Дали знаете како правилно да ги употребите капките и мастите за очи?
Секој од нас, можеби еднаш во животот, се нашол во ситуација кога е неопходна примена на соодветна терапија за очи во форма на капки или маст за очи. Правилната употреба на овие производи е од особена важност, како за постигнување на посакуваниот ефект, така и за избегнување на евентуални несакани ефекти од нивната неправилна употреба.
НАЈВАЖНОТО ПРАВИЛО!
Пред секое ставање капки и масти во окото, потребно е да ги измиете рацете.
Ставање капки во око
При ставањето капки, треба да се седи со главата зафрлена наназад или да се легне. Легнатата положба е поповолна кај деца бидејќи кај нив, обично, главата треба да се задржи. Долниот капак се оддалечува од окото со користење памучни ролни и се капнува во долниот агол на очните капаци, а не во окото, и тоа по 1-2 капки, додека пациентот гледа нагоре. Повеќе капки од тоа не е потребно затоа што тие не можат да се впијат во окото и се прелеваат. Се капнуваат од височина од 2 см за да се избегне контакт на шишето со очниот капак. Ако шишето се допира со капакот, бактериите се пренесуваат на шишето и шишето не треба да се користи во очите на друг пациент. По капнување неколку капки, пациентот мора да ги држи очите затворени неколку минути, со цел лекот правилно да се распореди во окото и, исто така, за да се зачува, бидејќи со трепкањето лекот се отстранува со солзите. Вишокот капки се бришат со чист памук.
Најчеста грешка при употреба на капки е непочитување на фрекфенцијата на аплицирање. Многу е важно да се следат препораките дадени од лекарот за дневната фрекфенција и за вкупното време на употреба на лекот.
Ставање масти во око
Масти се ставаат во долниот дел од окото, откако долниот очен капак ќе се оддалечи од окото. Доволно е да се стави мала количина маст со големина на зрно од пченица. По ставањето маст, треба да се затворат очите и со нежна масажа на затворен капак, маста се распоредува по окото. Вишокот маст во капакот се брише со помош на стапчиња со вата. Маста се употребува толку долго, колку што препорачал лекарот-специјалист. Најчесто, капките се даваат преку ден, а маста пред спиење.
Општи препораки
По ставањето капки и масти во окото, потребно е да се мијат рацете, за инфекцијата да не се пренесе на други лица и објекти. Капките и маста се чуваат добро затворени во оригиналните пакувања, во услови кои се опишани во внатрешното упатство.
Специјалист-офталмолог
Д-р Сашо Ѓорѓиоски