Лек од фрижидер

Лек од фрижидер

Уште една главоболка? И денес се чувствувате преморени?

Долготрајното решение не се крие во шкафчето за лекови, туку во вашата кујна меѓу намирниците што можеби веќе ги имате дома!

Што преземате кога денот најавува главоболка? Или кога стомакот почнува гласно да се буни поради постојано лошиот избор на храна? Пиете апче, нели? И тоа е во ред! Но, што ако сте приморани секојдневно да пиете некаква таблета? Би прифатиле ли таков начин на живот без да им дадете шанса на природните алтернативи?
Дали знаете дека хранливите материи што ги внесувате преку исхраната можат да ги контролираат грчевите, нервозните црева, несоницата и многу други здравствени состојби?
„Намирниците кои содржат високи хранливи вредности се моќни да ги надоместат недостатоците поврзани со одредени симптоми или директно да ги намалат симптомите“, вели Ерин Скинер, специјалист диететичар.

Синдром на нервозни црева

Надуеност, абдоминални грчеви, констипација или дијареја. Ниту еден од овие симптоми не звучи пријатно, а сите се дел од синдромот на нервозни црева. Причинители за оваа состојба има безброј, вклучувајќи го и стресот. И храната е подеднакво опасна! Додека некои продукти делуваат како седативи за нервозните црева, други дополнително ги вознемируваат.

Дозволено: ПЕЧУРКИ
Печурките кои растат директно на сончева светлина содржат голема количина витамин Д. Најновите докази пристигнуваат од Универзитетот во Шефилд и истите наоѓаат висока корелација помеѓу синдромот на нервозни црева и недостатокот на витамин Д. Само три печурки дневно, но кои растеле под УВ-зраци, се доволни за да почувствувате разлика.

Забрането: ЈАГЛЕХИДРАТИ
Станува збор за кратки групации на јаглехидрати кои тенкото црево ги апсорбира тешко и во мали количини. Оние кои нема да ги апсорбира се пренесуваат во дебелото црево, а таму под дејство на бактериите почнуваат да ферментираат што резултира со гасови и надуеност. Едно австралиско истражување покажува дека 74 % од испитаниците, кај кои оваа прехранбена група била отстранета од исхраната, пројавила намалување на симптомите. Проблемот е тоа што листата на храна од оваа прехранбена група е огромна, но постојат многу мобилни апликации како Fodmap (IBS Tracker) кои ќе ви помогнат да не направите грешка.

Киселини

Она непријатно чувство во градите по оброкот е резултат на киселините кои го напуштаат желудникот и се качуваат низ хранопроводот. „Киселините може да настанат под дејство на каков било притисок на стомакот – од бременост, покачена тежина до стрес и анксиозност. Кај одредени луѓе состојбата е наследна“, вели гастроентеролошкиот хирург Маркус Реди.

Дозволено: ГУМИ ЗА ЏВАКАЊЕ БЕЗ ШЕЌЕР
„Се сеќавате кога родителите ве тераа да седите исправено на маса, да џвакате полека, да не јадете и пиете истовремено, да не јадете доцна? Изгледа дека овие правила се светост за оние кои често страдаат од желудочни киселини“, вели Реди. Но, кога веќе дошло до појава на киселина… „Џвакањето гума за џвакање предизвикува излачување алкална плунка што ја неутрализира киселината“, советува Реди.

Забрането: ЗАЧИНЕТА И КИСЕЛКАВА ХРАНА
Домати, портокали, сѐ што е минимално кисело ви е забрането. „Овие продукти не предизвикуваат киселина во стомакот сами по себе, но го иритираат воспаленото ткиво и само ги влошуваат симптомите“, вели Реди.

Забрането: ЧАЈ ОД ПЕПЕРМИНТ
„Пеперминтот го опушта таканаречениот вентил кој вообичаено би спречил киселината да го напушти стомакот“, вели д-р Крис Етриџ, специјалист по хербологија. Правете разлика, нането е добро да го смири стомакот, но не и желудочните киселини.

Постојано сте уморни?

На секое станување ви се заматува видот? Брзо се уморувате и како да ви недостасува воздух? „Ако се чувствувате константно летаргични, посетете го вашиот лекар. Ако не постои медицинска заднина, често станува збор за лош начин на исхрана. Баланисирана диета и добро снабдување со железо и витамин Б“, советува клиничкиот нутриционист Петар Кокс.

