Аерозагадување

Аерозагадување

Мерки што треба да ги преземете веднаш!

Невидливиот убиец со кој честопати забораваме дека сме во битка е загадениот воздух. Поради многуте проблеми со кои се соочуваме, загадувањето никако да стаса на листата приоритети. А треба! И тоа веднаш!

Според СЗО, од загаден воздух годишно во просек умираат 3.3 милиони луѓе ширум светот, што е потврда дека во современиот свет, луѓето го губат основното право – да дишат чист воздух!

Стапката на смртност не ја диктираат само големите индустриски зони. Професорот Френк Кели, раководител на секторот за здравје при Кинг Колеџот во лондон, посочува дека секојдневното патување од работа до дома, во голем сообраќаен метеж, долгорочно може да предизвика проблеми со здравјето.

Загадениот воздух изобилува со илјадници различни токсични материи, вклучувајќи гасови како нитроген диоксид и јаглерод пероксид, но најголема закана се озогласените PM 2.5 честички. Со големина колку 400-тинка од милиметар, овие честички непречно се лепат за белите дробови. Вгнездувајќи се во организмот, поттикнуваат безброј воспаленија и заболувања како астма, срцеви болести врзани со оштетување на крвните садови, па сѐ до дијабетес тип 2.
Загадениот воздух е особено фатален за бебињата кои по подолга изложеност на PM 2.5 честичките, се изложени на ризик од слаб и недоволен развиток на белите дробови и подоцнежни проблеми со дишењето. Загадениот воздух стана една од водечките причини за предвремен пораѓај и раѓање бебиња со потпросечна телесна тежина.
Постојат и докази дека загадениот воздух влијае и на плодноста, а истражувањето од Универзитетот на Јужна Калифорнија открива дека луѓето кои живеат во екстремно загадени подрачја, имаат 92 % поголеми шанси да заболат од Алцхајмер – PМ честичките се вдишуваат преку носот и патуваат до мозокот каде предизвикуваат воспаленија поврзани со појава на деменција.
Загадувањето влијае дури и на кожата, според Journal of Investigative Dermatology, луѓето кои живеат во подрачја со густ сообраќај, имаат 20 % поголема пигментација на кожата на лицето.

Сѐ повеќе докази укажуваат на тоа дека загадувањето на воздухот влијае на мозочната функција и на однесувањето. Бидејќи лесно стигнуваат до белите дробови, малите честички го намалуваат протокот на кислород во крвотокот. Истражувањата покажаа дека ова може да влијае на продуктивноста, стратешките избори, академските перформанси и менталното здравје.
Врската помеѓу загадениот воздух и менталното здравје има биолошко објаснување. Изложеноста на честичките може во голема мера да ги зголеми нивотата на цитокини – невротрансмитери произведени како одговор на инфекција или воспаление, кои исто така се поврзани со депресија. Под дејство на загадувањето доаѓа до воспалителен процес во мозокот, што може да го наруши расположението и способноста тоа да се контролира.
Индустриските и неиндустриските објекти, производните процеси, патниот сообраќај, согорувањето отпад, се само дел од факторите што го загадуваат воздухот. Но, загадувачи има и во домовите: Мувла, пластика, олово, средствата за хигиена, сите овие се извор на штетни честички што најчесто ги потценуваме. Димот од нечистите оџаци и согорувачите за греење се причинители за појава на болести и смртност кај 4.3 милиони луѓе годишно.

Што можете да сторите да се заштитите?

Следете ги бројките

Вашиот прочистувач дома и апликацијата на вашиот мобилен телефон е добар показател за нивото на загаденост, па добро е да ги следите податоците за да знаете кога е подобро да останете дома. Апликацијата AirCare го покажува измереното ниво на квалитетот на воздухот (AQI), нивото на PM10, PM 2.5 и просечното загадување во одреден временски период. Подеднакво корисна е апликацијата Plume Air Report, која ја прикажува ситуацијата ширум светот во случај да патувате. Тука ги има сите горенаведени податоци, предвидувања за идниот период, плус совети за тоа колку е безбедно да возите велосипед или да пешачите на отворено.

aerozagaduvanje

Внесувајте витамини

Витаминот Е помага при заштита на белите дробови од ефектите на многубројните штетници во воздухот. Сино-зелените алги како спирулина или хлорела се одлични прочистувачи на организмот, богати со антиоксиданти и витамин Е, и се врзуваат со токсините па не дозволуваат нивна апсорпција. Омета – 3 масните киселини исто така имаат силно антивоспалително дејство и го заштитуваат мозокот од оксидативно оштетување, дополнително го штитат мозокот од невротоксините.

Прочистете го домот

Освен прочистувач, набавете есенцијални масла за прочистување на просториите од токсини и така ќе ги заштитите дишните патишта од воспланија. Друга опција се цвеќињата како фикус, алое вера и хризантема.

Обрнете внимание на храната

Околу 80% од преработените хемикалии кои ги внесуваме во организмот доаѓаат од храната. Пестицидите се главни сојузници на канцерогените клетки, а ризикот расте правопропорционално на озложеноста – по 1 човек умира на секои 30 минути како резултат на загаденоста на почвата. Голема улога играат и антибиотиците и хормоните присутни во намирниците. Со секое јадење месо или млечни производи, ги апсорбираме и хоромните со кои се третирани животните, а тоа води до нарушување на хормоналниот баланс во организмот (зголемен ризик од неплодност и канцерогени заболувања). Масната риба може да содржи високо ниво на жива и полихлорирани бифеноли со кои е загадена водата во која пливаат.

За да избегнете високи дози пестициди, најдобро е да консумирате производи од пониските редови на синџирот на исхрана како зеленчук. Кај месото, огромна е веројатноста дека животното претходно било хрането со трева прекриена со пестициди, а тука биоакумулацијата е уште поголема, бидејќи животните во текот на животниот век складирале високо ниво на хемикалии.

Избирајте органско

Органските производи се произведени без употреба на хемикалии, хормони и антибиотици. И затоа се доста поскаппи. Експертите советуваат намирниците што ги консумирате во поголеми количини, добро е да се органски. Тестенините и оризот се добар избор исто и млекото. Агенцијата за храна во Обединетото кралство откри дека најзагадени се агрумите, зеленчуците скриеносеменици, грозјето, јаболката и крушите, затоа тие нека бидат органски. Ако нема назнака, не залетувајте се по најголемото јаболко или компир со совршен изглед. Органското не изгледа сочно и примамливо.

Јадете свежо

Избегнувајте брза храна по секоја цена и готови јадења исто така. Храната може да е изложена на хемикалии ако е изведувана во фабрика или пакувана. Користете колку што е можно повеќе свежи производи наместо онакви пакувани во пластика или конзерва.