото и да знам како реагира кога условите не се идеални и кога сум ја истрошил залихата. Знам да направам и три дена по ред long run, особено кога се подготвувам за навистина долга трка. Најдобро ги користам трките што се кај нас, тие ми се најдобар тренинг, таму можам да експериментирам и со опрема и со исхрана.

После такви периоди следуваат ден или два за закрепнување. Тогаш ми се најважни добрата исхрана, хидратацијата и сонот.
Со годините и со километражата што ја имам зад себе, мислам дека многу добро си го познавам телото. Добриот сон е една најбитна алка во подготовката, особено деновите пред старт.

Која е најголемата грешка што сте ја направиле на трка?

Можеби најголемата грешка што сум ја направил е што сум научил понекогаш да бидам премногу упорен, дури и кога нешто не е во ред. Лани на ултра во Норвешка се повредив на околу четвртиот километар, но сепак продолжив уште 67 километри, иако препораката од физиотерапевтот беше веднаш да застанам. Денес гледам дека тоа не е секогаш храброст – понекогаш треба да знаеш и кога да застанеш.

А на оваа трка направив една друга, можеби техничка грешка. Тргнав со часовник за кој се сомневав дека GPX нема да издржи цела трка, и навистина не издржа. Немав целосен GPX па дури 330 километри морав постојано да се држам до некого за да знам каде се движам. Овие рути не се маркирани или делумно се. Се движите низ планинарски маркации кои знаат да се вкрстуваат и невозможно е да успеете. Па така уред на кој ќе ја имате целата рута е задолжителен. Едноставно организаторот можеше да ме дисквалификува од настанот.

Тоа ми беше голема лекција. На вакви дистанци не е доволно само да си физички подготвен. Мораш да бидеш подготвен и логистички, да имаш резервен план и да мислиш на работи што можат да се случат.

Среќа добро одиграв, избрав солидна екипа со која доста време движевме заедно.

Како го чувате телото после толку години трчање?

После толку години трчање, научив дека одморот е исто толку важен колку и тренингот. Секоја година си земам и период од околу десетина дена целосен одмор, особено после ваква долга и тешка трка, за телото навистина да закрепне.

Ако почувствувам и најмала болка за која ќе проценам дека може да биде најава за повреда, веднаш намалувам или земам одмор. Подобро ми е да одморам ден, два, па и една недела кога чувствувам дека нешто не е во ред, отколку да форсирам и да дојде до повреда што потоа ќе ме оддалечи од трчањето со месеци.

Со годините научив една работа:„Ако не му дадеш на телото одмор, телото само ќе си го земе.“ Само што тогаш одморот веќе не е по твој избор.
И да, најдобар одмор е лесен краток тренинг. Кога сте во добра кондиција, подобро е 30 минутен лесен тренинг и, секако, кратко истегнување на мускулите.

Која трка ве променила најмногу и на која сте биле најгорди?

Горд сум на секоја трка, ги имало кратки на кои сум имал подиум.

Ако треба да издвојам една трка што ме променила најмногу како човек, тоа би била Eiger во 2024 година.
Бев особено горд кога на 8 Септември, на Денот на независноста на Македонија и роденденот на мојата мајка, ја завршив Julian Alps од 170 километри, првите мои 100 милји. Тоа за мене имаше посебно значење, да финиширам токму на тој ден.

Потоа бев горд и кога го завршив Eiger од 270 километри и станав првиот Македонец што поминал толку голема дистанца и приказната која ја раскажав.
А најгорд сум сега. На оваа трка успеав да завршам 400 км и да станам првиот Македонец што завршил трка на толкава дистанца.

И искрено, горд сум и самиот на себе, затоа што чувствувам дека целата моја посветеност, сите тренинзи, жртвувања и часови поминати во подготовка конечно се исплатија.
За мене, најубавото чувство не е само тоа што сум завршил 400 км, туку што знам колку многу сум вложил за да стигнам дотаму. И секако горд, бидејќи ова е лично мој труд, без помош, без логистика. Искрено, кога ги гледам дел од останатите тркачи со каква логистика доаѓаат на трка, со каква финансиска помош доаѓаат таму, се прашувам па како ли успевам да се носам со нив.

Ако утре повеќе не можете да трчате, што најмногу би ви недостигало?

Ако утре веќе не можам да трчам, мислам дека најмногу би ми фалело чувството што го имам додека трчам. Би ми фалеле и планината, натпреварите, подготовките, финишот… но, најмногу би ми фалел самиот момент кога сум сам со себе, а сепак некако поврзан со луѓето околу мене.

Трчањето ми донесе многу повеќе од километри и медали. Ми донесе луѓе, пријателства, патувања и моменти што ќе ги паметам цел живот.
И можеби токму човекот кој станувам додека трчам би ми фалел најмногу. Затоа што трчањето со текот на годините стана дел од мене. Трчањето е начин на живот.