Домашните миленици и децата се скроени едни за други. Настрана забавата, растењето со миленик во домот подразбира низа бенефити за целото семејство како: посилен имунитет, помал ризик од развој на алергии и астма, изразено чувство на емпатија, одговорност, грижа итн.
Но, чувањето миленик има една мрачна страна за која никој не милува да зборува, станува збор за загуба на миленичето. Порано или подоцна, децата ќе се соочат со оваа силна траума, а вие како родители е пожелно да се подготвите за тој ден.
Колку и да ви е тешко да им ја соопштите тажната вест на децата, имајте на ум дека со прикривање на фактите само правите полошо. Можеби во моментот ќе ги поштедите од тага, но на долг рок ќе изградите личности кои нема да знаат да се справат со загубите во животот.
Затоа, оставете ги децата да тагуваат колку и да е потребно, а вие едноставно бидете тука за да им пружите поддршка. Со ваков пристап ќе изградите здрави личности од вашите деца.
Разговарајте со секое дете посебно
Пред да разговарате со вашите деца, земете ја предвид нивната возраст. Подобро е насамо да разговарате со секое дете, за да можете да го прилагодите јазикот и тоа полесно да ве разбере. Разговорот насамо ќе ви овозможи да му пружите утеха на детето, да го прегрнете, да одговорите на сите негови прашања, а без притоа да чувствувате притисок од другото детенце. Децата забележуваат кога добиваат посебен третман од родителот, а во оваа ситуација токму тоа е потребно за детето да се почувствува сигурно и безбедно.
Заборавете на оние тактики дека миленичето морало да си замине од вашиот дом, дека е кај добри луѓе кои ќе се погрижат за него! Бидете сигурни дека нема да смислите доволно убедлива приказна за да ги смирите децата. Напротив, така отворате можност за илјадници прашања, а тоа подразбира многу лажење. Плус, голема е веројатноста да ги поттикнете децата да ја бараат вината во себе и да се прашуваат каде погрешиле што одеднаш им е одземен најдобриот пријател.
Останете смирени и при покажувањето тага
Додека зборувате, бидете смирени и нежни. Ако веднаш заплачете, децата ќе ја почувствуваат вашата вознемиреност и сами ќе се вознемират. Ова не значи дека не смеете да пуштите солза додека зборувате, но погрешно е да влетате со силен плач и во паника да ги соопштите лошите вести. На суптилен и тивок начин покажете им дека и вие тагувате, за да им дадете зелено светло дека е во ред што се чувствуваат тажни.
Започнете го разговорот така што ќе ја објасните ситуацијата која довела до тоа миленичето да умре. На пример, ако тоа било болно, прашајте ги дали се сеќаваат дека сте го носеле на ветеринар, дека сте го лекувале дома и слично. Штом го разберат тоа, можете да им кажете дека умрело.
Избегнувајте да користите терминологија како „си замина“, „почина“, „отиде да спие“. Овие зборови може да ги збунат децата, па голема е веројатноста тие да почнат да се плашат да патуваат или да појдат на спиење. Колку и да звучи необично и премногу сурово, но термините како „смрт“ и „умирање“ ја доловуваат перманентноста на настанот.
Што да правите после соопштување на тажната вест?
По отворениот разговор следува контрола на штетата. Во зависност од тоа како децата ја примија веста, ќе одлучите како да им ја презентирате смртта. Многу е важно да им укажете дека повеќе нема да можат да си играат со миленичето, дека нема да може да го видат, ниту во домот, ниту да го сретнат некаде.
Ако и покрај сѐ вашите деца не успеваат да ја процесираат информацијата, обидете се настанот да го објасните преку измислена приказна.
Нагласете им на децата е сосемa нормално да се тажни, бесни, лути, збунети, фрустрирани. Во оваа фаза слободно зборувајте и за своите емоции за да ги поттикнете да зборуваат за нивните. Кажете им дека може да прашуваат сѐ што ги интересира околу загубата на миленичето. Не мора да навлегувате во детали за тоа како животинчето умрело, но вашите одговори нека бидат директни.
Соочување со тешките прашања
Каде е сега нашето кутре?
Во зависност од вашата религија, можете да дадете одговор според верата. На пример, ако сте христијани, објаснете го концептот за рајот.
Дали сѐ уште е болно и го боли?
Ова е одлично прашање кое пружа доза утеха, па и да не ви биде поставено, споменете го вие. Објаснете им на децата дека после смртта животните не чувствуваат ништо.
Зошто мораше да умре?
Одново земете ја предвид возраста на детето и потсетете го дека миленичето било болно, дека страдало од силни болки и дека сега конечно завршило неговото страдање.
Дали некогаш ќе се врати?
Ова е најтешкото прашање за родителите, но морате да бидете цврсти да ја кажете вистината. Детето не смее ниту за миг да помисли дека има шанси одново да се сретне со својот миленик, бидејќи трпеливо ќе чека.
Церемонија на испраќање
Поттикнете ги децата да се збогуваат така што ќе напишат песна или писмо за својот загубен другар, или ќе нацртаат цртеж за тоа како се чувствуваат.
Поттикнете ги да зборуваат за миленичето, што најмногу сакале кај него и зошто ќе им недостасува. И сами одговорете го ова прашање, за децата да видат дека не се сами во целиот процес.
Завршете го ритуалот со краен чин на збогување, каде секој ќе треба буквално да каже „чао“ и потоа заедно заминете си.