Како што е неопходно да им пружиме љубов на децата, да ги научиме на здрава исхрана, да им овозможиме здрав физички и ментален развој за да имаат здраво и среќно детство, но и за да имаат понатамошен здрав развој во среќни возрасни личности, така е неопходно и да ги дисциплинираме. Дисциплината воспоставена на вистински начин, ќе го научи детето како самото да го контролира своето однесување и како возрасна личност ќе сака да биде внимателен и грижлив член на семејството и општествено примерен граѓанин.
Преку дисциплинирањето, децата ќе научат како да ги создаваат и да ги одржуваат врските со другите луѓе и како да се соочат со предизвиците во животот преку примена на само-дисциплина.
За и против
Постојат поделени мислења меѓу родителите поврзани со потребата за дисциплинирање на децата. Многумина не сакаат да ги дисциплинираат своите деца затоа што имаат лоши спомени од сопственото детство поврзани со дисциплинирањето, други сметаат дека така ќе влезат во конфликт со децата и ќе предизвикаат гнев и лутина кај нив, а трети пак не можат или не сакаат да посветат време и енергија на дисциплинирањето на децата. И сите овие грешат.
Дисциплинирањето на децата не е казнување затоа што направиле нешто погрешно!
Напротив, да се дисциплинира детето значи да се постават јасни граници и правила, и да му се објаснат последиците од непочитување на правилата за да научи што е правилно, а што не, и за да знае во иднина како да се однесува и како самото да го корегира своето однесување.
Многу често родителите и не знаат како вистински да го дисциплинираат детето, па дисциплинирањето како постапка го мешаат со казнувањето.
За казнувањето
Потребата за казнување се јавува кај недоволно едуцирани родители кои во состојба на очај и неможност да се справат со однесувањето на детето, народски кажано ги “лекуваат”своите фрустрации врз детето.
Казнувањето, без разлика дали е викање, именување на детето со погрдни имиња, плескање по газето или посериозен ќотек, јавно омаловажување или отстранување на привилегиите на детето засекогаш, е постапка со која родителите ги контролираат децата, наместо да ги научат децата како да се контролираат самите во иднина. Со казнувањето детето треба да “плати”за направената грешка, без притоа да научи зошто не треба тоа да го прави или така да се однесува во иднина. Казната што родителите ја применуваат го менува начинот на кој детето се гледа себе си. Тоа предизвикува детето да помисли за себе дека е лошо, кога всушност поуката што треба да ја извлече е дека во моментот донело само лоша одлука што не треба да ја повтори. Казнувањето ги учи децата дека не можат сами да го контролираат своето однесување и затоа треба постојано да зависат од родителите.
За дисциплината
Од друга страна дисциплинирањето, и многуте техники за дисциплинирање, овозможува децата да учат од своите грешки и како во иднина да се справуваат со своите емоции и потреби на социјално прифатливи начини. На овој начин се развива позитивен однос меѓу родителите и децата, и се намалува негативното однесување кај децата заради барање на дополнително внимание од родителите. Детето треба да почувствува вина за направената грешка, но не и срам поради што ќе се чувствува лошо за на крај да ја изгуби самодовербата. Позитивните техники на воспитување на децата во основа треба да ја градат самодовербата кај децата. Само децата кои се сигурни во себе можат да го освојат светот.
Пофалбите и наградите се само некои од позитивните техники за дисциплинирање на децата. Ако сакате да создадете умни и разбрани човечки суштества, а не мали послушни роботи, продолжете да читате.
