Хашимото тироидитис

Хашимото тироидитис

Воспаление на најважната жлезда во облик на пеперутка

Хашимото тироидитис е автоимуно воспаление на тироидната жлезда. Тироидната жлезда е жлезда во облик на пеперутка која се наоѓа во основата на вратот веднаш под Адамовото јаболко. Одговорна е за производство на хормони кои регулираат низа функции и метаболични процеси.
Името на болеста е дадено по заслуга на јапонскиот лекар Хакару Хашимото кој прв ја дијагностицирал оваа состојба. Vо далечната 1912-та година, Хашимото прв ја изнел тезата за лимфоматозна струма од бениген карактер и спасил многу луѓе со Хашимото тироидитис од непотребни операции за вадење на тироидната жлезда.
Под влијание на сложени автоимуни процеси, имуниот систем создава антитела кои селективно ја напаѓаат тироидната жлезда. Болеста обично резултира со намалување на производството на хормони – хипотироидизам. Хипотироидизам значи дека тироидната жлезда не создава доволно од нејзините хормони со цел да ги задоволи потребите на организмот. Таа претставува хронична состојба која може да се развива постепено со текот на годините и да предизвика оштетување на тироидната жлезда.
Иако секој може да ја развие болеста Хашимото, таа е најчеста кај средовечните жени. Примарниот третман е замена на тироидните хормони. Болеста на Хашимото е позната и како Хашимото тироидитис, хроничен лимфоцитен тироидитис и хроничен автоимун тироидитис.

Siptomi na tiroidna zlezda

Симптоми

Болеста Хашимото напредува полека, со текот на годините. Голема е веројатноста пациентот да не забележи знаци и симптоми на болеста сè додека намалувањето на тироидните хормони не резултира со некоја од следните промени:

  • Замор и забавеност
  • Зголемена чувствителност на студ
  • Зголемена поспаност
  • Сува кожа
  • Запек
  • Мускулна слабост
  • Мускулни болки и вкочанетост
  • Болка и вкочанетост во зглобовите
  • Неправилно или прекумерно менструално крвавење
  • Депресија
  • Проблеми со меморијата или концентрацијата
  • Оток на тироидната жлезда (гушење)
  • Надуено лице
  • Кршливи нокти
  • Губење на косата
  • Зголемување на јазикот

Болеста настапува со симптоми на хипертироидизам (зголемена работа на тироидната жлезда). Се јавуваат зголемено потење, забрзано чукање на срцето, губење на тежината, замор, тремор, мрсна кожа и слаба меморија и концентрација. Симптомите обично траат неколку дена, но може да траат и до неколку недели.
Потоа се појавуваат симптоми на хипотироидизам (намалена активност на тироидната жлезда). Се јавуваат замор, летаргија, заборавеност, сонливост, многу слаба концентрација, забавен говор и движење, како и нагло зголемување на телесната тежина, запек и намален апетит. Во оваа фаза од болеста, срцето почнува да работи побавно, кожата е бледа и сува и пациентот чувствува мускулна слабост.
Многу често пациентите се соочуваат и со психолошки промени поттикнати од нивната безволност, па имаат чести промени во расположението. Кај мажите се намалува сексуалната желба, додека кај жените е нарушен менструалниот циклус.
Карактеристични симптоми кои треба да поттикнат сомнеж за оваа состојба вклучуваат нетолеранција на студ, оток околу очите и отечено лице, запек, засипнат глас, отежнато зборување и дишење поради зголемување на жлездата.
На самиот почеток на болеста симптомите се благи, едвај видливи или сосема отсутни. Многу ретко се случува пациентите да почувствуваат некаква вознемиреност во вратот.
Симптомите на болеста Хашимото варираат од човек до човек и плус не се специфични само за ова нарушување, напротив, може да произлезат од голем број други нарушувања.
Затоа, многу е важно што поскоро да се појде на лекар, за навремена и точна дијагноза.

Pricini za tiroida

Причини за појава на болеста

Конкретни причини нема, бидејќи Хашимото е автоимуно нарушување. Имунолошкиот систем создава антитела кои ги напаѓаат тироидните клетки како да се бактерии, вируси или некое друго туѓо тело. Имунолошкиот систем се бори против болест што не постои и на тој начин поттикнува клеточна смрт на комплетно здрави клетки.

