Час по самодоверба за интроверти

Час по самодоверба за интроверти

Покажете став без да повишите тон!

Како изгледа личност која има самодоверба? Или како звучи? Гласно можеби? Доминантно, дури на момент агресивно? Не е правило!

Самоуверената личност не е секогаш најгласна во опкружувањето или онаа која го има главниот збор секогаш и секаде. Честопати самоуверените личности се типови луѓе кои набљудуваат, слушаат внимателно и земаат збор само ако имаат нешто значајно да кажат.

Чувството на самодоверба некои луѓе го носат длабоко врежано во себеси, како тивко внатрешно верување во своите способности, па токму затоа на околината ѝ е потребно време да согледа дека ја поседуваат.

Следствено, може да се заклучи дека интровертните личности можат да бидат полни со самодоверба! Она што ги прави поинакви од екстровертните самоуверени луѓе е суптилниот и дискретен начин на откривање на своите капацитети во јавност.

Во друштво на екстроверти (кои според истражувањата заземаат две третини од општеството), интровертите секогаш се надзборувани и надгласувани. Но, доволно самоуверен човек не би имал проблем со ваквиот податок. Зошто? Бидејќи луѓето кои се доволно самоуверени и свесни за својата вредност немаат потреба да се докажуваат, а уште помалку да се истакнуваат.

Тие едноставно им дозволуваат на другите да ја задоволат својата потреба да се истакнат, а потоа тивко, без многу помпезност, го искажуваат својот неприкосновен став. Но, колку другите ќе ги чујат? Тука лежи можеби најголемиот предизвик за интровертите, тие мораат да развијат посебна стратегија за докажување на својата вредност, бидејќи околината најчесто ги забележува оние кои парадираат со паролата: „Јас сум најдобар во сѐ!“

Во случај да се најдете во ваква состојба, потребно е да бидете мудри и да станете свесни за моќта што ја имаат тивките личности во соба полна гласноговорници. Најважно е да лоцирате момент кога ќе можете да се истакнете – ниво на ароганција што ќе ви дозволи да го задржите интегритетот, без да делувате понизно.
Истово можете да го постигнете преку говорот на тело – осигурајте се дека тоа што го носите прави да се чувствувате самоуверено, чекорете секогаш исправени, гледајте го соговорникот директно в очи, а додека седите не покажувајте знаци на непријатност или срамежливост. Она што сакате да го кажете, кажете го јасно и бидете конструктивни, од вашите зборови секогаш нека произлегуваат дела.

Спознајте ја и моќта на драмската пауза – не избрзувајте со изјавите, не ветувајте сѐ и сешто. Свесно замолчувајте за да биде забележливо дека во себе кроите соломонско решение.
Имајте на ум дека типичните екстроверти кои себеси се прогласуваат за амбициозни и ненадминливи и кои ветуваат дека ќе постигнат 100 % до вчера, се всушност индивидуи полни со несигурности и со сомнежи. Преку агресивниот пристап тие всушност се обидуваат да ја прикријат својата несигурност.
Следно правило за самоуверените интроверти – обидете се да не ги омаловажувате другите. Вистински самоуверените личности немаат потреба да ги газат оние околу себе, бидејќи разбираат дека не постои апсолутно количество на успех и одобрување во светот. Вистински самоуверените личности се зафатени фокусирајќи се на сопствените цели, наместо на тоа што постигнале другите.

Доколку некои од споменатите совети не ви лежат – едноставно не ви доаѓа природно да ги практикувате – вежбајте ги! Вежбајте ги говорот, презентацијата, важниот разговор, пред огледало, сѐ додека не ви зазвучи перфектно. Всушност, тоа го правел и легендарниот Стив Џобс, основачот на Apple. Нему јавното говорење не му била најсилна страна, но со вежбање успеал да стане еден од најимпресивните јавни говорници во модерниот свет.

Да ве потсетиме на фамозната реплика на најпознатиот интроверт во светот, Алберт Ајнштајн: „Секој човек е гениј. Но, ако ѝ судите на рибата по нејзината способност да се качи на дрво, таа ќе го помине својот живот верувајќи дека е глупава.“

Никому не дозволувајте да направи да се чувствувате дека вашата самодоверба не се важи. Почнете да верувате дека вредите! Доволна е само таа мисла, бидејќи може да ве одведе секаде.