Чкртањето по тефтерот е добро за карактерот!

Чкртањето по тефтерот е добро за карактерот!

Свесното чкртање, пак, може да помогне при носење одлуки, поставување цели и дефинирање на емотивните потреби

Дали и вие чкрткате по тефтерот додека разговарате на телефон? Мислиме на оние безопасни мали цртежи кои речиси сите ги правиме на аглите од листот додека разговараме или сме на состанок? Токму тие се показател за она што се случува во вашата потсвест!
Од Леонардо да Винчи до Дејвид Боуви, нема некој што не ја користи приликата за да ја практикува оваа комплетно несвесна активност за која експертите велат дека крие траги од нашата личност. Шарањето, цртањето, чкртањето за кое мислевте дека сте го оставиле во школските клупи, потсвесно сè уште го правите.
Новите истражувања покажуваат дека ваквото скицирање, без разлика што не е некој посебен талент и дури делува неуредно, може да ви ги зголеми фокусот и креативноста, па дури и да открие некои потиснати желби и потреби. Еве ги толкувањата на најчестите типови чкртки…

Геометриски или апстрактни фигури

На пример: триаголници, квадрати, ѕвезди или шаблони од прави и остри линии, кругови, заоблени затворени форми и шари.
„Многу прави и остри линии покажуваат инстантна потреба за контрола, поставување граници и ред“, вели Шејла Лав, графолог и претседател на Асоцијацијата за анализа на ракописи. Заоблените цртежи како кругови и искривени линии покажуваат дека мислите потекнуваат од малку поемотивно место.
Пробајте да чкрткате кога треба да донесете важна одлука. Ако од вашето пенкало извираат остри форми со прави линии, бидете понаклонети кон практичните одлуки. Во спротивно, ако цртате заоблени краеви, послушајте што ви вели инстинктот.

Графити

На пример: цртате капа на фотографија од маче, ѓаволски рогови на човекот од насловната страница или вештачки трепки на девојката од рекламата во весник.
Теоријата на Шејла Лав е дека луѓето ги вадат роговите од врвот на пенкалото кога се чувствуваат виновни за потиснување на некоја желба. Извитоперувањето на нечии очи поттикнува прашања поврзани со самосвеста.
Пробајте да чкрткате кога сте во гужва и под притисок, а очајно ви е потребна разонода. Овој стил на цртање ќе ви ги отвори хоризонтите на креативното, но практично размислување.

Предмети

На пример: срценца, часовници, столчиња, чаши…
Интерпретирањето на предметите е слично како интерпретирањето сонови – мора да погледнете зад симболиката, а не зад првичната функција на предметот. На пример, обичните срценца може да симболизираат заљубеност, но и зголемена потреба од внимание и разбирање од партнерот, колегата, некој близок. Часовникот може да е показател дека сте под силен притисок поради рокови, додека празната чаша би ја симболизирала вашата емоционална исцрпеност. А столот? Или се обидувате некаде да се сместите и да ви биде удобно или се чувствувате како никаде да не припаѓате. Каков предмет и да нацртате, неговото значење барајте го на друго ниво.
Пробајте да чкрткате кога треба да поставите приоритети. Обидете се да забележите што е она што прво го цртате. Стари часовници и фотелји? Повеќе од јасно е дека треба да се фокусирате на кариерата, бидејќи ви е најбитна во моментот.

Пејзажи и природа

На пример: дрвја, листови, цветови, сонце, водопади, океани…
Несомнено поседувате вродена љубов и восхит кон природата, а потсвесно се чувствувате уморно, пренатрупано, се гушите и очајно ви треба да избегате некаде далеку. Сонцето ја поттикнува имагинацијата, што значи дека сте мечтател по природа. Вашите цветови се исправени и разнобојни? Имате потреба да се развивате на одредено поле (во работата или приватните односи). Падот на лисја од друга страна открива некоја грижа – штом се фатите себеси дека цртате цвет со паднати ливчиња, време е да откриете што ве вознемирува.
Пробајте да чкрткате кога сакате да си поставите цели. Создавањето слики од отворен простор може да ви помогне да постигнете повисоки цели и да ви го зголеми расположението кон пошироки хоризонти.

Мандала

На пример: концентрични шаблони со многу детали како цвет па околу него листови, па повторно друг ред листови и сè така во круг.
Според Лав, овие дизајни покажуваат дека сте голем оптимист. Ви честитаме!
Пробајте да чкрткате кога сте лошо расположени. Повторувањето на истите детали ќе ви помогне да ги стишите негативните мисли во главата. Користете светли бои и многу бел простор за да си влеете надеж.

Луѓе

На пример: очи, лица или цели луѓе.
Емоцијата со која го претставувате ликот на листот хартија е емоцијата што владее со вас во моментот. Но, кога одредена емоција ќе биде пренагласена (како апсурдно широка насмевка) може да значи дека вистински се трудите да се расположите иако душевно сте тажни.
Пробајте да чкрткате кога се обидувате да откриете како се чувствувате кон одредена личност што можеби ве загрижува или растажува. Ако личноста ја цртате со мали очи, длабоко во себе знаете дека не можете да ѝ верувате.

Зборови и букви

На пример: името на партнерот, денот во неделата, вашите иницијали.
Го пишувате своето име одново и одново? Што велите малку да намалите со егото?! Во секој друг случај, сè зависи од зборот и позицијата на која пишувате на листот. Зборот е свртен наопаку? Се чувствувате нерасположени, уморни или песимистични. Зборот е напишан во правец кон горе? Чувствувате позитивни вибрации и наплив на самодоверба.
Пробајте да чкрткате кога ви е потребно јакнење на самодовербата. Одберете мото (или сопственото име) и напишете го неколкупати со благо накривување кон горе.

Пополнување празнини

На пример: го боите празниот простор помеѓу буквите или бројките.
За вас може да се каже дека сте личност која сака да има одредена цел и да ја следи и исполни истата. Чувството на завршена задача и остварени планови ве исполнува најмногу од сè.
Пробајте да чкрткате кога имате блокада во мозокот за време на состанок, кога од вас е потребно да произлезете со некаква идеја и да бидете креативни. Пополнувањето дупки ќе ја потисне желбата на мозокот за талкање и ќе дозволи во него да навлезат свежи идеи.