Марко Пејчиновски

Марко Пејчиновски

Нераскинливата врска меѓу едно храбро момче и едно посебно езеро

28 Август 2022г. во историјата ќе биде запишан како ден во кој младинот 16-годишен Марко Пејчиновски исплива 64 километри за 21 час и 42 минути, завршувајќи ја делницата Охрид – Струга – Св. Наум – Охрид.

Со овој подвиг, младиот пливач го оствари својот сон и комплетираше 10 препливувања на Охридското Езеро со вкупна должина од 250 километри во едно лето. Нераскинливата врска меѓу Марко и Охридското Езеро започнува кога тој имаше само 12 години, возраст на која Марко успеа за 9 часа да го преплива езерото, со што се запиша во спортската историја како најмладиот пливач кој ја препливал оваа делница.

И таман кога ќе помислите дека неговите подвизи се фасцинантни, сосема ќе занемете откако ќе чуете дека Марко плива потпирајќи се речиси 99 проценти само на рацете. Овој млад човек боледува од ретка болест на левиот колк наречената пертес – болест која во неговиот случај не подразбира хендикеп, туку мотив кој става дополнителна тежина на неговите дела. Ова е приказна за упорност храборст дисциплина, љубов, приказна во која еден навидум потенцијален хендикеп се претвора во посебност која многумина можат да ја уживаат кога барем малку би поработиле на себеси.

Многупати им дадовте на луѓето причина да се чувствуваат среќно, гордо, храбро, посебно. Но, колку вие лично се чувствувате ценето и вреднувано, тргнувајќи од обичните соседи па се до институциите во нашата земја?

Не би можел да кажам, дали сум доволно ценет и вреднуван, тоа нека го кажат другите. Јас моето го правам на начин и според можностите кои ги имам, но знам дека, без разлика дали се моите соседи или пак институциите во нашата земја, сите тие имаат почит кон мене и она што го правам. Почитта ја ценам многу повеќе отколку некои други работи. Јас сум тип на човек кој ги третира сите исто: Ако некому покажам некаква почит, сакам за возврат иста таква почит.

Ќе беше чудно да се занимавате со друг спорт, но сепак морам да ве прашам зошто токму се одлучивте за пливање? Дали пливањето како спорт најмногу ви годи телесно или има нешто повеќе?

Јас како и сите деца, сакав да играм фудбал. Но, откако ми ја открија ретката болест на левиот колк наречена пертес, соништата за фудбалот исчезнаа. Бев многу неактивен, бидејќи не можев да трчам, да скокам, ниту пак многу да одам. Ми требаше некако спорт каде што нема да има оптоварување на ногата. Татко ми ми предложи да пливам, и по одобрувањето од докторот, почанв. Пливањето ја исполни празнината што се појави во мене. Уште од првиот ден се заљубив во овој спорт, и до ден-денес, пливањето има и ќе има посебно место во моето срце.

Всушност, за мене пливањето е повеќе од спорт, нешто што ме крена на нозе, нешто што ме спаси од депресија, ме натера да се соочам со своите мисли наместо да бегам од нив, пливањето ме натера да пораснам, ме натера да го гледам светот поинаку, ми даде можност да запознаам многу луѓе, ме научи на дисциплина, ми покажа колку треба да се жртвуваш за да успееш, ме научи многу животни лекции кои не би ги научил никаде на друго место или толку рано.

Дали имате посебно конекција со Охридското Езеро или сеедно ви е каде пливате, се додека сте во вода?

Мојот прв мал маратон беше кога имав 11 години, на 02 Август 2017 г. Оттогаш, езерото, водата, пливањето, станаа неразделен дел од мене. Нормално дека имам посебна конекција со нашето езеро. Кога пливам во него се чуствувам слободно, неограничено, се чуствувам како да сум дома, секој ден поминат на езеро м ие добро исполнет ден.

Како не толку искусен пливач, јас имам голема страхопочит кон Охридското Езеро. Но, вие многупати сте го победиле, па ме интересира дали има моменти кога чувствувате страв од неговата непредвидлива сила?

