Дали косата старее

Дали косата старее

На тема стареење, жените се најчувствителни во однос на кожата на лицето. Но, годините влијаат и на косата, поттикнувајќи неколку непријатни промени и кај двата пола. Процесот на стареење на косата стартува многу пред да ги забележите седите влакна и проретченото теме.

Што предизвикува проретчување на косата?

Растот на косата природно забавува по 40-тата година од животот, бидејќи клетките не се регенерираат брзо како порано. Косата се тенчи, станува сува и го губи сјајот.
Менопаузата е исто така честа причина за губење на косата кај повозрасните жени. Истражувањата покажаа дека опаѓањето на косата во менопауза најверојатно е предизвикано од нискиот естроген и прогестерон, што доведува до опаѓање на фоликулите.

Ниту со најскапите производи за нега нема да им се спротивставите на природните процеси, но тоа не значи дека нема да ги забавите. Ако сте дисциплинирани со негата, но и со исхраната, вашата коса несомнено ќе остане здрава.

Од каде да почнете ако не од исхраната?!

Косата постојано расте и се менува, затоа е важно фоликулите да создаваат нови влакна потпирајќи се на хранливите материи што му ги давате на телото. Храната што ја консумирате создава здрав скалп, а здравиот скалп создава цврсто влакно.

Протеини: Кератинот е протеин одговорен за структурата на косата. Кога нивото на протеини е ниско, производството на овој суштински градежен блок (кератин) забавува, што предизвикува косата да расте побавно, а онаа што ќе порасне е видливо послаба. Обидете се да вклучите високопротеинска храна како пилешко или мисиркино месо, риба, јатки, овес и урда за да го подобрите нивото на протеини во организмот.

Биотин: Кога биотинот доаѓа во контакт со клеточните ензими, тој го поттикнува производството на аминокиселини кои се градежни блокови на претходно споменатите протеини (кератин). Додавањето јајца, моркови, бадеми, ореви и карфиол во вашата исхрана може да го подобрат нивото на биотин.

Железо: Железото во црвените крвни зрнца обезбедува хранлив кислород за фоликулите на косата. Иако количината на железо во крвта може да биде нормална, сепак постои шанса да имате низок феритин („банката“ за железо од која вашето тело црпи по потреба). Може да го зголемите нивото на феритин со јадење храна богата со железо, како говедско месо, морски плодови, јајца, соја, туна, тофу, спанаќ, грав, какао, семе од коприва.

Цинк: Цинкот помага да се зајакнат фоликулите и да се спречи опаѓање на косата така што учествува во врзување на протеините. Исто така, ја одржува функцијата на маслените жлезди, па така спречува сушење на скалпот и појава на првут. Остриги, рак, јастог, школки, се едни од најдобрите извори на цинк. Но, ако не сте по морската храна, обидете се со црвено месо, печурки, ленено семе или суплемент.

Останати хранливи материи: Повеќето витамини, вклучувајќи ги А, Б, Ц, Д и Е, се неопходни за здравјето на косата. Витаминот А е добро познат по тоа што им помага на лојните жлезди во производството на себум, маснотијата која го хидрира скалпот и ја одржува косата природно влажна, а кој со годините опаѓа.

Мијте ја косата поретко

Со миење, се отстрануваат природните масла кои ја хидратираат косата. Со поретко миење може да се намали сувоста на влакното, па тоа помалку ќе пука на врвовите. Мијте ја косата најмногу 2 пати неделно, а во деновите помеѓу користете сув шампон. Избегнувајте производи за коса кои содржат сулфати, бидејќи тие најтемелно ги отстрануваат природните масла од скалпот. Толку се агресивни што можат да ја отстранат бојата од косата. Прибегнете кон користење благ шампон за чувствителна коса (sensitive), па дури и детски.

Изберете соодветна фризура

Не е неопходно премногу да ја скратите косата штом стигнете до одредена возраст, повеќето луѓе имаат само тенки врвови. Можете да имате убава долга коса со тоа што ќе ја исечете во слоеви (степени) за да создадат илузија на волумен. Наместо цврсто да ја врзувате косата, обидете се со опуштени стилови кои не предизвикуваат премногу тензија на коренот. За да избегнете триење додека спиете, завиткајте ја главата во свилена марама или користете свилени навлаки за перници. За да не ги искинете влакната, користете чешел со широки запци и избегнувајте стилизирање со топлина (фен, преса) колку што можете почесто!