Колку е добро да им се жалите на луѓето околу вас?

Колку е добро да им се жалите на луѓето околу вас?

„Многу е студено, многу е топло, се е скапо, се ме боли…“, луѓето имаат поплаки за се и сешто! Но, зошто воопшто се жалите? Дали тоа ќе смени нешто?

На одговорот на ова прашање работеле многу психотерапевти, па теории има неколку.

Честопати жалењето е потајна потреба на човекот да се идентификува со другите, да го зголеми чувството на припадност во одредена група или друштво, како кога ќе му се пожалите на колегата од шефот, бидејќи знаете дека и тој има сличен проблем.

Кога двајца пријатели ќе споделат антипатија за трета личност, тие инстантно стануваат поблиски.

Поплаките ги зближуваат луѓето особено во првите фази од нивната врска. Исто така жалењето ги спријателува луѓето, како двајца странци во автобус кога ќе почнат да се жалат за метежот во сообраќајот. Но, жалењето е меч со две острици. Кога поплаките се пречести, тоа почнува да се создава негативен набој кој никому не носи добро.

Психотерапевтот Џудит Орлоф објаснува дека навиката да се жалиме не е штетна, но степенот е пресуден. Мала доза поплаки се сосем прифатливи, но по 30-минутно непрекинато жалење од сопружникот нивото на стрес ќе порасне до степен да посакате во истиот момент да поднесете барање за развод.

Конекцијата меѓу телото и мозокот е многу посилна отколку што мислиме.

Константната фиксација на негативни поплаки ќе резултира со покачен крвен притисок, зголемена стомачна киселина и тензија во мускулите. Благодарение на таканаречените огледални неврони, оној што ги слуша поплаките ќе почне да ја впива туѓата негативна енергија, па за кратко време и тој ќе почне да се жали.

Истото го потврдува и Кетлин Бојл, авторка на „Healthy Tipping Point“. Една поплака води до друга и за кусо време ќе започнете со наддавање кому му е полошо, кој е поболен, кој е поуморен.

Ако заглавите во магичниот натпревар на поплаки, на крајот ќе излезете само изнемоштени со истите проблеми на ум. Затоа направете договор со себеси да не учествувате во такви дискусии. Ќе се изненадите колку слободно време ќе ви остане и колку ќе бидете посреќни и позитивни. Пречките ќе ги доживувате како составен дел од работата и животот.

„Забранете им на луѓето да се жалат една недела и ќе видите дека нема да издржат ниту еден ден“

Д-р Џудит Орлоф советува: „Навијте се позитивно на старт на денот така што ќе се заблагодарите на се што имате и се она што сте.“

Во својата книга Кетлин Бојл вели дека новите здрави навики се добра солуција за да почнете помалку да се жалите. Спортот, прошетките, читањето книга, танцувањето и садењето цвеќиња во градината се одлично бегство од токсичните разговори.

Во ситуациите кога е физички невозможно да се оддалечите од сеансата на жалби и поплаки, како во канцеларија, едноставно најдете нешто што ќе ви го одвлече вниманието. На пример, средете ја хаотичната чанта или паричникот, или прередете го бирото.Интересно е тоа што човекот има вродена навика да се жали. Споделувањето на личните проблеми, нервози и фрустрации не е тесно врзано со менталитетот, туку станува збор за вроден инстинкт.

Чарлс Духиг, автор на The power of Habit“, вели дека преку жалењето луѓето воспоставуваат контрола врз ситуацијата.

ПОплаките ни даваат чувство дека правиме нешто

Жалењето значи слобода за емоциите, тоа не тера да мислиме дека фрустрациите не се толку големи. Но, жалењето не го решава проблемот! Можеби на момент ќе се почувствувате подобро, но проблемот се уште ќе ве прогонува. Токму затоа, Чарлс Духиг препорачува да водите дневник на вашите поплаки и за секоја наведена да понудите барем едно можно решение. Додека пак Д-р Џудит Орлоф препорачува за секоја споделена поплака да платите со пари што ќе ги тргате настрана или ќе ги штедите во каса. Износот на пари не треба да биде ниту висок ниту низок, од 50 до 100 денари е сосем прифатлива сума.

Можеби на моменти ќе посакте да вложите и 500 денари за да се пожалите за се што ви лежи на срце, но ако сериозно го примените овој несекојдневен совет, бидете сигурни дека се помалку ќе сакате да го оштетите паричникот.

По се изгледа дека жалењето е добро за менталното здравје се додека е умерено. Но, ако секој ваш разговор се сведува на жалење, тогаш ризикувате да станете одбивна и несреќна личност.