Модерната стоматологија постојано е во тек со современото живеење. Брзиот начин на живот, постојаната комуникација со луѓе, потребата за социјализација, како и развојот на технологијата (социјални мрежи, интернет-комуникација итн.) налагаат високи естетски критериуми за секого.
Еден од главните естетски критериуми е убавата насмевка. За сè поголемата побарувачка од естетска корекција на насмевката, стоматологијата одговара со нови и сè помалку инвазивни корективни техники. Еден од најмалку инвазивните и најуспешните протетски методи за постигнување естетска насмевка се токму естетските луспи, односно фасетите.
Што се тоа естетски луспи или фасети?
Фасетите се тенки протетски надоместоци кои се лепат на предната страна на забите со цел да ја коригираат нивната естетика (менување на обликот и големината на забите, нивната боја, затворање простор меѓу забите – диастеми, коригирање неправилности во нивната положба итн.). Може да бидат направени од порцелан или, пак, од композитни материјали. Секако, порцеланските фасети се далеку поестетски од композитните и овозможуваат убава природна насмевка во смисла на бојата, транспарентноста, структурата и сјајот којшто може да го постигнат.
Дали за да се постават фасети, потребно е забите претходно да се стружат?
Постојат две методи на изработка на фасети, едните се со претходна препарација на забите-носачи, а другите се без препарација. Препарацијата, односно стружењето на забите за фасети е минимално. Тие се стружат за приближно 0,6 мм. Бидејќи глеѓта има дебелина од 1,5 до 2 мм, тоа значи дека препарацијата на забите за ламинати е минимална и е на нивото на глеѓта, со што се избегнуваат дентинските рани на забите типични за конвенционалното стружење за коронки и мостови. Во точно испрепарираните граници на забот, потоа се вметнува фасетата која има функција да ги коригира естетските неправилности. На тој начин, фасетата е како срасната со забот и нуди висока естетика. Доколку забот претходно не го препарираме, ја заштедуваме целата забна маса, но ризикуваме да добиеме заби кои се помасивни и подебели од природните со што е тешко да се постигне врвна естетика.
Како се лепат фасетите и дали е возможно да се одлепат?
Изработката на ламинати и нивното лепење е можеби најтешката и најпрецизна работа во протетиката, воопшто. Лепењето мора да биде изведено по строго пропишаните правила на производителот на лепилото (цементот), по претходна доследна хемиска обработка на фасетите и забите-носачи. Секако, од огромна важност е искуството и знаењето на стоматологот. Доколку не се придржуваме доследно до правилата за цементирање и не го извршиме тоа во совршено сува средина, за да овозможиме квалитетна хемиска врска помеѓу ламинатот и забот-носач, тогаш ризикуваме тој да се одлепи.
Дали постојат несакани последици при протетска рехабилитација со фасети?
Најчеста несакана последица при естетска реконструкција на насмевката со фасети е зголемената чувствителност на забите-носачи. Поради хемиската обработка во процесот на цементирање на фасетите, забите стануваат почувствителни на термички дразби (екстремно топло/ладно). Оваа пречувствителност е можно да се појави и кај заб на кој се работи најобична композитна пломба, бидејќи подготовката на забите за лепење на пломбата е слична како и подготовката пред цементирање на фасетите. Оваа компликација е од минлив карактер, а времетраењето до потполно исчезнување на хиперсензитивноста е индивидуална, од неколку дена до неколку месеци.
Колкава е трајноста на фасетите?
Конкретна трајност на фасетите не може да се дефинира. Според Светската здравствена организација (СЗО), вообичаено протетските надоместоци добиваат гаранција од пет години, но нивната трајност во суштина е многу подолга. Кршење на фасетата е еднакво возможно како и кршење на природен заб при повреда. Доколку пациентот се грижи за здравјето во усната шуплина, редовно оди на контроли и третмани за одржување на непцата, протетските надоместоци ќе опстојат во добра кондиција многу долго време. Секако, со стареењето, како што се појавуваат брчки на лицето, така се појавуваат и промени во устата. Најчеста промена е рецесија на непцата (повлекување). Доколку ова повлекување резултира со нарушена естетика тогаш е потребно фасетите да се заменат со нови, адекватни на новата состојба. Вообичаено, овие промени не ја компромитираат естетиката затоа што фасетите се инкорпорирани во забите и се направени од високоестетски материјали, па така преодот помеѓу фасетата и забот е речиси незабележлив.
Кои се придобивките од естетските фасети?
Со фасетите можете да направите естетска корекција на забите и да добиете насмевка за која сте сонувале. Убавата насмевка го подмладува секого и прави од вас да изгледате здраво, посреќно и поуспешно. Со фасетите ги заштитуваме забите кои се абрадирани и го спречуваме нивното понатамошно абрадирање. Пациентите по протетската рехабилитација со фасети лесно се навикнуваат на новата состојба бидејќи немаат никакви проблеми при џвакањето и зборувањето. Поставувањето фасети на заби кои имаат пломби е трајно решение, бидејќи фасетите не се обојуваат и не стареат како пломбите кои треба да се менуваат на неколку години. Доколку добро се грижите за нив, нивната трајност е како трајноста на природните заби. Фасетите не само што изгледаат природно туку пациентите и ги чувствуваат како природни, бидејќи голем дел од забите-носачи е сочуван.
Ана Кртолица-Геориев,
др дент. мед