Кога срцето не чука во правилен ритам
Аритмија е абнормален срцев ритам или отчукување на срцето. Може да се чувствува како треперење или забрзано чукање на срцето, небаре сте трчале.
Постјат два основни типа аритмии:
Брадикардија – Чукањето на срцето е премногу бавно, што резултира со помалку од 60 отчукувања во минута.
Тахикардија – Отчукувањето на срцето е пребрзо, што резултира со повеќе од 100 отчукувања во минута.
Атријалната фибрилација е најчестиот тип аритмија. Тоа е неправилно чукање на срцето кое понекогаш се чувствува како треперење во градите, болка во градите, недостиг на здив, но може и да не се чувствува воопшто. Некои аритмии се безопасни и може да немаат забележителни симптоми. Во некои случаи, абнормалните или неправилни срцеви ритми може да предизвикаат срцето да престане да чука.
Знаци и симптоми на аритмија
Многу аритмии немаат никакви симптоми. Но доколку се појават, најчесто се следните:
- Палпитации(може да чувствувате како треперење во градите, како срцето да прескокнува или како да чука премногу силно или пребрзо)
- Чувство на паузи помеѓу отчукувањата на срцето или неправилна шема
- Замор, слабост, зашеметеност
- Бавно чукање на срцето
Некои аритмии се итни медицински случаи. Се случува во текот на аритмијата срцето да не може да испумпа доволно крв во телото и едноставно да престане да работи.
Ако ги почувствувате следните симптоми, реагирајте веднаш:
- Слабост, вртоглавица или зашеметеност
- Несвестица
- Скратен здив
- Болка во градите
- Заматен вид
Причини и ризик-фактори за појава на аритмии
Аритмиите се случуваат кога електричните сигнали кои го контролираат чукањето на срцето не функционираат правилно. Ова може да се случи ако специјализираните срцеви клетки кои испраќаат електрични сигнали се оштетени или ако електричните сигнали не патуваат правилно низ срцето. Нормалното чукање на срцето може да се наруши и ако срцето произведува премногу електрични сигнали.
Понекогаш причината за аритмија е нејасна. Аритмиите се чести кај постарите возрасни лица, кои имаат поголема веројатност да имаат срцеви заболувања, висок крвен притисок и други здравствени состојби кои можат да предизвикаат аритмии. Некои лекови, исто така, може да предизвикаат аритмии како несакан ефект, вклучувајќи антидепресиви, антихистаминици и бета-блокатори. Допонително, нелегалните дроги, како што се кокаин, метамфетамин и стимуланси, вкучувајќи кофеин и никотин, може да предизвикаат аритмии.
Во вообичаени ризик-фактори спаѓаат:
- Срцев удар
- Срцева слабост или кардиомиопатија
- Абнормални срцеви залистоци
- Вродени (присутни при раѓање) срцеви мани
- Висок крвен притисок
- Опструктивна ноќна апнеја
- Пушење
- Проблеми со тироидната жлезда
- Екстремен емоционален стрес или гнев
Како се дијагностицира аритмијата?
За откривање на аритмија се користат голем број тестови и уреди. Дијагнозата обично бара снимање на електричната активност на срцето со помош на електрокардиограм или ЕКГ.
ХОЛТЕР МОНИТОР – пренослив, 24 или 48-часовен ЕКГ – може да се користи ако лекарот сака да провери како работи срцето во подолг временски период. За време на ЕКГ, мали фластери или налепници наречени електроди се залепени на неколку точки на градите и телото. Овие електроди ќе генерираат слика за електричната активност на вашето срце за да можат лекарите да видат каде може да се појават какви било неправилности.
ЕХОКАРДИОГРАМ – вид ултразвук кој користи звучни бранови за да произведе слики од вашето срце. Исто така може да се користи за дијагностицирање на проблеми со срцето што може да доведат до аритмии.
СТРЕС-ТЕСТОВИТЕ, кои користат физички напор (како трчање на лента за трчање) или лекови за симулирање на вежбање, може да предизвикаат аритмија и да му посмогнат на лекарот да постави точна дијагноза. Вашиот лекар може да побара и рендген на граден кош за да види дали срцето е поголемо од нормалното. Често се прави и крвна анализа за да се проверат нивоата на тироидната жлезда со цел таа да се исклучи како причина за појава на аритмија.
