Елена Бубало

Елена Бубало

Дамата на фитнесот не менува само изгледи, туку менува животи

Ова е приказната на една обично-необична жена која од салите за играорна и очекувањата да работи во нејзината примарна професија како биохемиски инженер, станува една од највлијателните личности во фитнес индустријата.
Денес стотици жени се благодарни што оваа дама одлучи својата дисциплина, знаење и стручност во полето на фитнесот и исхраната секојдневно да ги споделува со нив.
Покрај себе го има и својот сопруг Атанас со кого ја споделува професијата, но и приватниот живот исполнет со две дечиња, многу прошетки на планина и едноставност во живеењето, што помалку или повеќе на сите ни недостасува.

Bubalo

Како го започнавте вашето фитнес патување?

Јас сум цел живот со фолклорот, но кога престанав со него ми требаше нешто што ќе ме држи активна и дисциплинирана зошто така бев растена. За време на студиите по хемија почнав да вежбам аеробик, тренингот ме држеше фокусирана за да завршам еден толку тежок факултет. Се заљубив во групните тренинзи, енергијата со луѓето, заедницата која се гради. Штом дипломирав се вработив, но работев само за да имам пари да се запишам во Белград и да се квалификувам за тренер на нивниот факултет. Беше претежок период, но зацртав дека тоа ќе го правам! Лесно се откажав од наука, зошто тука во Македонија немаше нешто што ќе ме мотивира да продолжам да работам на тоа поле. И така, со цел и план успеав да се едуцирам и полека, но сигурно, да ја работам работата која ја живеам денес. Ни јас, ни мојата фамилија, не мислевме дека фитнесот ќе ми стане професија. Секогаш бев за природни науки и сите ме гледаа како дел од некоја лабораторија. Со труд, јасна цел и замисла, го остварив тоа што го замислив и сакав.

Кога ќе погледнете наназад, горди ли сте на себе ̶ професионално и приватно?

Нескромно сум среќна за сè досега, благодарна на фамилијата, децата, сопругот. Моментално имаме „војска“ од вежбачи кои ни ја дале довербата нам, тоа ме прави горда, среќна, но и мотивирана за да учам нови работи, да напредувам и да ги имплементирам во работата. Понекогаш се чувствувам како во некоја кутија, работам многу напорно и не ми текнува да излезам оттаму и да споредам како било пред 13 години и сега. Но, кога тоа ќе се случи, се гледа дека има огромен напредок и разлика благодарение на секој еден кој ни ја дал довербата.

Кои се предизвиците со кои се соочувате како фитнес тренер?

Предизвици има многу, секој ден. Од луѓе со големо его кои доаѓаат да вежбаат, но не дозволуваат да им кажеш ништо без разлика што ме одбрале како тренер, па сè до сериозни предизвици како работа со луѓе со повреди и проблеми на кои безрезервно сакам да помогнам. Но, во целата таа низа, би го издвоила периодот на бременост и постпородилниот период, кога си свесен дека мораш исто да функционираш, дека работата зависи од тебе, дека оваа работа нема право на 9 месеци породилно отсуство. Не е лесно да не се појавиш во сала една година, па затоа го прифаќаш тоа како предизвик на кој му наоѓаш решение, без разлика колку е тешко или невозможно.

На кој начин се мотивирате себеси и како ги мотивирате оние што сакаат да се откажат?

Моментално живеам период во кој имам мали деца и премногу обврски поврзани со својата кариера и работа. Реално, периодот ми е напорен и доста тежок, пробувам да најдам баланс и свесно го живеам денот. Не дозволувам работата така лесно да ме извлече и да не уживам важни моменти, како ручек со фамилијата и времето поминато со нив. Затоа можам да кажам дека не сум толку мотивирана за работите, ама сум премногу дисциплинирана и одам со работите докрај, речиси никогаш не се откажувам. Кога станува збор за да ги мотивирам другите, тогаш веќе тоа е дел од мојата работа, тие затоа доаѓаат и тоа го очекуваат од мене. Никого не лажам и не му давам лажна надеж за нешто што сака да постигне. Пробувам да ги вметнам вежбањето, исхраната, сонот и грижата за себе како дел од секојдневието, нешто што нема да им биде обврска, туку стил на живот.

