Емра Куртишова

Емра Куртишова

Актерски талент за сите генерации

Децата ја знаат како принцезата Флора или Грдото Пајче, возрасните ја знаат како Исаура од ТВ серијата „Преспав“, а малкумина знаат дека зад сите овие ликови се крие истата актерка, талентираната Емра Куртишова.

По дипломирањето на факултетот за Драмски Уметности, Емра одлучува да го „испече“ својот актерски занает на потешкиот начин, вработувајќи се во Театарот за деца и младинци каде постојано е на удар на искрените детски критики.

Денес, после цела деценија, Емра сѐ уште маестрално го задржува детското внимание, а во позадина учествува во создавањето на културни генерации кои дишат за уметност.

Но, нејзиниот талент не запира тука! Штом го соблече веселиот театарски костим, Емра застанува пред ТВ екраните и трансформирајќи се во собарката Исаура, успева да ги насмее сите генерации, но и да поттикне крешење на стереотипите во нашето општество.

Во ера на паметни телефони, сѐ потешко е да им се задржи вниманието на децата!

Во ера на пандемија и светска економска криза, сѐ потешко е да се изнуди насмевка кај возрасните!

Но, се чини дека на оваа актерка ѝ успеваат и двете! Тому тука лежи големината на нејзиниот талент.

Дали во театар, дали на ТВ, вие вдахнувате живот во секој лик што го толкувате. Но, дали е потешко да се глуми пред деца или пред возрасни?

Најнапред, да ви се заблагодарам на убавите зборови, се радувам што со досегашните улоги во театар и во серијата сум оставила таков впечаток.

Што се однесува до детската публика, морам да признаам дека за жал постојат стереотипи од типот: „Лесно е да се игра пред деца!“, напротив, полесно е да се игра за возрасни, бидејќи возрасните умеат да те пофалат и кажат по некој убав збор и тогаш кога самиот си свесен дека претставата е една од оние што ќе биде со краток рок на живот.

Таа „способност“ кај децата е недоволно развиена, па оттука доаѓаме до заклучок дека се работи за најискрената публика која реагира со чисти емоции, односно или прифаќа или одбива. Токму поради оваа причина сум среќна што 10 години сум дел од Театар за деца и младинци.

Која е поголема љубов за вас, театарот или филмот?

Убаво ми е и во театар и на филм. Не би можела да издвојам од причина што се пронаоѓам во двата света.

Театарот е магија која што се случува овде и сега, немаш право на грешка зашто секоја грешка влече нова, а тоа е пораз за секој актер, токму затоа е потребна полна концентрација. Го сакам затоа што театарот дозволува прогрес на ликовите од изведба до изведба и ниедна изведба не е иста со претходната.

Играта пред камера е друга приказна. За себе сметам дека немам доволно искуство како би можела поконкретно да го опишам чувството, но сепак сум свесна дека ми е голем предизвик и ме привлекува.

Камерата „купува“ еден кадар кој останува засекогаш, и тука нема назад… колку си дал од себе, толку ќе остане. Затоа е предизвик и голем поттик за секој актер.

Како всушност се заљубивте во глумата и одлучивте да станете актерка?

Желбата за одење во театар ми се јави кога запознав другарка чии родители работеа во Драмски, тогаш имав 12 години. Одевме многу често во театар, некои од претставите ги гледавме и повеќе пати… не пропуштавме ниту една премиера.

Понекогаш се случуваше да одиме зад сцената во гримиорните на актерите. Тоа чувство за мене беше незаменливо… Да, најверојатно секоја нова претстава, секое одење зад сцената, костимите, буквално сѐ што беше поврзано со театарот направи да се вљубам во оваа професија.

Од денешен аспект, со оглед на мојата интровертност од дете, морам да признаам дека одлуката да бидам актерка била навистина храбра, но ете, ме водела таа желба која била вистински силна и искрена.

Дали актерството подразбира постојано учење и усовршување на талентот?

Апсолутно да, треба и мора. Велат дека оваа професија е како занает, а занаетот цел живот се учи и се „краде од поискусните.

Кои актери/ки и филмови ви служат како инспирација до ден денес?

Мерил Стрип во Sophies’s Choice. Доколку го гледате филмот ќе ви стане јасно за што зборувам. Ништо што ќе кажам нема да биде доволен опис за тоа што поседува таа актерка во себе.

„Целта на „Преспав“ е да ѝ се воочи на публиката со какви баналности се занимаваме во животот и колку истите ни претставуваат секојдневие.“

„Мојот карактер е дијаметрално различен од ликот на Исаура, но, предизвикот е токму во тоа да играш лик спротивен на твојот карактер.“

Улогата во „Преспав“ ви донесе личен успех, но ѝ донесе успех и на серијата. Како лично се носите со тежината на успехот, чувствувате ли притисок од околината поттикнат од вашата популарност?