Дозволено: ШНИЦЛА
Ниското железо во крвта е честа причина за замор, особено во периоди на стрес. Црвеното месо е ваш најдобар избор на железо. „Го содржи и витаминот Б12 кој ќе ви ја врати енергијата. Правилото гласи: црвено месо 3 пати во неделата“, вели клиничкиот нутриционист Петар Кокс.

Дозволено: СОК ОД ЦВЕКЛО
Ако не сте љубители на месо, снабдете се со сок од цвекло. „Препорачувам чаша од 350 мл дневно за пациенти кои страдаат од анемија. Цвеклото е најбогатото растение со железо“, вели Кокс. Освен цвекло, резервите на железо можете да ги надополните ако секојдневно јадете грав, леќа или семки.

Забрането: ЕНЕРГЕТСКИ ПИЈАЛАЦИ
Да, можеби ќе ви ги наполнат батериите за многу кратко време, но истражувањата од Универзитетот „Лафборо“ откриваат дека еден час по консумирањето, испитаниците имале полоша концентрација од пред консумирањето на енергетскиот пијалак. „Енергетскиот пијалак предизвикува брзо покачување на нивото на инсулин, но потоа доаѓа до нагло опаѓање на енергетските нивоа“, објаснува Кокс.

Не можете да заспиете?

Со тешки маки, но успешно се откажавте од кафето во доцните ноќни часови, но пак сте будни и во 2 часот по полноќ? Истражувањата покажуваат дека и за оваа состојба храната може да игра улога.

Дозволено: СОК ОД ЦРЕШИ
Мелатонинот (хормонот кој го поттикнува спиењето) и сокот од цреша се исклучително компатибилни партнери. Истражување на Државниот универзитет во Луизијана покажува дека една чаша сок од цреши наутро и една чаша 2 часа пред спиење, го продолжуваат сонот за 90 минути во текот на ноќта.

Дозволено: ЛОСОС
Купете каква било помасна риба (лосос, туна, сардина) бидејќи содржи изобилство на омега-3 масни киселини. „Нашето истражување покажува дека структурната компонента ДХА која се наоѓа во составот на омега-3 масните киселини, може да влијае на излачувањето на мелатонинот или едноставно да ја намали анксиозноста и со тоа да го потпомогне спиењето“, вели професор Пол Монтгамери од Универзитетот „Оксфорд“.

Забрането: БРЗА ХРАНА
Експертите од Универзитетот во Колумбија велат дека на човекот му се потребни 12 минути повеќе да заспие ако во текот на денот изеде оброк кој во себе содржи малку хранливи влакна, а многу шеќери и масти. „Оваа комбинација прво ја намалува енергијата, но потоа поттикнува нагло покачување на нивото на глукоза во крвта и излачување на хормоните на стрес чие дејство трае со часови“, вели Ерин Скинер, специјалист диететичар.

Мигрена

Најлошиот облик на главоболка која најчесто настанува кога кај малите крвни садови ќе дојде до ненадејно проширување. Нередовната исхрана, дехидратацијата и намирниците како сирење, црвено вино, чоколада, се најчестите причинители, но листата не завршува тука!

Дозволено: ЈАТКИ, СЕМИЊА И ТЕМНОЗЕЛЕНИ ЛИСЈА
Лекарите најчесто ја поврзуваат мигрената со недостаток на магнезиум. „Обидете се да внесувате цела шака јатки или семки дневно, како и три шаки таканеречени зимски зелени лисја како спанаќ или кељ“, советува Скинер. Пробајте го овој рецепт: Измешајте спанаќ, ореви или бадеми, семки од тиква, половина авокадо и три лажици сварена леќа. Пропрскајте со маслиново масло и послужете со печен лосос. „Мастите од авокадото и лососот ќе му помогнат на организмот подобро да го апсорбира магнезиумот“, советува Скинер.

Забрането: СУВОМЕСНИ ПРОИЗВОДИ
Хистаминот кој е концентриран во ваквото месо во голема мера е поврзан со појавата на мигрена. „Се создава во храната кога бактериите ферментираат во неа“, објаснува Скинер. Сувомесните производи се веќе богати со хистамин, додека количеството хистамин во остатоците од пилешкото во ладилникот расте секојдневно.

Забрането: ЈОГУРТ, СИРЕЊЕ
И јогуртот е ферментиран производ кој за луѓето со проблематични црева е голема придобивка. За паталците од мигрена? Не баш! Истото важи и за тврдите сирења и кашкавалот.