Постојаното повторување на едни исти вежби води до монотонија, а што е уште поважно, го забавува напредокот. Доколку заглавивте во рутина, сакате да испробате нешто ново или едноставно имате желба да ги поместите сопствените граници, инвестирањето во неколку едноставни фитнес реквизити може да направи огромна разлика.
Tегови
Ако постои реквизит кој ја носи круната за универзалност, тоа дефинитивно се теговите. Независно од вашето ниво на физичка подготвеност, тие доаѓаат во најразлични форми, димензии и тежини, овозможувајќи ефективен тренинг за целото тело.
Придобивките од вежбањето со тегови се бројни: подобра координација, поголема мускулна активација и подобра стабилност.
Тие се одличен избор доколку сакате да го отежните тренингот преку зголемување на бројот на повторувања, продолжување на опсегот на движење или забавување на темпото.
Подлога за јога
Подлогата за јога е едноставен додаток, но таа фундаментално ја менува удобноста при вежбањето. Нејзината примена одамна ги надмина рамките на јогата, па совршена е за пилатес, вежби за сила, ХИИТ тренинзи и истегнување.
Вежбањето на мека површина е далеку попријатно отколку на ладен и тврд под. Подлогата создава заштитен слој кој им помага на мускулите да ја задржат топлината, со што движењата стануваат побезбедни и потечни. Дополнително, заштитата од лизгање ви овозможува стабилност и сигурност при изведувањето на секоја поза.
Тркало за стомачни мускули
Ова е моќна алатка за сите кои сакаат силно и дефинирано подрачје околу стомакот.
Иако примарно ги таргетира стомачните мускули, оваа вежба интензивно ги активира и горниот дел од грбот и рамениците.
Движењето бара стабилност на ’рбетот слична како кај познатата вежба планк, но со значително повисок интензитет. Поради тоа, подобро е прво да ја совладате класичната издржливост при планк, а потоа да преминете на тркалото.
Зајакнувач на стисок
Многумина го занемаруваат тренингот на дланките, но вистината е дека речиси секоја вежба за горниот (па и за долниот) дел од телото зависи од тоа колку цврсто можете да го држите тегот. Истражувањата покажуваат дека слабиот стисок често е најголемата пречка за напредок при вежбање.
Овие компактни и преносливи уреди се стискаат со дланката за да се изгради сила во рацете, зглобовите и подлактиците.
Интересен факт: Науката докажува дека силата на стисокот е директно поврзана со општото здравје и долговечноста. Едно истражување дури покажува дека секое намалување на силата на стисокот за 5 кг е поврзано со 17 % поголем ризик од општа смртност.
Ластици
Еластичните траки се извонредна алтернатива за тегови. Тие овозможуваат подобрување на силата, мобилноста и активацијата на трупот, нудејќи ја истата мускулна стимулација како теговите, но со значително помал ризик од повреди.
Нивните најголеми предности се достапноста, практичноста за патување и заштедата на простор. Исто така, тие се незаменлив дел од физикалната терапија и од рехабилитацијата. Доаѓаат во различни форми и со различен степен на отпор, што ги прави прилагодливи за сечие ниво на форма.
Тегови за глуждови
Теговите за глуждови се практичен начин да додадете дополнителен отпор во секојдневните движења. Истражувањата покажаа дека нивното користење може да ја подобри динамиката на одењето, да го намали процентот на телесни масти и да го заштити кардиоваскуларното здравје.
Една студија покажа дека носењето лесни тегови на глуждовите и зглобовите (од само 0,5 кг) трипати неделно по 20 мин. во период од 6 месеци, значително го намалува обемот на струкот и процентот на масни наслаги. Кај постарите возрасни лица, тие дополнително ја подобруваат рамнотежата и контролата на зглобовите.
Не се препорачува нивно носење за време на трчање или кардио активности, бидејќи тоа може да создаде непотребен притисок врз зглобовите.
Медицинска топка
Медицинските топки се цврсти, тешки топки кои доаѓаат во најразлични димензии и тежини. Тренингот со нив е идеален за развивање сила, издржливост и рамнотежа.
Студиите покажуваат дека динамичниот тренинг со медицинска топка има речиси ист кардиоваскуларен ефект врз телото како и интервалното трчање или возењето велосипед.
Кетлбел
Кетлбелот е железен тег во форма на топка со карактеристична рачка. Овој реквизит нуди сосема поинаков концепт на вежбање заснован на динамични движења кои истовремено развиваат сила, издржливост, кардио капацитет и рамнотежа.
Главната причина за огромната популарност на кетлбелот е неговата ефикасност – со само едно парче опрема можете да направите сесија за цело тело. Научно е докажано дека редовниот тренинг со кетлбел може да ја зголеми силата на јадрото (стомакот и грбот) за дури 70 %, а воедно ги подобрува аеробниот капацитет и силата на рацете.