Го сфаќате ли како личен неуспех откажувањето на некој од групата?

Кога не бев созреана во работата ми беше многу криво, не го разбирав тоа. Сега воопшто не е така, нормално е некој да сака да смени и без лоша причина. Понекогаш и јас им кажувам дека не се за кај мене/нас, па давам препорака од мои колеги. Многу ретко се случува и незадоволство и тоа е во ред, не може сè да ни се допаѓа во еден систем на функционирање. Затоа, во ред е кој било да се откаже, а не да го троши времето некаде каде не му е убаво. Не го сфаќам тоа лично, сè додека знам дека не сум погрешила, туку како нормален дел од работата.

Кога има член во вашата екипа што отскокнува, како го решавате тој проблем?

Ние работиме групни тренинзи, но имаме индивидуален пристап. Тоа значи дека не треба сите исто да вежбаат, па некој да се фрустрира на часот. Тренингот е така програмиран да може да го извежба напреден вежбач, но и почетник. Секој си добива своја задача, луѓето не се натпреваруваат меѓу себе, ниту пак вежбаат со броење. Сè е индивидуално, а наше е да помогнеме, да коригираме, да следиме како се изведуваат вежбите, да даваме заменски вежби ако има потреба и да ги мотивираме да дадат максимум од себе.

Bubalo

На кој начин водите сметка да сте во тек со фитнес трендовите и храната?

Пред короната тоа беше со патувања во странство, следење семинари, курсеви. На некои од нив сме научиле, на некои и не толку многу, но мора да се оди и да се следи. Тоа е во врска со трендовите за вежбање. После короната, едукацијата од страна на различни универзитети стана многу подостапна, па сега е полесно да се учи, а од учење и ново знаење никогаш доста. Па така само бараме, запишуваме, полагаме, читаме и што сметаме дека може го пренесуваме во нашата работа. Среќа е што со сопругот ја работиме истата работа, па се надополнуваме еден со друг.

Каков совет имате за жените кои имаат аспирација да станат тренери?

Ги поддржувам максимално. Ова е една професија која е во континуиран раст и сè повеќе ќе има потреба од тренери. Убаво и правилно е да се едуцираат, да знаат точно што би работеле и да се фокусираат на тоа. Мора да разберат дека ова е една одговорна работа, бидејќи некој ви го доверува сопственото здравје, и мора одговорно да се однесуваат. Има каде да се едуцираат, во меѓувреме да градат искуство работејќи кај некој тренер и после тоа да си ја уживаат оваа преубава работа.

На социјалните мрежи поттикнавте убава промена за здрав живот, но постои ли ризик од нецелосно и нестручно споделување совети?

Како и за секоја гранка, па и за оваа, социјалните мрежи се отворени за секого, секој може сè да напише. Ваше е да направите филтер од кого ќе примате информации, не мора премногу да се истражува, но од друга страна не може да се верува и да се применува секое едно видео само затоа што е вирално во тој момент. Најдобро да се обратите на тренер/нутриционист доколку не сте информирани, но во случај да сте долго во приказната, со читање и истражување можете да научите многу работи. Повторно ќе нагласам, како и за секоја работа, ни се пласираат секакви информации, на крајот ние сме тие што ќе одлучиме кому ќе веруваме. Бидете внимателни, сепак станува збор за вашето здравје, а не само за вашиот изглед.

Луѓето се кријат низ различни изговори за да не вежбаат, но малкумина се искрени кога менталната кочница е во прашање. Дали сте се соочиле со такви случаи досега?

