Гораст Цветковски – актер, програмер, гејмер

Гораст Цветковски – актер, програмер, гејмер

Тамам кога ќе помислите дека човек се раѓа со еден талент, се појавува Гораст Цветковски да ве увери во спротивното.

Еден од нашите најпопуларни актери истовремено е страстен гејмер и почитувач на информатичката техонологија. Неговата позитивна енергија е заразна, но силно се чувствува и неговото актерско присуство на сцената на Македонскиот Народен Театар. Извонреден во мисијата да ја насмее, замисли, растажи публиката, Гораст вешто маневрира со актерските способности и во театар и на филм.

Но, штом аплаузот помине и се спуштат црвените завеси, Гораст патува во еден сосема поинаков свет, виртуелниот, каде зема здив дружејќи се со имагинарните ликови на компјутерските игрици. Актерство и гејминг, навидум два неспоиви света, за овој човек отсекогаш биле и се уште се причина за задоволство, продуктивност и егзистенција.

Се поголем е бројот на луѓе кои ги напуштаат своите примарни професии со цел да влезат во ИТ индустријата и да добијат фер наплата на трудот. Но, колку овие приучени кадри може да го издржат брзото темпо на промена на технологиите?

Во ера кога родителите тагуваат што нивните деца се помалку си играат надвор, милиони деца заработуваат со талент за играње игрици. Како да се најде баланс, дознаваме од личниот пример на Гораст.

Актер, програмер, гејмер, сте избрале многу мудра комбинација на професии. Преку актерството експериментирате емотивно до недоглед, преку програмирањето имате можност за изолација со непогрешливата машина пред вас. Како одлучивте да станете едното, па другото? Која професија има блага предност и дали се надополнуваат во практика или повеќе ви создаваат проблеми?

Бев калемен и калапен за електраш. Програмирањето, дизајнот, 3Д моделирањето и општо работата со ИТ и компјутери беше тоа што го носев со мене секаде како дете. Продавниците за хардвер за мене беа тоа што за други беа продавниците за играчки. Флиперниците за мене беа тоа што за другите деца беа слаткарниците. Чекањето списанија за гејминг или игри по автобусот „Млаз Богданци“ пред хотел „Бристол“  за мене беше поголем ден од мојот роденден и Нова година заедно. Свичот се случи преку ноќ. Тоа што ми беше понудено на факултетот ФИНКИ во тоа време ме шутна од таа насока, но само формално. Таа љубов во мене растеше заедно со љубовта кон театарот. Сега ги носам и двете, возрасни и развиени.

Гораст Цветковски

Велат дека еден вистински уметник е невозможно да се пензионира, неговиот креативен ум секогаш ќе бара медиум за да се изрази. Како го замислувате вашето пензионирање?

Со една голема, мрсна кафана и се надевам рачен часовник.

Креативниот ум знае да затаи, да се замасти, да стане мрзелив доколку не се одржува. Начинот зависи од сопственикот. Некој со книги, некој со музика, некој сака да се осами, некој да гувее во летаргија и тажни мисли, некој со сите овие работи претходно, а некој со комплетно друга „храна“. Креативниот ум се храни не само со убави работи туку и со тажни, кои за среќа доаѓаат сами во животот.

„Мозокот на детето се суши кога детето гледа без да размислува што гледа, а тоа се најчесто социјалните медиуми, кратките видеа и слични медиуми.“

Борбата за подобро утре поттикна многу луѓе да ја сменат својата професија, па некогашни адвокати, економисти, новинари, преминаа во програмери, графички дизајнери, софтвер тестери… На површина испливаа многу талентирани луѓе, но колку нашата држава го користи овој капацитет?

Како што гледате AI во моментов е позборувана тема отколку видеото на Северина, бидејќи успева да црта, пее, пишува, рецитира, па и програмира. Според мене, напливот на програмери и преминувањето на други професии во оваа гранка веќе го прели ѓезвето. Во прашање се неколку години, јас мислам 4, кога и семкарот и месарот ќе имаат основно познавање од Frontend програмирање, а со тоа и ќе се намали побарувачката, а со тоа и платата.

Дополнително, за тие што не знаат, програмирањето е неблагодарна професија. Бесконечно седење пред монитор, внатрешна нервоза, фрустрација, бескрајно бркање нови технологии со цел да не заостанеш зад другите. Доколку ова не ви е вродена желба и пасија, туку механички сте се одлучиле да ја правите, ви предвидувам многу, многу тешки моменти, кои веќе не се ни премногу платени.

Дали ни се протнуваат низ прсти талентирани деца кои притиснати од дома се приморани да изберат некоја од традиционалните професии? Од друга страна, родителите се во постојана борба децата што помалку да поминуваат време на компјутер или телефон, па како да се постави баланс?

Јас верувам во „светото тројство“ физичка активност/социјална активност/образование. Доколку сите овие сегменти се застапени во животот на млад човек, не гледам зошто би му се бранело тој да има свое хоби, дали тоа било читање книги, резбање, планинарење или играње игри. Во однос на изборот на професијата, за разлика од порано, сега многу повеќе глас имаат младите во однос на родителите.. или бар јас сум опкружен со такви и имам таква перцепција. Претпоставувам во помалите средини ситуацијата е различна.

