Барселона

Барселона

Бегство во градот…

Неповторлива архитектура, исклучителна убавина и автентичност. Град на фанатични фудбалски навивачи и неверојатен ноќен живот, град во кој забавата трае 24 часа. А песочните плажи и залезот се магични, го одземаат здивот и се врежуваат во меморијата засекогаш.

Што да посетите?

Уживајте во прошетката низ плоштадите „Каталонија“ и „Шпанија“, авенијата Las Ramblas, споменикот на Колумбо, Casa Mila, ридот Montjuic со стадионот и спортската сала. Задолжително посетете го L’Aquarium, најголемиот и најубавиот аквариум во Европа. Шпанскиот плоштад, магичните фонтани и музичката фонтана со своето спектакуларно шоу привлекуваат милиони туристи годишно. Љубителите на уметноста во Барселона ќе имаат можност да уживаат во бројните музеи и делата на великаните Миро, Дали и Пикасо. Не заборавајте ја прекрасната катедрала Sagrada Familia и паркот Guell. За страсните фудбалски навивачи, тука е стадионот Camp Nou и музејот на клубот „Барселона“.

Шопинг искуство

Ако е невозможно вашата посета да помине без шопинг, во Барселона е неопходно да бидете внимателни да не го надминете лимитот на картичката. Тука се да ве искушуваат 35 000 илјади достапни продавници и неверојатно долга (5 километри) шопинг авенија која се протега од почетокот на Ramblas, низ Placa de Catalunya и Passeig de Gracia, а завршува на Avenue Diagonal. Посетете го и големиот шопинг-центар Maremagnum, кој се наоѓа во срцето на пристаништето, каде после долгата прошетка ќе уживате во одличното кафе и вкусната храна во некој од бројните ресторани.

Дегустација за сетилата

Вкусната храна и рестораните, кои буквално се наоѓаат на секој чекор, ќе ги воодушеват вистинските гурмани. Меѓу првите на листата најпосетувани ресторани во кои резервацијата е задолжителна е ресторанот Uma. На второ место се наоѓа Tast-Ller поради ексклузивната храна, вино и топлиот амбиент. Доколку сакате да поминете поевтино, одличен избор е Cat Bar, малечок бар-ресторан со вегански панк дух познат по веге бургерот и ладното пиво. Барселона е гастрономски рај кој нуди традиционални јадења и каталонски специјалитети. Разноликата кулинарска сцена во градот е задоволство за туристите ширум светот. Не пропуштајте да ги пробате специјалитетите како паеља, патата брава и локалниот омилен калко.

Guell

За авантуристите

Tibidabo е највисоката точка, 512 метри надморска височина, од каде може да ја видите Барселона на дланка. Шпанското село и Музејот на отворено се неверојатно искуство што ќе ве запознае со историјата на селата во Шпанија. Доколку сте во можност појдете на фламенко вечер во некој од локалните ресторани и со сигурност ќе доживеете неверојатно шоу.

Превоз

Доколку се одлучите за авионски превоз, цената на авионскиот билет за директен лет изнесува околу 5 илјади денари, во зависност од периодот во кој ќе резервирате.

Сместување

Хотелите кои се наоѓаат во центарот или централното подрачје се одличен избор. Хотелот NH Cornellia се наоѓа во бизнис квартот, има одлична линија на градски превоз, на околу 20 минути возење од сите главни знаменитости. Ноќевање за двајца чини околу 6 илјади денари со вклучен појадок на база на шведска маса. Полуксузна опција е хотелот Fira Congress, модерен хотел кој се наоѓа на 15 минути оддалеченост од центарот, а ноќевање за двајца чини околу 8 илјади денари.