ГЛАУКОМ – тивок крадец на видот

Глаукомот претставува втора најчеста причина за слепило во светот, а воедно и кај нас. Најмногу поради неговото доцно откривање, веќе откако се настанати големи, неповратни оштетувања на видното поле, и многу често поради непридржувањето на пациентите кон терапијата.
Видови глауком
Постојат повеќе видови глауком:
  • Вроден глауком – се појавува веднаш по раѓањето,
  • Детски или јувенилен – се развивa во периодот на детството,
  • Примарен глаукoм – најраспространет и не е поврзан со други заболувања и
  • Секундарен глауком – се појавува како последица на некои други очни заболувања.
Симптоми
Во зависност од тоа за каков глауком се работи, тој може да помине скоро асимптоматски, што претставува и најчест случај, без болка и без други симптоми. Првите симптоми тука се зголемен очен притисок, намален вид, стеснување на видното поле, кои се појавуваат откако ќе се појават првичните, неповратни оштетувања на видното поле. Освен асимптоматски, зависно од видот на глауком, како симптоми може да се сретнат и болки во соодветното око, слепоочниците и болки во едната половина на главата, намалување на видот, колорни кругови околу сијалица, гадење и повраќање.
Ризик-фактори
Од ризик-факторите за појава на глауком како најважен треба да се спомене покачениот очен притисок, кој покрај другото е и единствениот ризик-фактор на кој може да се делува. Други важни ризик-фактори се семејна поврзаност, возраста над 60 години, а во последно време и над 40 години претставува значителен ризик-фактор. Други ризик-фактори кои треба да се споменат се расата, миопијата (кратковидоста) и други.
Што е важно?
Најважно кај глаукомот е неговото рано откривање. Веднаш по неговото откривање, треба да се пристапи кон примање соодветна терапија за намалување на очниот притисок и за контрола на напредувањето на болеста. Очниот притисок кај овие болни, секогаш треба да се одржува што е можно понизок. На тој начин се обезбедува значително минимизирање на штетата што високиот очен притисок ја прави врз очниот нерв.
Совет
За да се заштитиме од последиците од глаукомот, секој човек над 50-годишна возраст треба барем еднаш во неколку години да направи контролен преглед кај очен лекар, за мерење на очен притисок, а таму каде што ќе биде откриен глаукомот треба редовно да се прима терапијата препишана од лекарот.
Со цел да се подигне свеста кај луѓето за ова заболување и важноста за негово рано откривање, офталмолозите во Македонија секоја година за време на Светската недела на глаукомот, која се организира секогаш во првата половина на март, активно се вклучуваат во акцијата за бесплатно мерење на очниот притисок.