Дијабетес и суво око – Што треба да знае секој пациент?

Дијабетес и суво око – Што треба да знае секој пациент?

Дијабетесот е хронична болест која може да влијае на многу органи и системи во телото, вклучувајќи го и окото. Додека дијабетската ретинопатија е една од најпознатите компликации, помалку се зборува за синдромот на суво око – состојба која е исто така честа кај пациенти со дијабетес и може значително да го наруши квалитетот на живот.

Зошто дијабетичарите често имаат суво око?

Хронично покачениот шеќер во крвта може да доведе до оштетување на нервите (што се нарекува дијабетична невропатија), вклучително и на оние кои ја контролираат продукцијата на солзи. Истовремено, намалената чувствителност на површината на окото го отежнува природниот одговор на солзната жлезда на сувост. Резултатот е нарушен солзен филм, што доведува до симптоми на суво око.

Како да ги препознаете симптомите на суво око?

Симптомите на суво око може да бидат суптилни и да се појавуваат постепено. Затоа е важно пациентите со дијабетес да знаат на што да внимаваат. Најчестите симптоми вклучуваат:

  • Чувство на пецкање или жарење во очите
  • Чувство како да имате песок или страно тело во окото
  • Замаглен вид, кој се подобрува по трепкање
  • Црвенило и иритација
  • Чувствителност на светлина (фотофобија)
  • Парадоксално, може да се јави и засилено солзење – како реакција на сувост
  • Замор на очите при читање, работа на компјутер или гледање телевизија

Доколку пациентот примети еден или повеќе од овие симптоми, и особено ако траат подолго од неколку дена, потребно е да се побара мислење од офталмолог и да се ординира соодветна терапија.

Кога е потребен офталмолошки преглед?

Секој пациент со дијабетес треба барем еднаш годишно да посетува офталмолог за рутинска проверка, која вклучува преглед на видна острина, интраокуларен притисок, преглед на фундус во мидријаза (широка зеница).
Почести прегледи се препорачуваат кај пациентите кај кои веќе се дијагностицирани компликации на окото од дијабетесот, како и кај пациенти кои имаат акутни симптоми, како:

  • Појава или влошување на симптомите на суво око (изразено грепкање, печење, црвенило и сл.)
  • Нарушување на видот (намалување на видот или појава на мушички во видното поле)
  • Ако претходно ви биле дадени вештачки солзи, но симптомите не се подобруваат

Раната дијагноза на синдромот на суво око, како и навремената интервенција се клучни за спречување на трајни оштетувања на површината на окото и подобрување на квалитетот на живот.

Превенција и секојдневна грижа

Синдромот на суво око може да се контролира и ублажи со неколку едноставни, но многу важни мерки:

  • Контрола на шеќерот во крвта – Добро регулиран дијабетес значи помала веројатност за појава на компликации на очите
  • Редовно користење на вештачки солзи – Добро е секој пациент со дијабетес во својот дом да има вештачки солзи кои ќе ги користи при појава на симптоми на суво око
  • Избегнување на сув, загаден или климатизиран воздух
  • Правење кратки паузи при долготрајна работа на компјутер и користење вештачки солзи во тек на работа
  • Здрава исхрана, богата со витамини и минерали, како и доволен внес на вода

Сувото око е честа, но често занемарена состојба кај пациенти со дијабетес. Познавањето на симптомите и редовната офталмолошка грижа се клучни за навремено откривање и успешно лекување. Со соодветна нега и дисциплина, пациентите можат да одржат добар вид и здравје на очите долгорочно.

Др. Маја Иванова Цеков
Специјалист офталмолог , ПЗУ Систина Офталмологија