Дали зимата ве прави тажни?

Дали зимата ве прави тажни?

Сезонското афективно растројство претставува сезонска форма на депресија која се јавува и исчезнува и затоа не би можело да се дефинира како болест. Според глобалните статистики, 8 % од луѓето пројавуваат класични симптоми на сезонска депресија: исцрпеност, недостаток на енергија, депресија, намален имунитет, додека кај 21 % се јавуваат симптоми од втор ред или негативна промена на расположението, но со способност за секојдневно извршување на обврските. Дали ова значи дека една третина од луѓето се чувствуваат неубаво сѐ до пролет? ДА, но постои помош!

Појдете нa лекар

Создадете навика да се грижите за вешето психолошко здравје. Не барајте изговори дека е нормално да се соочувате со депресивни симптоми при секоја смена на сезоната. Да, ќе помине, но зошто да се мачите 4 пати во годината кога проблемот може да се реши само со еден разговор? Разговорните терапии како советувањето или когнитивно-бихевиоралната терапија можат да бидат екстремно корисни. На луѓето со потежок облик на сезонска депресија може да им се препишат и антидепресиви.

Просветлете се

Во буквална смисла на зборот, со светлосна терапија која подразбира секојдневно изложување на дневна светлина. Очекувајте подобрување на состојбата за најмалку 80 проценти. Инаку, постојат и специјални ламби за светлосна терапија кои симулираат дневна светлина. Ако успеете да набавите таква ламба, добро е да се изложувате на нејзино влијание барем 30 минути во текот на денот. Не верувајте во оние тврдења дека мобилните апликации можат да ве излечат со сината светлина од телефонот. Не постојат научни докази дека тоа е успешно.

Хранете се здраво

Колку повеќе свежа и балансирана храна, толку посреќен стомак, а тоа истовремено значи и среќен мозок. Јаглехидратите не се ваши непријатели, но затоа шеќерите и белите печива се. Студеното време е време за кифли и пити, затоа обрнете внимание. Како замена, консумирајте печива од цело зрно, богати со јатки и семиња со кои ќе го одржите стабилно нивото на шеќер и инсулин во крвта, а со тоа и на вашето расположение и енергија.

Пијте суплементи

Омега-3 масните киселини и витаминот Б12 за многумина се покажале како успешна, природна и безбедна терапија за справување со сезонската анксиозност. По ново, група научници од Универзитетот во Виена се на ставот дека на листата треба да се додаде и сончевиот витамин – витаминот Д, особено поради тоа што е дефицитарен во зимските месеци од годината. Со недостиг на витамин Д се соочува секој 5-ти човек на планетата.

СМРЗНАТИ ПРСТИ

Дланките ви се постојано студени и ништо не ги стоплува? Понекогаш не ги чувствувате прстите на рацете и нозете, а потоа ве болат? Стануваат бели, па сини, а потоа црвени?
Кога изолацијата во која престојувате е на незавидно ниво, а греењето пуштено на максимум, тогаш најверојатно се соочувате со Рејноов феномен – помалку позната состојба, а почеста од обичната настинка која го засега речиси секој седми човек.

За што станува збор? Рејноовиот феномен е состојба при која доаѓа до грчење на крвните садови кои ги снабдуваат екстремитетите со крв. Грчењето може да трае неколку минути, а може и неколку часа. Протокот на крв е повремено затворен па ја снемува и бојата на кожата и имате тапо чувство, болки и боцки во рацете и нозете. Повеќе станува збор за непријатно чувство отколку за некоја сериозна болест, но постои можност и ваквата појава да е предвесник на автоимуна состојба позната како склеродерма. Во тој случај, телото може да произведува повеќе колаген отколку што му е потребно, па доаѓа до стврднување на кожата, зглобовите и внатрешните органи и може да биде опасно по живот.

Постои ли лек? Не, но тоа не значи дека не може да се намалат фреквенцијата и размерот на нападите. Прво што треба да направите е да се откажете од цигарите (тие предизвикуваат вазоконстрикција), а потоа да настојувате да бидете физички активни. Миењето раце со топла (не жешка) вода звучи банално, но е доста ефикасно. И не излегувајте од дома без термо чорапи и ракавици.

Постојат лекарства за проширување на крвните садови, но се земаат исклучиво во консултација со лекар. Најнова метода е третман со ботокс инјекции, а што се однесува до алтернативните варијанти, гинко билобата е суперопција.