Комфорна зона

Комфорна зона

Причината поради која живеете еднолично

Успехот го следи оној што ќе успее да го победи стравот и да истапи надвор од сигурната зона што самиот ја создал. Количината на среќата во нашиот живот зависи од тоа колку знаеме да управуваме со стравот и нашата ранливост. Прост пример, ако не ве унапредија кога бевте сигурни дека ќе го сторат тоа, не чекајте да се сетат, вие отворете ја темата.

Но, полесно е да се каже отколку да се стори, нели? Затоа секогаш кога сакате да смените нешто, но стравот ве кочи, прелистајте ги низ глава следниве чекори смислени од група психолози. Нема послатка победа од онаа извојувана со преземен ризик.

„Нема послатка победа од онаа извојувана со преземен ризик“

ОТКРИЈТЕ ГО ВАШЕТО „ЗОШТО“

Си поставивте цел, но ви недостасува мотивација. Дали сте 100 % искрени со себе? Да претпоставиме дека мисија ви е да ослабете, но зошто го правите тоа? „Сакам да бидам поздрава“ – е изјава во која никој нема да ви поверува, а најмалку вашиот мозок. Одговорот треба да биде реален, бидете искрени со себе и така ќе дојдете до мотивација. Дали вистината гласи: „Сакам да ме собере во старите фармерки?“ Или едноставно ве исплаши згоеноста и последиците што таа ги носи, а кои во моментов ги живее некој ваш близок? Без разлика на одговорот, она што треба да го научите е следното: Никогаш нема да излезете на крај со „КАКО?“ или со тешките задачи што треба да ги сработите за да дојдете до целта, доколку не почувствувате длабока и емотивна врска со „ЗОШТО ГО ПРАВАМ СЕТО ОВА?“

НАДМУДРЕТЕ ГО СТРАВОТ

Насетете го вистинскиот предизвик така што ќе се обидете да го смислите исходот. Замислете три можни сценарија: (А) Не правите ништо, (Б) Преземате акција, но завршува лошо или (В) преземате акција и успевате. Да претпоставиме дека сакате да зборувате со претпоставениот на работа околу вашиот напредок во фирмата – нова позиција и/или покачување на платата. Сценариото под А вели дека ќе се исплашите и ќе се премислите од целата идеја за соочување со претпоставениот. Но, молчењето само ќе го разгори вашиот гнев и ќе резултира со стариот страв зад кој реално се крие ОТКАЗ. Во сценарио Б разговарате на темата, но не го добивате одговорот што го сакавте. Во ред, барем сега знаете дека ставовите ви се разликуваат, па слободно можете да им се посветите на другите ваши можности во или надвор од таа фирма. И последното, во сценарио В разговарате со претпоставениот и веќе ја преуредувате новата канцеларија.

БИДЕТЕ ПОПУСТЛИВИ СО СЕБЕСИ

Што обично правите кога детето или внучето одбива да ве слуша? Свесно демонстрирате лутина пред детето и отворено му покажувате дека сте бесни. Воспоставувате систем на наградување, па за секоја послушност го наградувате детето со некое ситно задоволство. Овие два примера се всушност шаблоните по кои треба да се третирате себеси, значи секогаш третирајте се себеси како што ги третирате личностите што најмногу ги сакате. Постојано одложувате да го проследите курсот што ви е неопходен за да напредувате во работата. Дури ви забележаа и колегите. Заклучивте дека мора да се казните себеси и викендот да го поминете дома. Но, се залажувате себеси ако мислите дека со внимание и концентрација ќе го следите и ќе научите нешто од курсот. Напротив, незадоволно ќе размислувате што прават другите и голема е веројатноста денот да го поминете непродуктивно. Зошто да не постапите обратно? За секое преслушано поглавје од курсот почестете се со едно брзо кафе или опуштете се со вашата омилена ТВ серија. Сакајте се себеси, почитувајте ги своите реални можности и ќе напредувате на секое поле.