Анксиозни сонови

Анксиозни сонови

Ноќниот терор со кој се соочуваат возрасните

Секогаш кога ќе ги потиснете грижите во текот на денот, потсвеста ќе ги врати на површина додека спиете и вие ќе се соочите со анксиозен сон. Овие сонови се пропратени со чувство на вознемиреност, паника, срцебиење, конфузија, тага, страв, штом се разбудите и штом се присетите на сонот во текот на денот.

Препознавање на анксиозниот сон

Анксиозните сонови може да се однесуваат на што било од секојдневна и реална случка, до филмско сценарио кое вклучува бегање од нештата што ве плашат.

Она што ги одликува овие несекојдневни сонови се многуте симболи и тенденцијата да се повторуваат, со извесни разлики од еден до друг сон. Исто така многу се уверливи, па сигурно ќе почувствувате силна потреба да си повторите неколкупати дека тоа било само сон.

Што ги поттикнува анксиозните сонови?

Главната причина зад анксиозните соништа се анксиозноста или стресот. Секогаш кога луѓето не сфаќаат дека се вознемирени во нивните будни животи, тие го рефлектираат потиснатото чувство во текот на ноќта.

Потсвеста е постојано свесна и затоа таа се обидува сиот потиснат стрес да го пренесе до вашиот свесен ум користејќи го сонот.

Колку и да се трудите да ги игнорирате проблемите, потсвеста ќе ве потсети дека за да ги решите неопходно е да ги признаете и да работите на нив.

Колку и да се вознемирувачки, овие сонови постојат за да ве направат свесни за проблемот кој го оштетува вашето ментално, физичко, емоционално и/или духовно здравје. Затоа, почнете да ги доживувате како аларми што ве потсетуваат дека треба да смените нешто во вашиот живот.

Ако упорно ги игнорирате тие ќе стануваат сѐ поупорни, а на долг рок тоа сериозно може да биде штетно за сите аспекти од вашето здравје и благосостојба.

Како да ги спречите анксиозните соништа?

Секое соочување, признавање и решавање на проблемот што ве вознемирува во реалниот живот, несомнено води до стопирање на овие соништа. Меѓутоа, ако вашиот проблем не може да се реши за брзо време, никако не смеете да се оставите без квалитетен сон.

Неопходно е да преземете сѐ што би можело да го намали негативното влијание на анксиозниот сон или сѐ што би можело да ви донесе мирен сон од кој ќе се разбудите одморени и полни со сила да се соочите со проблемите.

Навики што треба да ги избегнувате пред да си легнете:
  • храна, најмалку 2 часа пред легнување (особено кофеин и алкохол)
  • сина светлина (телефон, компјутер, ТВ) најмалку 2 часа пред спиење
  • чување на телефонот близу главата
  • стресни разговори, проверка на мејлови, па дури и страшни филмови
Навики што треба да ги усвоите пред да си легнете:
  • медитација
  • длабоко дишење
  • слушање смирувачка музика
  • лесни вежби за истегнување
  • топла (не претопла) бања
  • шолја смирувачки чај (камилица)
  • бавна прошетка во соседството
  • читање инспиративна книга
  • евоцирање убави спомени со семејството

Непосредно пред да потонете во сон, кажете си во себе дека ноќта ќе спиете мирно. Порано или подоцна мозокот ќе ве послуша.

Добра ноќ!