Антидепресиви

Антидепресиви

Терапијата за која сè уште се дискутира зад затворени врати

Во определен период од животот сите ќе треба да се сретнеме со човекот во бело со суфикс психијатар. Но, колку од нас навистина ќе ја остварат таа средба за која сè уште е срамно да се дискутира?

Онаа состојба на анксиозност пропратена со чувство на заробеништво во сопствените емоции и мисли кои се чини дека никој не ги разбира, плус константна меланхолија и недостиг на волја за живот, не секогаш може да се решат со разговор.

Доколку длабоко навлезете во анксиозноста и пројавите први знаци на депресија, психијатарот без многу двоумење ќе ви препише антидепресиви за да ве извади од бездната.
Вие веројатно ќе помислите дека е крај на светот штом сте стасале да пиете антидепресиви, голем дел од вас нема да се предадат, па ќе гледаат да го средат проблемот на најприроден можен начин, а ќе има и такви што ќе молчат.

СТРАВ ОД ОСУДА

Сериозни депресивни симптоми остануваат неразрешени, потиснати длабоко во душата и мудро го чекаат својот момент кога одново ќе окупираат нечие секојдневие. Лек има, но погрешниот став е оној кој ги мрси конците.

Како реагирате кога матичниот лекар ќе ви препише антибиотик? Се упатувате во аптека, го купувате и го пиете онака како што е ви е препишано, зарем не? Аналгетик носите со себе секогаш и секаде, случајно да не ве здоболи глава, а дијазепам (за кој едно време бевте скептични) не пропуштате да земете ни под разно.

Очигледно е, кога станува збор за здравјето, различните делови на телото добиваат различен и комплетно нееднаков третман!

Менталното здравје сè е уште е тема за која се молчи или се дискутира во најстрога тајност. Рецептот за антидепресиви се крие на дното на фиоката и останува неискористен сè додека состојбата не ескалира. Луѓето сè уште премногу се грижат за мислењето од околината наместо за сопственото здравје.

Во својата книга Listening to Prozac, докторот Питер Кремер уште во далечната 1993-та зборува за оваа проблематика. Имено, тој вели дека табуата околу менталното здравје се темелат на две теории. Според едната, луѓето сметаат дека треба да бидат силни за да се справат со проблемите без да пијат терапијa. Според другата, терапијата со антидепресиви се смета за крајна инстанца, па затоа луѓето попрво би поминувале месеци и месеци на когнитивна бихевиорална терапија придружена со билки и витамини со смирувачко дејство, сè додека не дојдат до коренот на својот психички проблем. Штом менталното здравје попушти, луѓето тоа го перцепираат како личен неуспех, а не како нормален здравствен проблем.

На крајот од денот, зарем мозокот не е и самиот орган како другите?

Стручните лица велат дека ставот околу менталното здравје во голема мера го диктира домашното воспитување. Уште од деца нè учат дека треба да имаме апсолутна контрола врз нашите чувства, па неретко ќе чуеме изјави од типот: „Развесели се, немој да плачеш“, „Ти си машко, не треба да плачеш“, „Собери си ги емоциите, биди поладна.“

Идејата дека она што го чувствуваме е прашање на избор, нè храни, но истовремено нè изгладнува. Постојаното преиспитување на тоа кои сме, што сме, дали сме доволно добри и компарацијата со оној совршен живот кој секојдневно ги полни социјалните мрежи, прави да заборавиме дека вистинската среќа доаѓа одвнатре, од она што навистина сме. Идеалот за совршенство би бил скршен доколку посегнеме по терапија, зарем не?

Ова нè носи до втората поента на доктор Кремер кој вели дека полесно би се убедиле и би ја прифатиле когнитивно-бихевиоралната терапија. Токму онаа која долго време важеше за табу. Разговор со психолог/психијатар за да се дојде до суштината.

