Лара Иванова – Кога македонското звучи модерно

Лара Иванова – Кога македонското звучи модерно

Таа има ангелски глас. Текстовите на нејзините песни се лепат за душа и нѐ потсетуваат колку е убав нашиот јазик. Нејзината музика е вистинско освежување за публиката и доказ дека модерниот звук е возможен на македонски.

Видеозаписите за сите нејзини досегашни песни се израз на чиста естетика и перфекционизам во кој се преплетуваат музикалноста, талентот за танцување и талентот за глума што ги поседува оваа млада девојка.

Лара, сосема природна, секогаш интересна во стилот и умерена во однесувањето, наметнува светско ниво на професионализам во домашната музичка индустрија, а токму тоа е неопходно за сцената конечно да заживее.

Велат дека уметниците имаат потешкотии да комуницираат, особено кога станува збор за нивните емоции, па затоа ја одбираат уметноста за да си ја отворат душата. Дали истото важи и за вас? Која од уметностите што ги негувате ви остава најголем простор да се изразите и да бидете комплетно своја?

Секако, за еден уметник најлесно е своите чувства да ги изрази преку своите дела. Секое уметничко дело си има своја приказна и крие некоја порака. Мене ми е најубаво кога можам да се искажам преку музиката и танцот, тие ми оставаат најголем простор да ја искажам секоја моја емоција и да бидам своја.

Знаевте ли дека…

Лара својот прв настап го имала во 2010 г. на детскиот музички фестивал „Супер Ѕвезда“ со песната „Фабрика за насмевки“ на композиторот и музички продуцент Александар Масевски.

Лара почнува да се занимава со балет уште на 6-годишна возраст. Моментално е 3-та година во средното училиште „Илија Николовски-Луј“ во Одделот за класичен балет.

Во 2014-тата го освои првото место на натпреварот „Skopje Open во категоријата модерен балет. Истата година освои 3-то место на меѓународниот натпревар во Софија, Бугарија, во категоријата класичен балет.

Социјалните мрежи сигурно ви ја олеснуваат комуникацијата со фановите, но дали имате прилика да си поразговарате со нив во живо или повеќе никој нема храброст за тоа? Дали денес една музичка ѕвезда има воопшто прилика да дава автограми?

Во денешно време секако комуникацијата со фановите е најчесто преку сoцијалните мрежи. Од една страна тоа е добро затоа што можеш да разговараш со сите, но од друга страна тоа е причината зошто на пример денес поретко се даваат автограми. Луѓето се чувствуваат послободни доколку разговараат преку социјалните мрежи, па затоа ретки се оние кои би ти пришле во живо, и доколку го направат тоа, обично не бараат автограм, туку заедничка фотографија.
Lara Ivanova

Со ист жар и љубов сте посветени и на балетот, и на музиката и на актерството. Интензитетот со кој ја освојувате сцената најверојатно се должи токму на тоа што живеете со неколку уметности истовремено?! На кој начин овие уметности се надополнуваат во еден ваш настап и колку ви помагаат во градењето на кариерата?

Уште од најрана возраст се занимавам со балет, музика и актерство и сметам дека подеднакво се важни во градењето на мојата кариера, затоа што помагаат да се чувствувам посигурна на сцена, ми дозволуваат да бидам покреативна, ми даваат можност настапите и видеозаписите да бидат специфични, со уметнички сензибилитет, бидејќи уметностите се нераскинливо поврзани и оформуваат една целина во мојот уметнички израз.

Колку имате слободно време едноставно да уживате во својата младост? Како милувате да ги поминувате слободните часови во денот?

И покрај многубројните обврски што ги имам, секогаш се трудам да направам добар план за приоритетите во денот и да најдам слободно време за себе, за моите најблиски, за дружба со пријателите, за добар филм, книга, претстава, прошетка…

Очигледно е дека сте вредна и дисциплинирана личност и дека вашиот труд почнува да се исплати, па што би ги советувале сите оние млади луѓе кои се плашат да работат на своите соништа? Кој е вашиот најголем сон?

Мојот најголем сон уште од најрана возраст е да се занимавам со музика и да имам своја кариера, па сега кога мојот сон полека се остварува, продолжувам да работам на себе и на сѐ она што го замислувам, да ја надградам мојата кариера со многубројни настапи, концерти, нови песни, соработки и проекти. Мојот совет за сите млади таленти е да не се плашат, да веруваат во себе, да работат напорно, да бидат упорни и да не се откажуваат, бидејќи ниту една професија не е лесна. Покрај талентот, потребни се многу труд, љубов и верба за да се остварат соништата.

Колку фактот што имате фанови што го следат секој ваш чекор, се поистоветуваат со вас, сакаат да изгледаат како вас, ви создава притисок во однесувањето и споделувањето ставови за одредени теми?

Пред сѐ, се надевам дека сум добар пример за оние кои ме следат, особено помладата генерација. Секогаш гледам да бидам умерена и во стилот и во однесувањето, настапите, изјавите, објавите на социјалните мрежи и секогаш во преден план вниманието да биде насочено кон мојата музика.

Ви се обраќаат ли фановите за совети и како лично се справувате со лошите коментари и агресивниот пристап кој е сѐ поприсутен онлајн?

Секогаш сум достапна за каков било совет или сугестија. Повеќето коментари што ги добивам се позитивни, има и негативни, но многу поретко. Јас го почитувам сечие мислење, нормално ги прифаќам и добрите и лошите критики, но оние „хејт“ коментари ги занемарувам.

Знаевте ли дека…

Од 2010 до 2019 г. учествуваше во балетските престави на МОБ – „Оревокршачка“ и „Петар Пан“.

Пред домашната публика за првпат се појави во 2019 г. на фестивалот „Макфест“ со песната „Кој те учи така“ на композиторот и музички продуцент Иле Спасов со награда за најдобар аранжман.

Во 2019 г. ја толкуваше улогата на Grace Farrell во „Ени Јуниор“првиот лиценциран бродвејски мјузикл за деца и младинци во Филхармонија.

„Flower Of Sorrow“ е песната со која Лара настапи на домашната Евровизија 2022.

Фасцинанти се текстовите на вашите песни, многу луѓе коментираат дека ја истакнуваат убавината на македонскиот јазик, но колку вашиот живот се проткајува во нив?

Во некоја песна помалку, во некоја повеќе, но можам со сигурност да кажам дека во секоја од нив сум се пронашла на некој начин. Секој од текстовите ми буди посебна емоција и ги пренесувам како да сум го доживеала сето она за што пеам.

Lara Ivanova

Иако сте млада и на почетоците на вашата кариера, сепак не оставате впечаток на надмена и вообразена пејачка. Дали оваа одлика се должи на домашно воспитување или е ваш механизам да се заштитите од сите оние сурови аспекти што ги подразбира вашата професија?

Да, тоа е дефинитивно одлика на домашното воспитување и образовниот процес низ кој што сум поминала досега, а и сакам на публиката да ѝ се претставам таква каква што сум – природна и скромна. И понатаму во кариерата ќе продолжам да ги негувам тие вредности.

На кој начин се грижите за својот изглед, дали имате посебен режим на исхрана и дали спортувате? Кој е одговорен за вашиот стил?

Бидејки сум балерина, водам здрав живот, а тоа значи секојдневно вежбање, загревање и растегнување на телото, внесување голема количина течности и здрава храна, овошје и зеленчук. За мојот стил главно се грижам сама, но по потреба соработувам и со стилисти, кои се грижат за мојот изглед при снимањето на спотовите и настапите.