Времетраење на аритмијата
Времетраењето на аритмијата зависи од причината што ја поттикнала. на пример, кога аритмијата е предизвикана од состојба која може да се лекува, како што е хиперактивна тироидна жлезда, неправилното чукање на срцето може да исчезне кога ќе се третира проблемот со тироидната жлезда. Аритмиите предизвикани од прогресивно или трајно оштетување на срцето, сепак, имаат тенденција да бидат долгорочни проблеми и можеби ќе треба да се контролираат со лекови или да се третираат со операција
Третман
Аритмиите може да се третираат со лекови, медицински процедури или операција. Лековите можат да го забават пребрзото отчукување на срцето. Тие исто така може да се користат за изедначување или стабилизирање на абнормалниот срцев ритам. Некои аритмии, вклучително и премногу бавните отчукувања на срцето, може да се третираат со пејсмејкер. Пејсмејкерот е медицински уред кој се става под кожата на градите. Уредот електронски го следи и, со испраќање електрични импулси до срцето, го ублажува чукањето на срцето.
Ако аритмијата е опасна по живот, како што е вентрикуларна тахикардија или вентрикуларна фибрилација, лекарот може да препорача имплантација на кардиовертер-дефибрилатор (ICD). Станува збор за уред кој се напојува на батерии и е поврзан со срцето со тенки жици за да го следи пулсот. Ако уредот детектира абнормално чукање, ќе испорача елктричен шок до срцето за да го врати нормалниот срцев ритам.
Дополнително, некои аритмии може да се третираат со едноставни домашни вежби кои помагаат да се воспостави контрола врз срцевиот ритам.
- Преклопување на устата со дланка или кашлање
- Задржување на здивот наведнувајќи се
- Нежна масажа на очните капаци – благо притискање надолу
- Потопување на лицето во студена вода
Овој тип на вежби не се соодветни за секого и делуваат само за одредени видови аритмии. Разговарајте со вашиот лекар пред да пробате некоја од нив.
Без оглед на медицинските интервенции кои се препорачуваат за лекување на аритмија, нејзиното успешно лекување во голема мера зависи од здравиот животен стил:
- Здрава исхрана со малку маснотии и сол
- Редовно вежбање
- Престанок со пушење
- Губење тежина за да се избегне дебелина
Превенција
Не сите срцеви аритмии може да се спречат. Сепак, постојат чекори што можете да ги преземете за да ги намалите факторите на ризик. Можете да го намалите ризикот од аритмија предизвикана од коронарна артериска болест со:
- Здрава исхрана богата со овошје и зеленчук и избегнување заситени и транс масти
- Одржување здрава тежина
- Редовно вежбање
- Контрола на висок крвен притисок и холестерол
- Откажување од пушење
За да ја минимизирате можноста за аритмии предизвикани од интеракции со лекови, задолжително разговарајте со вашиот лекар или фармацевт за различните лекови што ги пиете. Можеби ќе биде потребно намалување на дозата или замена со друг лек за да се елиминира аритмијата.
Компликации
Компликациите на аритмиите може да вклучуваат:
Мозочен удар
Аритмиите, како шт ое атријалната фибрилација, се поврзани со зголемен ризик од згрутчување на крвта или појава на тромб кој доколку се отпушти, може да стаса до мозокот и да го блокира протокот на крв. Ова е она што предизвикува мозочен удар. Лековите за разредување на крвта можат значително да го намалат ризикот од омозочен удар. вашиоот лекар ќе утврди дали овој лек е вистинскиот за вас, во зависност од видот на аритмијата што ја имате и ризикот од згрутчување на крвта.
Срцева слабост
Тековните аритмии може да доведат до намалување на способниста на долните комори на срцето правилно да пумпаат крв. Срцевата слабост како резултат на аритмија е почеста кај поединци кои веќе имаат срцеви заболувања.
Ненадеен срцев удар
Срцето може да престане да чука ненадејно и неочекувано како резултат на еден вид аритмија наречена вентрикуларна фибрилација.
Поврзани состојби и причини за аритмија
Одредени состојби го зголемуваат ризикот од аритмии, вклучувајќи хипертироидизам или хиперактивна тироидна жлезда и апнеја при спиење.
ХИПЕРТИРОИДИЗМОТ е состојба при која тироидната жлезда произведува премногу хормон наречен тироксин. Ова може да го забрза метаболизмот и да доведе до ненамерно губење на тежината. Исто така може да влијае на срцевата работа, предизвикувајќи брзи или неправилни отчукувања. Хипертироидизмот може да се лекува со лекови или хируршки зафат.
АПНЕЈА ПРИ СПИЕЊЕ е нарушување при кое лицето престанува да дише во текот на сонот, па продолжува по неколку секунди. Гласно рчење, борба за воздух и прекумерна дневна поспаност се некои од симптомите на оваа состојба. Состојбата го зголемува ризикот од срцеви проблеми, вклучувајќи срцев удар, мозочен удар и аритмии како атријална фибрилација. Апнејата при спиење може да се третира со промени во животниот стил, како што се намалување на телесната тежина, откажување од цигари, спортување.