Како да го зачуваме видот со годините?

Како да го зачуваме видот со годините?

Улогата на омега-3 и суплементите во макуларната дегенерација

Сенилната макуларна дегенерација е најчеста причина за губење на видот во индустријализираните земји. Претставува заболување кое го зафаќа центарот за јасен вид, односно макулата. Точните причини за нејзиното настанување сѐ уште не се разјаснети, но се одредени некои ризик-фактори кои влијаат врз нејзиното појавување, а тоа се: возраст (најчесто се јавува над 55 години), бела раса (кај луѓето со бела кожа се јавува многу почесто), наследност (доколку некој во семејството имал макуларна дегенерација, зголемена е веројатноста да се пренесе на децата), пушење (го зголемува ризикот за макуларна дегенерација за двапати), покачен крвен притисок (хипертензија), нездрава исхрана (висок внес на масти, а мал внес на зелени растенија, витамини и здрави масти), претходна хирургија на очите (катаракта и сл.), светла боја на очите (светлите очи се поосетливи на штетните зраци), долготрајна изложеност на сонце (луѓе кои работат во надворешни услови) и др.

Постои во две форми, сува и влажна форма, од кои првата се лекува со суплементи, а втората, која води до трајно оштетување на видот, се лекува со терапија, најчесто со интраокуларна апликација на лекови.

Дали може да се превенира?

Првично, добро е да се избегнуваат погоре наведените ризични фактори, а она што може да помогне во ублажување и спречување на прогресија на болеста е внесот на антиоксиданти.

Правени се студии (AREDS1 и AREDS2) кои укажуваат дека земањето високи дози антиоксиданти, како витамини и минерали, значајно го намалуваат ризикот за прогресија од сува во влажна форма, а со тоа и зачувување на видната острина. Препораката е сите луѓе над 55 години, особено оние со ризик-фактори, да имаат редовни офталмолошки прегледи и редовно да примаат суплементи.

Кои суплементи се важни за превенција на макуларна дегенерација?

Добро е да се земаат витамин Е, витамин Ц, цинк со бакар, витамин А и бета-каротен, но да се внимава на дозите, особено со цинкот и каротените. Понатаму, лутеин и зеаксентин, кои што за 26 % го намалуваат ризикот за појава на дегенерација, за разлика од пациентите кои немале доволен внес на овие суплементи.
Додавањето oмега-3 масни киселини уште повеќе го подобрува дејството. Омега-3 масните киселини, како што се EPA (Eicosapentaenoic acid) и DHA (Docosahexaenoic acid), имаат силни антиинфламаторни својства. Намалувањето на воспалението може да помогне во заштита на макулата од оштетување. DHA е особено важна за структурата на клетките во мрежницата.

Содржината на DHA во мрежницата помага во одржување на здравјето на видните клетки и може да ја подобри функцијата на видот. Неколку студии сугерираат дека луѓето кои консумираат поголеми количини омега-3 масни киселини имаат помал ризик од развој на старечка макуларна дегенерација. Исхраната богата со риба и со морски плодови е поврзана со подобри резултати во здравјето на очите.
Омега-3 масните киселини често се комбинираат со антиоксиданти (како витамините C и E) за да се зајакне заштитата од оксидативен стрес, кој е клучен фактор во развојот на AMD.

Чекори на превенција:

1. Здрава исхрана и внес на витамини, особено:

  • Омега-3 масни киселини: Вклучете риба (особено масна риба) во вашата исхрана и витаминска суплементација
  • Антиоксиданти: редовно консумирање на овошје и зеленчук, особено спанаќ, кељ и моркови
  • Витамини и минерали: витамините C и E, цинк и лутеин/зеаксантин се важни за одржување на здравјето на очите.

2. Контрола на телесната тежина

  • Одржувањето здрав индекс на телесна маса помага во намалување на ризикот од развој на AMD.

3. Редовни прегледи на очите

  • Посетувајте офталмолог редовно, особено ако имате семејна историја на старечка дегенерација. Раното откривање е клучно.

4. Заштита од УВ-зрачење

  • Носете очила за сонце со УВ-заштита за да ги заштитите очите од штетното УВ-зрачење.

5. Откажување од пушењето

  • Пушењето е значаен ризик-фактор за AMD. Ризикот за појава на дегенерација кај пушачите е двапати поголем. Откажувањето од пушење може значително да го намали ризикот.

6. Физичка активност

  • Редовната физичка активност помага во подобрување на циркулацијата и општото здравје, што може да придонесе за здравјето на очите.

7. Контрола на хипертензија и на дијабетес

  • Контрола на хроничните состојби, како што се високиот крвен притисок и дијабетесот, е важна за здравјето на очите.

Може да се заклучи дека превенцијата на старечка макуларна дегенерација вклучува комбинација на здрави животни навики и редовно следење на состојбата на очите кај офталмолог. Кај постарите луѓе се препорачуваат редовни годишни прегледи, а кај пациентите со ризик двапати годишно.
д-р Маја Иванова Цеков
специјалист офталмолог во Европска очна болница