Когнитивно-бихевиоралната терапија поттикнува силно чувство на одговорност и зрелост кон себеси, но само делумно, само доколку навреме ја започнете. И не очекувајте дека е лесна. Постојат мисли и чувства во вас кои доколку ги кажете на глас или ги напишете на лист хартија ќе ви предизвикаат река солзи, а тоа го зголемува ризикот од разнишување на оној идеал за совршенство.

Луѓето навистина сакаат да си помогнат, но од друга страна се плашат од општествената осуда и што прават тогаш? Пијат 2 мг дијазепам, хелекс или лексилиум, најчесто на своја рака, и се вртат во магичниот круг на депресијата. Парадоксално!

СТРАВ ОД НУСПОЈАВИ

Голем дел од предрасудите за антидепресивите потекнуваат од стравот од нус ефекти, особено оние дека ќе се чувствувате умртвено и буквално нема да имате никакви емоционални реакции. Психијатарите велат дека пациентите кои ја прифаќаат терапијата што им е нужно потребна, на почеток доаѓаат избезумени велејќи дека се чувствуваат како зомби, некои од нив имаат благи епилептични напади, а постојат и такви кои се жалат на суицидни мисли. Но, тоа се случува само првата недела додека телото се навикнува на терапијата.

Под лекарски надзор и редовно пиење на терапијата, пациентите почнуваат да ги чувствуваат придобивките после 3 недели. Анксиозноста и депресијата полека се смируваат, а проблемите со кои се соочуваат почнуваат да ги резонираат порационално.

Психијатарите велат дека сите оние шпекулации кои ги поврзуваат антидепресивите со срцеви заболувања, дијабетес и биполарно растројство, се само тоа – шпекулации. Кралскиот колеџ на психијатри во Англија јасно ги отфрла оние тврдења дека антидепресивите поттикнуваат само плацебо ефект. Според нивните истражувања, 50 до 65 % од пациентите имаат значително подобрување после 3 месеци редовно пиење антидепресиви, во споредба со 25-30 % од оние кои пиеле плацебо. Погодената и контролирана терапија го поткренува севкупниот квалитет на животот, па затоа 50 % од пациентите одлучуваат да ја пијат сè до конечно оздравување.

Засекогаш на антидепресиви?

Истражувањата и психијатарите се едногласни, должината на лекувањето зависи од личноста! Некому поминува после една терапија, некому му се потребни години. Сè додека лекувањето е под надзор на психијатар кој ја контролира дозата на лекот, ризик од зависност не постои.

Не срамете се!

Можеби ќе ви треба време за да прифатите дека терапијата ви е потребна, но најважно е да се ставите себеси на прво место. Доколку имате каква било недоумица околу лекувањето, разговарајте со вашиот психијатар. Поддршката е многу важна во овој период, затоа споделувајте ги вашите емоции со личноста што ве слуша со разбирање.
Промената ќе ја почувствувате во истиот момент кога ќе престанете да се осудувате себеси и ќе го прифатите проблемот како здравствен кој се решава со терапија – како и секој здравствен проблем со кој претходно сте се соочиле.

Ќе чувствувате подеми и падови, некогаш нема да ви се станува од кревет, а некогаш ќе имате чувство дека не ве мачи ништо. Бидете истрајни и не откажувајте се, редовно посетувајте го вашиот психијатар за да може будно да ја следи вашата состојба. И да, ќе бидете подобро, можеби ќе ви требаат 6 месеци, можеби и 12, но на крајот вие ќе излезете како победник.

Постојаниот страв од осуда и предрасудите кои постојат околу менталното здравје прават малите, лесно решливи проблеми да прераснат во огромни. Проблемите со депресијата и останатите ментални нарушувања треба да се сфатат исто толку сериозно колку и кој било друг здравствен проблем.

Кога би имале проблем со слепото црево зарем нема да појдете на операција? Доколку не гледате добро, нема ли да побарате очила? И со психата и со мозокот инстинктивната реакција при појава на проблем е иста, само треба да одлучите да ја послушате.