Ризик-фактори

Следниве фактори се поврзани со зголемен ризик од Хашимото:
Пол. Жените имаат многу поголема веројатност да развијат Хашимото.
Возраст. Болеста Хашимото може да се појави на која било возраст, но почесто се јавува во средните години (најчесто меѓу 30 и 50 години).
Други автоимуни болести. Автоимуните состојби како ревматоиден артритис, дијабетес тип 1 или лупус, го зголемуваат ризикот од развој на Хашимото.
Генетика и семејна историја. Човекот е изложен на поголем ризик од Хашимото ако другите членови од семејството имаат нарушувања на тироидната жлезда или страдаат од други автоимуни болести.
Бременост. Типичните промени во имунолошката функција за време на бременоста може да бидат причина за болеста Хашимото која започнува по бременоста.
Прекумерен внес на јод. Премногу јод во исхраната може да делува како поттик за развој на Хашимото, но кај луѓето кои веќе се изложени на ризик од болеста.
Изложеност на радијација. Луѓето кои се изложени на прекумерно ниво на радијација се многу повеќе склони на Хашимотова болест.

Дијагноза

Болеста најчесто се открива случајно, на рутински преглед, кога ќе се утврди дека тироидната жлезда е зголемена. Развојот на болеста е многу бавен. Дијагнозата се постигнува со анализа на специфичните антитела против тироидна пероксидаза (АТПО) во крвта, како и со вредностите на тироидните хормони. Дополнително, се препорачува да се направи и ултрасонографија (ехо) на тироидната жлезда, затоа што пациентите со Хашимото тироидитис имаат специфичен ултрасонографски наод. Терапијата ја препишува лекар врз основа на состојбата и резултатите од прегледот.

Кај 20 % од дијагностицираните случаи на Хашимото се потврдува намалена функција на жлездата

Кај 80 % од дијагностицираните случаи на Хашимото е забележана ултразвучна промена (зголемување на жлездата), но и покрај тоа таа нормално функционира

Лекување

Третманот зависи од фазата во која е утврден Хашимото тироидитисот. Во некои случаи, Хашимото состојбата не предизвикува хипотироидизам. Кај пациентите со утврден хипотироидизам се започнува со заместителна хормонска терапија. Откако ендокринологот ќе постави терапија, потребно е истата да се мониторира согласно потребите.
Покрај тоа, одредени промени во начинот на исхрана може да бидат корисни.
Воспаленијата не ѝ одат во прилог на болеста, па затоа храната богата со додаден рафиниран шеќер, пржена храна, храна со трансмасти и сите високопроцесирани оброци кои го зголемуваат ризикот од разболување треба да се избегнуваат.
За дел од пациентите и исфрлувањето на глутенот од исхраната прави голема позитивна промена, особено за намалување на симптомите како подуеност, запек, грчеви, дијареа, па дури и главоболка. Позитивни ефекти пациентите забележуваат при редовен внес на витаминот Д и минералот селен во комбинација со здрава исхрана.

Компликации

Тироидните хормони се неопходни за нормална функција на многу телесни системи. Затоа, кога болеста на Хашимото и хипотироидизмот не се лекуваат, може да се појават многу компликации. Тие вклучуваат:


Гушење

Гушењето е всушност зголемување на тироидната жлезда и важи за еден од првите симптоми на болеста. При постојан напад на жлездата од страна на имуниот систем, таа станува многу активна обидувајќи се да се одбрани и да продолжи нормално да функционира, па како резултат на тоа хипертрофира. Овој циклус може да резултира со гушење. Генерално не е непријатно, но преголемото зголемување на тироидната жлезда може да влијае на изгледот и може да го попречи голтањето или дишењето. Со тек на време жлездата се истрошува, станува нефункционална, започнува да се намалува и на крајот атрофира.

Срцеви проблеми

Хипотироидизмот може да резултира со слаба работа на срцето, зголемено срце и неправилни отчукувања на срцето. Исто така, може да резултира со високи нивоа на липопротеински холестерол со ниска густина (ЛДЛ) – „лошиот“ холестерол – што е фактор на ризик за кардиоваскуларни болести и срцева слабост.

Проблеми со менталното здравје

Депресијата или други нарушувања на менталното здравје може да се појават на почетокот на болеста на Хашимото и може да станат потешки со текот на времето.

Сексуална и репродуктивна дисфункција

Кај жените хипотироидизмот може да резултира со намалена сексуална желба (либидо), неможност за овулација и неправилно и прекумерно менструално крвавење. Мажите со хипотироидизам може да имаат намалено либидо, еректилна дисфункција и намален број на сперматозоиди.

Лош исход од бременоста

Хипотироидизмот за време на бременоста може да го зголеми ризикот од спонтан абортус или предвремено породување. Бебињата родени од жени со нетретиран хипотироидизам се изложени на ризик од намалени интелектуални способности, аутизам, доцнење во говорот и други развојни нарушувања.

Микседематозна кома

Оваа ретка состојба, опасна по живот, може да се развие поради долгорочен, тежок, нетретиран хипотироидизам. Нејзините знаци и симптоми вклучуваат поспаност проследена со длабока летаргија и несвест. Микседематозна кома може да биде предизвикана од изложеност на студ, седативи, инфекција или друг стрес на телото. Оваа состојба бара итен медицински третман, бидејќи може да резултира со смрт.