Една наша стара поговорка вели:Убавиот збор, железни врати отвора. Па така фалењето на нашите деца кога ќе направат нешто добро или само затоа што ги измиле забите без да ги потсетите мал милион пати го стимулира доброто однесување за во иднина. Во нашата култура на воспитување родителите најчесто го потенцираат лошото однесување на децата, кога всушност треба да се потенцира и пофали доброто однесување кое скоро никогаш не го ни забележуваат. Родителите се свесни за присуството на децата кога тие прават нешто несоодветно или лошо, на пример викаат, растураат, трчаат кога не треба итн. Тогаш следува “ПРЕСТАНИ”, ”ТИ КАЖАВ ТАКА ДА НЕ ПРАВИШ”…, што е многу погрешно затоа што за децата тоа значи потврда дека со тоа што го прават во моментот, иако е несоодветно, го добиваат вниманието на родителите. И во иднина ќе продолжат така да се однесуваат, пораката е таа. Но, кога родителите би ги ловеле добрите реакции и однесувања и за тоа би ги фалеле своите деца, на пр. “Леле, колку убаво и мирно си играте”, децата ќе добијат порака дека таквиот начин на игра е во ред, и во иднина ќе продолжат да си играат мирно. Дури и ако имате ситуација во која едното дете игра мирно, а другото скока наоколу и прави хаос, пофалете го детето што си игра мирно пред другото дете, и ќе видите како и другото дете ќе се смири и ќе ја промените ситуацијата во насока на добро однесување, без непотребно викање. Фалете ги децата кога се учтиви во комуникацијата со другите, кога ги следат вашите инструкции добро, кога се трудат да научат нешто ново, особено кога се трудат да ги напишат домашните задачи. Ако го пофалите детето затоа што покажува желба да научи нешто ново или заради неговата трпеливост додека учи, тогаш ќе го мотивирате да продолжи да се обидува и во иднина.
Многу е важно пофалбата да ја дадете веднаш кога ќе забележите добро однесување кај детето. Само така детето ќе може да ја поврзе пофалбата со тоа што го прави и ќе запомни што треба да прави во иднина. Фалете често, позитивно, и фалете го трудот, не резултатот, затоа што така ја градите самодовербата кај детето. Наместо да го пофалите детето затоа што добило петка на тестот во училиште, пофалете ја неговата желба и труд да учи за тестот. Следниот пат можеби нема да биде петка, но важно е да се задржи кај детето желбата да учи и да биде подобар. Кога велиме позитивна пофалба, тоа значи со пофалбата да го потенцирате однесувањето што сакате повеќе да го гледате кај детето, а не да го критикувате однесувањето што сакате да го искорените кај детето.
Систем за награди
Кога станува збор за наградување, тогаш не е лошо да направите систем на наградување. На детето му следува ѕвездичка за добро завршената работа. Со собирање на доволен број ѕвездички (родителите одлучуваат за бројот), на детето му следува материјална награда по негов избор. Овој е принципот, а ѕвездичките може да ги замените со денарчиња, камчиња, џамлии…., а за нивно чување детето може да си одбере кутија што ќе стои во неговата соба. Така ќе може да ги брои од време на време и ќе биде мотивирано да следи инструкции или прави добри дела за да заработи повеќе. Овој систем на наградување е добар кога сакате целно да промените некое однесување. И запомнете, дека ѕвездичката треба да ја дадете веднаш по завршената работа.
Доколку брзо не ги постигнете посакуваните промени, не очајувајте. Продолжете да се обидувате. Можеби ѕвездичките се лесни за заработка, или наградите што ги нудите не се доволно интересни, па детето не е заинтересирано.
Наградувањето не мора и не треба секогаш да е материјално. Ако ги прашате децата какви награди сакаат, сигурно многу често ќе слушнете дека едно гушкање е сосема доволно. Нематеријалните награди можат да бидат прошетка во парк, гледање филм, ексклузивно хранење на кучето или полевање на цвеќето, една приказна повеќе пред спиење… Потрудете се повеќе да наградувате нематеријално отколку материјално.
Овој систем на пофалби и награди многу добро функционира кај децата што одат на училиште. Понудете пофалба и симболична награда после секоја завршена домашна задача. Ако е домашната задача пообемна, можете и да ја поделите заедно со детето на неколку помали делови, и повторно да следува награда после завршувањето на секој дел. Наградата може да биде сладолед, гушкање, или нешто друго по избор на детето.
Родители бидете позитивни, помалку критикувајте и забележувајте ги повеќе позитивните реакции на вашите деца, промени на подобро сигурно ќе има.