Како да ги осветлите темните пазуви?

Како да ги осветлите темните пазуви?

Пристапот треба да е внимателен, бидејќи постои ризик од дополнително влошување на состојбата

Проширени пори, акни на грбот, кератозис пиларис (оние мали грутки што се јавуваат на задниот дел од рацете), темни дамки и хиперпигментација – идејата за беспрекорна изедначена кожа е токму тоа, само идеја.
Но, ако не сте спремни да го прифатите овој факт или едноставно копнеете да ги ублажите природните несовршености, тогаш бидете само упорни. Новите формулации за нега на кожа се базираат на истражени хранливи активни состојки кои ветуваат успех.
Дали ова значи дека е возможно да ги избелите и потемнетите пазуви? Во денешно време и тоа како!

Зошто пазувите се подложни на промени во бојата?

Кожата што е изложена на постојано триење најчесто не е еднобојна, а варијациите во однос на бојата зависат од човек до човек. Ако по природа сте потемни, голема е веројатноста промената под пазувите да се случи побрзо и да е повоочлива. Изедначената боја на кожата под пазувите е несомнено нереален стандард за убавина!

Зошто пазувите потемнуваат?

Покрај генетиката и триењето, најчестата причина за темни пазуви е постинфламаторната хиперпигментација – тоа е состојба кога кожата потемнува поради воспалителна реакција на некој вид траума. Ова може да биде резултат на депилација, преголемо притискање при бричење, егзема, габични инфекции или контактен дерматитис.
Некои производи за нега, како дезодоранси и креми, може да бидат поттикнувачи на дисколорации. Кожата на пазувите сама по себе е нежна и чувствителна, а истовремено изложена на триење, па секоја апликација на производи таму има поголема шанса да предизвика иритација. Состојки во природните дезодоранси кои најчесто поттикнуваат иритација се ботаничките екстракти, масло од чајно дрво, лаванда и конзерванси како изотиазолинон.

Темните пазуви може да бидат и знак за акантоза (лат. acanthosis nigricans) состојба поврзана со инсулинска резистенција. Нашата кожа има рецептори кои реагираат на зголеменото производство на инсулин од панкреасот, а тие области се токму на задниот дел од вратот и од пазувите. Во такви случаи, дерматологот може да препорача крвни тестови за инсулин или хемоглобин A1C за дијабетес или преддијабетес.

Поголемите и посериозни здравствени проблеми кои ретко предизвикуваат темни дамки се малигна акантоза нигриканс, лихен планопиларис и Адисонова болест.

Како да ги осветлите темните пазуви?

Постојат повеќе начини кои можете да ги пробате дома, од лесно достапни производи до промени во навиките:

Избегнувајте интензивен пилинг. Интензивното триење може да ја оштети заштитната бариера на кожата, да предизвика воспаление и да го влоши проблемот со хиперпигментација.

Не користете производи со штетни состојки. Ако во производите кои ги користите има ботанички екстракти, силни киселини, лимонски сок или конзерванси, тие може да предизвикаат иритација. Понекогаш најдобро е да се направи пауза за кожата сама да заздрави.

Сменете го дезодорансот. Дезодорансот што го користите можеби предизвикува иритација. Пробајте нежен дезодоранс, специјално формулиран за чувствителна кожа со минимум состојки во составот.

Размислете за методот на отстранување влакна. Ако често ги депилирате пазувите со восок ги или бричите со прекумерен притисок, размислете за ласерска епилација.

Користете ретинол. Ретинолот, заедно со состојки како ниацинамид, којична киселина, гликолна киселина, може да помогне во изедначување на тенот на кожата. На пазарот можете да најдете многу формули за избелување на лице, па дури и специјални формули адаптирани за пазуви.

Какви третмани постојат во дерматолошка ординација?

Во зависност од причината за потемнувањето, лесен хемиски пилинг може да биде корисен за обновување на кожните клетки и ослободување на пигментот. Ласерската епилација, особено ако влакната предизвикуваат иритација, исто така може да помогне да се намали изгледот на темните пазуви.
Понекогаш се препишуваат и креми за избелување, но овие третмани ќе бидат ефективни само доколку се третира и основниот проблем – воспалението.

Какви се ризиците од осветлување на пазувите?

Ако се одлучите за третман во ординација, многу е важно да изберете искусен специјалист за да се избегнат компликации. Кремите за осветлување може да предизвикаат истенчување на кожата, стероидни акни и трајни лузни. Во 2022 година, FDA откри траги од жива и хидрохинон (активна супстанца) во некои креми, а нивната употреба без рецепт не е безбедна. Затоа, ваквите креми најдобро е да ги препише дерматолог, особено кај бремени, доилки или жени кои планираат бременост. Исто така, важно е да се користат краткорочно.