Прекумерната телесна тежина е сериозен медицински проблем со епидемиски размери. Бројот на деца со прекумерна телесна тежина вртоглаво расте, а паралелно се зголемуваат и последиците и проблемите произлезени од тоа.
Што се вишок килограми?
Дебелината во превод значи вишок телесни маснотии. Можеби неколку килограми не значат веднаш дека вашето дете е дебело, меѓутоа тоа може да укажува на склоност кон додавање килограми и потреба за корекција на начинот на исхрана и потреба од физичка активност. Како проблем, најчесто се појавува во 5-тата или 6-тата година од животот или за време на пубертетот. Децата кои се соочуваат со прекумерна телесна тежина на возраст од 10-13 години имаат многу големи предиспозиции да бидат и подоцна во возрасната доба.
Што води до дебелеење?
Причините се комплексни и бројни и вклучуваат, пред сè, генетски, биолошки, културолошки и социолошки фактори.
Внесувањето на повеќе калории во однос на потрошеното, неминовно доведува до зголемување на телесната маса. Прекумерна телесна тежина може да настане и како комбинација на повеќе фактори.
Најчести ризик-фактори
за детска дебелина:
- лоши животни навики на семејството
- семејни проблеми и проблеми со околината
- недоволна физичка активност
- недостаток на самодоверба
- прекумерно внесување газирани и внесување грицки како замена за редовни оброци
- секојдневно поминување неколку часа пред телевизор или пред компјутер
- недоволно и неквалитетно спиење
Ризици и компликации
Лошите ефекти од прекумерната телесна тежина се многубројни.
Најчесто се проследени со ризик од појава на:
- срцеви заболувања
- висок крвен притисок
- дијабетес
- астма и проблеми со дишењето
- проблеми со спиењето (апнеа)
- социјална дискриминација
Дебелината кај децата често е поврзана и со појава на емоционални проблеми. Овие деца имаат далеку помала самодоверба и се помалку
омилени во своето училиште и во средината. Склони се кон појава на депресија, анксиозност и опсесивни нарушувања.
Што да се преземе?
Како родители, директно сте одговорни за здравјето и за навиките на вашето дете.
Вашиот влог и вашето посветено време се од примарно значење за развој на здраво дете.
Започнете со исхраната:
- Променете го начинот на исхрана.
- Научете ги децата да јадат полека и да уживаат во храната.
- Спремајте здрави и избалансирани оброци. И, секако, јадете сите заедно.
- Намалете ги порциите.
- Дозволете детето само да побара.
- Не инсистирајте детето да ја „светне“ чинијата.
- Избегнувајте брза храна. Дури и во ресторани, настојувајте изборот да биде правилен.
- Избегнувајте фиоките да ги полните со слатки, чипс и со газирани пијалаци.
- Купувајте и нудете им на децата што повеќе овошје и зеленчук.
- Дозволете при купувањето децата сами да ги избираат овие намирници.
- Потрудете се детето да го земе својот појадок.
- Водете грижа што јаде детето во градинка или во училиште.
- Заменете ги индустриските сокови со вода или со природно цедени сокови.
- И, секако, не обесхрабрувајте се доколку детето не го прифаќа овој начин на исхрана. Бидете упорни.
- Некогаш е потребно новите намирници да се понудат и повеќе од десетина пати пред детето да ги прифати.
- Немојте да ја користите храната како награда. На овој начин храната станува помалку вредна во однос на ветената награда.
Запомнете дека малите промени секој ден може да доведат до резултати за цел живот!
Поттикнете ја активноста.
- Дајте му добар пример на детето. Доколку детето е сведок дека вие сте активни, и притоа уживате во тоа, и тоа ќе го прифати таквиот образец на однесување.
- Стимулирајте го детето да се вклучи во спортски активности соодветни за неговата возраст.
- Имајте разбирање за неговите потреби и капацитети. Доколку не ужива во одредена активност, помогнете му да најде соодветна во која ќе се чувствува исполнето.
- Бидете активни како семејство. Организирајте заеднички дневни активности вклучувајќи заедничко готвење, чистење на домот или миење на автомобилот. Организирајте заеднички излети во парк, на планина или возете велосипед. Изборот на активности надвор е голем. Останете АКТИВНИ! Секако, не претерувајте. Почитувајте ги можностите на детето и не инсистирајте на долги и исцрпувачки активности.
Намалување на времето поминато во седење.
Покрај охрабрувањето на физичката активност, на децата треба да им се помогне да избегнуваат премногу седење. Иако одредено време поминато во седење поради читање или извршување домашни задачи е во ред, би требало на децата да им се ограничи времето потрошено на гледање телевизија, играње видеоигри или времето потрошено на интернет, на не повеќе од 2 часа дневно. Исто така, не се препорачува гледање телевизија на деца на возраст помали од 2 години. Наместо тоа, треба да ги охрабрите вашите деца да изнајдат забавни активности кои ќе ги прават сами или заедно со членовите од семејството.
Дајте му поддршка на вашето дете.
Градење на детската самодоверба е особено важно. Кажате му на вашето дете дека е сакано и посебно.
- Сакајте го детето и не нагрдувајте го без разлика на килограмите.
- Истакнувајте ги позитивните карактеристики и работете на враќање на самодовербата. Честите разговори за вишокот килограми може да бидат контрапродуктивни.
Прекумерната телесна тежина е медицински проблем кој лесно се препознава, но тешко се третира.
Доколку не се реагира навремено во рана возраст, многу често станува доживотен проблем.
Научете го вашето дете да се храни здраво, да јаде умерено и да ужива во јадењето.