Оправдувања има секогаш и има секакви, за овие 14-15 години имам слушнато сè и речиси на сè давам значење, зошто не знаеме човек низ што поминува сè додека не му дадеме шанса да се отвори и да ја стекне нашата доверба. Нормално, има и нелогични изговори, па дури и такви за кои ми е тешко да најдам начин да помогнам. На почеток вежбачите не разговараат со мене доколку имаат психички проблеми, нормално не сум јас стручна за тоа, но после 4 тренинзи доаѓаат да кажат дека се чувствуваат убаво, релаксирано, дека поминувале низ некој тежок период, дека вежбањето многу им помага и дека јас, не знаејќи, многу сум им помогнала. Така доаѓа до мене информацијата дека се соочуваат со одредена ментална состојба. Ваквите случаи низ годините ми докажаа дека физичката активност помага за подобро ментално здравје.

Elena Bubalo

Дали вашите програми се насочени на управување со стресот?

Немам посебна програма за тоа, но целиот склоп на групни тренинзи е направен да функционира како систем за подобрување на севкупното здравје, вклучувајќи го и менталното. Поточно: Доаѓате редовно на тренинг, во даден термин, а со тоа работите на вашата дисциплина; таму има луѓе со кои веќе вежбате подолг период, тоа е вашата заедница, вашето безбедно место каде правите нешто убаво за себе, го трошите времето за ваше подобро здравје; па имате дружба после тренинг, не го ни спомнав тренингот за кој впрочем сте дојдени и тренерот кој е задолжен да се чувствувате убаво. Па така, ова е едно место каде несвесно телото се ослободува од стресот акумулиран во текот на денот.

Кои предиспозиции треба да ги поседува еден фитнес тренер за да биде комплетен?

Јас не сум човекот кој можам да кажам кои предиспозиции треба да ги има еден тренер. Но, зошто ние имаме повеќе сали и тренери, можам да кажам што ми е важно кога бирам тренер: знаење, но и капацитет за истото да го пренесува (не секој добар тренер знае како тоа да го пренесе на вежбачите), односот со луѓето, начинот на комуникација, енергијата која треба да се пренесе, љубовта спрема работата. На крајот од денот секој тука доаѓа за да му биде убаво и замислете да има тренер кој нема ни да го праша како е, нема да му се насмее или нема да препознае дека денес на една мајка ѝ е тежок денот и дека не треба да ја форсира, тогаш за џабе ми е најзгодниот тренер со 2 факултети.

Балансирањето со мајчинството и кариерата е предизвик, па дали ви останува време за себе?

Тешко е, да, тоа го напоменав и погоре. Но, не е невозможно. Животот мој на село ме научил на дисциплина и упорност од мали нозе, ова сега дури ми е уживање. Јас сакав да имам деца, знаев дека ќе биде во жижата на мојата кариера, ама тие не ми се пречка, туку причина да бидам тоа што сум сега. Време за себе имам, добро сум организирана и не сакам да се жалам, туку да најдам начин за да ми биде уште полесно. Има денови кога ништо не ми се прави, тоа е сосема во ред, па знам така да го поминам денот, ни ручек да не направам. Баланс е тешко да се одржува, но во тоа е успехот. Да не заборавиме дека еден тренинг во денот помага да се носиме со сите предизвици што ги имаме во него.

Со сопругот го делите и работниот простор, дали тоа има повеќе предности или недостатоци?

Точно, со сопругот делиме иста работа, ама ние тоа го сакавме и супер функционираме. Кај нас, во нашата работа, има повеќе предности. На пример, ако денес имаме болно дете, едниот седи дома едниот е на работа. Учиме заедно и се надополнуваме, со тоа штедиме многу време, живееме ист стил на живот, што е полесно да се пренесе на децата. Верувам дека не секоја професија го дозволува тоа, ова е пример за моето лично искуство и не значи дека е така кај другите.