Сте размислувале ли можеби да организирате некој вид едукативно-информативна работилница за родители што ќе обучи да ги заштитуваат своите деца при користење на овие паметни алатки, што ќе им ги отвори видиците за тоа колку може да се заработи од многуте ИТ професии, што ќе им покаже како продуктивно да ги користат алатките заедно со своите деца. Бидејќи забележувам дека многу родители го ограничуваат времето за игрици, а детето „виси“ на социјални мрежи каде што демнат многу повеќе опасности.

Мозокот на детето се „суши“ кога детето гледа без да размислува што гледа, а тоа се најчесто социјалните медиуми, кратките видеа и слични медиуми. Мозокот не се суши кога се гледа цел филм, долга епизода од серија, театарска претстава, кога се чита книга или пак кога се игра долга суштинска игра. Тогаш мозокот размислува, креира, прави свои слики, или интерпретира.

Мојот став по ова прашање го кажувам секогаш, но не, не сум организирал досега работилница за родители. Обично повеќе се посветувам кон едукацијата на децата и запознавање со сферата за развивање на игри.

Воопшто не ми се допаѓаат ликовите во цртаните филмови денес, некако се премногу „компјутеризирани“. Дали новите технологии во филмската индустрија како 3Д ја крадат душата на филмот или добрата сторија секогаш го наоѓа совојот пат, па макар се работи за црно-бел или нем филм? Уште пострашно, дали големата експанзија на овој виртуелен свет ќе го загрози опстанокот на театарот?

Не се сложува комплетно. Frozen, Штрци, Коко, Wall-E, Encanto и ред други анимирани филмови се поголеми и позначајни од многу високо продукциски филмови кои излегуваат и треба да излезат. Емоциите кои може да се претстават преку анимација некогаш не можат да се доловат дури ни со вистински, жив актер. Тука се песните и музиката која многу често знае да е феноменална.

Она за кое сте во право, а и јас се сложувам, е хиперпродукцијата кој а е овозможена од технологијата, па така многу почесто излегуваат нискобуџетни филмови кои треба да оправдаат одреден буџет, а се празни, без подлабока поента, суштина и порака. Но тоа се случува на секое поле. Од квалитет на храна, облека и материјали. Брзо и евтино – тоа е претежно мотото според кое се води светот во ова време. Секако и тоа е минливо, па така и тоа ќе се смени… во која насока останува да видиме.

Gorast Cvetkovski

На што работите во моментов, во однос на двете професии?

Во театар вративме голем дел од претставите на репертоар што е многу важен момент после пандемијата. Требаше време за повторно да се загреат моторите комплетно. Дополнително гејминг сегментот го надградувам и продолжувам во секој момент. Освен духовната и емотивната храна што ја добивам од него, секако тука е и финансиската страна. Двете во комбинација се најдобрите професии кои би посакал човек да ги има.

„Програмирањето е неблагодарна професија. Бесконечно седење пред монитор, внатрешна нервоза, фрустрација, бескрајно бркање нови технологии со цел да не заостанеш зад другите.“

Како милувате да го поминувате слободното време, кога паузирате од компјутер и сцена?

Задолжително физичка активност, најчесто наутро. Дали класично вежбање или кардио сесија, или и двете, не е важно. Освен тоа, она што најстрого се придржувам да го правам, ако ги тргнеме компјутерот и театарот, е да остане време за фамилијата, некој ручек, вечерен запој со колеги или пријатели… што всушност е повеќе од доволно за човек да биде задоволен од денот.

Несомнено, имате заразна позитивна енергија, но имам чувство дека е полесно да се растажи публиката отколку да се насмее? Дали талентот да ја засмејувате публиката толку природно, толку лесно без да вложите некој особен труд, едноставно е вроден талент или се совладува како актерска техника?

Мене ми е друг впечатокот. Публиката повеќе сака да се смее и автоматски е спремна на тоа па така и на малку духовити моменти почнува да се кикоти. Затоа сите бараат „смешна претстава“, затоа сите прашуваат „дај нешто да се расположиме“… не се сеќавам кога последен пат некој ми рекол „кажи нешто тажно… нешто после кое да размислувам на суштината на материјата и постоењето на ластовиците“, не. И тоа е во ред. Наша должност како театар е да ги однесеме таму без да очекуваат и да видат колку и таа страна носи јарост и плод. Колку е убаво човек да сфати дека животот не е саде смеа и песна туку и тага и мизерија, и дека тоа што им се случува на работа за кое мислат дека е тажно и тешко е всушност нивна перцепција за тажно и тешко. Тешкото и тажното е за секој човек индивидуално.

Дали и во приватниот живот сте одговорен за смеата во друштвото?

Секогаш, но не сум само јас. За среќа опкружен сум со многу духовити и умни луѓе кои знаат кога е прав момент за смеење, а кога за сериозност и работа.