Кога ја снимив првата епизода во третата сезона не бев доволно свесна во што се впуштам. Знаев дека се работи за екстремно популарна серија, но не очекував премногу, бидејќи стануваше збор за епизоден лик.

Многу кратко по епизодата почнаа да ме препознаваат, да ме застануваат за фотографирање децата во театар, да реагираат на мојата прва појава во претставите.

Не можам да кажам дека чувствувам притисок, напротив убаво е чувството кога знаеш дека си прифатен од публиката, кога знаеш дека го вреднува твојот труд, особено кога во очите им гледаш возбуда која не се контролира. Сето ова ми причинува огромно задоволство, но и ми задава тешка задача и поттик за понатамошен развој во секој нареден проект.

Голем број актери велат дека потешко е да ја насмеат публиката, отколку да ја растажат. Каков е вашиот став, со оглед на тоа што баш добро стоите со хуморот?

Ќе се согласам со колегите.

Се сеќавам дека мојот професор на ФДУ зборуваше дека комедијата е математика, секое погрешно калкулирање е еднакво на неточен резултат, и навистина е така.

Комедијата е умешност, тешка задача за да го задржиш вниманието на публиката, особено во денешно време каде што ни се случуваат по 200 трагедии дневно.

Дали ги засмејувате и луѓето во приватниот живот?

Можам да кажам дека знам да откачам некоја „зелена“, но сето тоа зависи од околината. Го контролирам својот однос и не се опуштам лесно, зашто не сакам да привлекувам внимание кон себе.

Не сум од оние од кои не можеш да дојдеш до збор, ниту сметам дека треба да приредувам stand-up comedy, иако постои клише дека ако си актер треба да кажуваш вицови и да правиш од себе сѐ што не си приватно.

Мојот карактер е дијаметрално различен од ликот на Исаура, но, предизвикот е токму во тоа да играш лик спротивен на твојот карактер, уште кога тоа публиката ќе го прифати знаеш дека си на вистинскиот пат.

Што ни подготвувате во моментов?

Во моментов ги играм претставите на репертоарот во Театарот за деца и младинци. Конечно по две години на репертоарот ги враќаме претставите со повеќе од пет актери, бидејќи Ковид протоколите не дозволуваа на сцената да играат повеќе од петмина. Интензивно се работи на нови претстави, а месецов една од нив ќе ја доживее својата премиера.

Летово во најава е простор под отворено небо со проширена програма каде децата и младите ќе се чувствуваат безбедно да бидат свои, креативни, со тоа што ќе имаат можност да бидат вклучени во уметничките активности.

Проектот опфаќа драмска, балетска и музичка уметност. Организатор на овој проект е Bullfrogs продукција. Во најава се и нови проекти наесен, но за тоа потоа.

Филмот има неверојатна моќ да влијае на културата на живеење, па дали чувствувате одговорност за тоа што го презентирате преку улогата? Колку сте спремни на компромис во случај вашата улога да промовира сосем различни ставови од личните?

Преспав“ е ситком базиран на стереотипи кои за жал сѐ уште и тоа како се дел од нашето општество. Целта на оваа серија е да ѝ се воочи на публиката со какви баналности се занимаваме во животот и колку истите ни претставуваат секојдневие. Оттука не гледам причина за одговорност, бидејќи секој лик во серијата е реален и сигурна сум дека таму некаде постои.

За улогите кои што промовираат различни ставови од моите може да дојде до компромис доколку не ми се нуди нешто што може да ме загрози пред сѝ како индивидуа. Сакам предизвици, но не и ризици.

Колку суета и дискриминација има во филмската и драмската уметност кај нас?

Суета постои во секоја професија, па и во оваа. За среќа се држам настрана од сѐ она што може да ме повреди или омаловажи. Досега сум немала лоши искуства, поради тоа што кругот во кој што функционирам нема никаква врска со суета или пак дискриминирачки предиспозиции.

Не ги милувате премногу социјалните медиуми… Но, освен за лошо, тие честопати послужиле и за добро. Дали клучот е можеби во нивното балансирано дозирање?

Немам ништо против социјалните медиуми, профилите ги деактивирам тогаш кога сметам дека сум се „предозирала“ од информации и многу паметување преку истите. На тој начин си ја зачувувам психата и се фокусирам на друго.

Неспорно е дека служат и за добро, би било одлично кога само за тоа би се користеле.

Да, најверојатно клучот е во балансот, само што јас сум од крајност во крајност. Ми се случува во текот на денот воопшто да не отворам ниту една социјална мрежа, па кога ќе стигнам на работа да се почувствувам како да сум паднала од Марс.

Како милувате да го поминувате своето слободно време?

Филмови, серии, пријатели, животните по дома… уживање!

Која е вашата девиза за здрав и среќен живот?

Да не чепкаме по туѓите животи! Имаме свој, еден…