Генетски модифицирана храна – за или против?

Генетски модифицирана храна – за или против?

Генетските модифицираните организми (ГМО) се користат за производство на храна која е изменета со цел повеќе да им користи на луѓето – да се добие производ со пониска цена, подолг рок на траење или да се зголеми хранливата вредност.

Генетскиот материјал (ДНК) на генетските модифицирани организми, растенија или животни е променет на начин кој е невозможен да се случи природно. Но, промените се сметаат за безбедни, бидејќи се контролирани и тестирани пред да стигнат на пазарот.

И покрај сѐ, за дел од популацијата овој тип храна е неприфатлив, за други е сосема во ред.

Пожелно е добро да се информирате пред да одлучите дали сте за или против ГМ храна.

Типови ГМО

Генетската модификација се практикува за научни цели или како замена во снабдувањето со храна. Вообичаените генетски модификации вклучуваат:

  • Додавање антибактериски гени на растенијата.
  • Воведување гени кои ги прават организмите поголеми и поцврсти.

  • Создавање нов тип храна преку комбинирање на гените од постоечката храна.
  • Додавање животински гени на растенијата и обратно.

Вообичаена храна која содржи ГМО се шеќерната репка, оризот, пченката, млечните производи и сојата. Генетски модифицираните организми завршуваат и во месото најмногу поради тоа што илјадници животни во фармите ширум светот се хранат со генетски модифицирана храна.

Консументите најчесто не го знаат овој податок од причина што производите кои се генетски модифицирани не мора да бидат означени дека се.

Придобивки од ГМО

Она што е транспарентно и што го промовираат агробизнисите во однос на ГМО е следно:

Подобар квалитет и вкус на храната: Преку генетска модификација пченката добива посладок вкус, пиперките се позачинети, крушите имаат доминантен вкус на јаболко, а сите плодови имаат подолг рок на траење. Студиите покажуваат дека луѓето повеќе го претпочитаат вкусот на генетски подобрениот домат во однос на оној чиј вкус е природен.

Помалку здравствени проблеми за животните: Генетската модификација ги прави животните поотпорни на болести и поиздржливи во однос на условите на фармите.

Поефикасно производство на храна: Генетската модификација им заштедува време и труд на земјоделците. Тие може да го прескокнат прскањето на културите со пестициди, бидејќи храната секако е отпорна на штетници.

Храната е похранлива: Некои намирници се дополнително збогатени со минерали и витамини. Ова ја олеснува потрагата по разновидна храна за организмот.

Недостатоци од ГМО

Поборниците за органска храна го тврдат спротивното:

Поголеми еколошки ризици: Создавањето нови растителни и животински видови кои не постојат во екосистемот може да биде штетно за постоечките видови поради вкрстеното размножување и опрашување. Овие видови се отпорни речиси на сѐ, па нивното претерано разможување е тешко да се контролира.

Колатерална штета: Благодарение на отпорноста, ГМ организмите ненамерно ја зголемуваат моќта на бактериите, кои ќе стануваат сѐ потешки за уништување.

Слаб принос: ГМО не ги зголемува приносите на земјоделските култури! Студиите потврдија дека и на генетски модифицираната храна ѝ треба исто толку време за да порасне како природната.

Зголемен број на болни или умрени животни: Низа изолирани случаи потврдуваат дека животните кои се хранат со ГМ храна се разболуваат или умираат, а таа храна не е ништо поразлична од ГМ храната создадена за луѓето.

Сѐ почести алергии: ГМ храна ги зголемува и зачестува алергиските реакции кај луѓето.

Читајте етикети

Единствен начин за да бидете сигурни дека производот што го купувате не содржи ГМО е да побарате ознака дека истиот е органски. Дел од производителите нагласуваат дека, на пример, млекото е добиено од крави кои не примиле хормон за раст.

Единствен начин за да проверите дали ГМ храната му штети на вашиот организам се сигналите што тој ви ги праќа кога ја консумирате и кога свесно ја исклучувате.