Не, досега не сум почуствувал страв, ниту од далечините на кои пливам, ниту од длабочината на езерото. Но, точно е тоа дека езерото е многу силно и непредвидливо, во еден миг може да е „тепсија“ мирно, а во следниот да „отвори“ силен ветар и бран. Бодата во езерото, иако ние гледаме дека мирува, постојано „работи“ и се менува. Водените струи се тие кои те носат до целта побргу или ти го отежнуваат пливањето, па имаш впечаток дека „стоиш“ во место. Нашето езеро е вистински предизвик за кој било маратонски пливач.

„За мене пливањето значи еден од најголемите благослови во мојот живот. Марко го победи езерото, ќе речат луѓето, но се чини дека Марко најмногу ги победи своите демони.“

марко пејчиновски

Оние што трчаат маратон велат дека додека трчаат нивниот мозок е во фаза позната како „Jumping Monkey“, па постојано скокаат од една мисла на друга. Но, што е со еден пливач маратонец и неговиот пмозок додека плива толку долго.

На што размислувате во тие моменти?

Во тие моменти размислувам на се. Оставен сум насамо, гледам во длабоичната и си мислам дека сум во некаков амбис, Размислувам на минатото, на сегашноста, на иднината, на сите добри и лоши работи, тоа е постојана битка со моите размислувања, со кои морам да се соочам на секое пливање. Со силата на волјата ги потиснувам лошите спомени од минатото, додека во позитивните мисли изнаоѓам дополнителни мотиви за да успеам да ја реализирам својата цел. Честопати се трудам да не мислам на ништо. Одбирам некои песни кои постојано ги вртам во главата, па ми служат како релаксација, но и како одржувач на темпото со кое пливам.

Колку е потребно да се физички и психички подготвени за да испливате 64 км и тоа на 16 години? Дали повеќе е потребно првото или второто или можеби клучот лежи во нешто трето?

За да испливате 64 километри на мои години треба сте добро психофизички подготвени. Значи не може едното без другото. За физички да сте подготвени да испливате 64 км потребен е континуиран тренинг, а три – четири месеци пред препливувањето треба да пливате по минимум 60 километри неделно (тоа всушност значи 10 км на ден). Сепак, поважна е психичката подготвеност, која може делумно да ја надополни физичката подготвеност, но не и обратно. Без разлика колку сме подготвени физички, ако ни фали таа психичка подготвеност, стонасто е шансата за неуспех. Пливањето многу помага во градење и јакнење на психичката страна на секоја личност, бидејќи сте оставени насамо против вашите мисли, нема каде да избегате и мора да се соочите со нив. Според мене, психата е најважна за сите работи , не само за пливање, но многу малку луѓе поседуваат добра психа или работат на неа и мислам дека е време тоа да се смени.

Во последно време гледаме дека успешните спортисти негуваат посебна врска со своите тренери, која станува многу повеќе од професионална и токму затоа и се успешни. Кој ја има оваа улога во вашиот живот или станува збор за повеќе личности?

Станува збор само за една личност, а тоа е ТАТКО МИ. Јас, искрено, не можам ни да замислам подобар тренер за мене, бидејќи тој вистински знае да го извлече најдоброто од мене. Тој беше најпосветен од сите, вложуваше најмногу време за да се едуцира на секое потребно поле за да ја реализирам поставената цел. Тој ме бодри, ме мотивира и прави сѐ за јас да успеам.

Како изгледа вашиот ден, вашата рутина на исхрана, тренинзи и низа други ситни жртви што ги правите за да успеете, особено непосредно пред маратонско пливање?

За почеток на денот се хранам со нешто полесно, како на пример млеко со житарици, а потоа имам тричасовен тренинг. Откако ќе завршам со тренингот, го имам второто јадење кое што е повеќе протеинско и калорично, потоа обично гледам на социјалните мрежи или пребарувам различни работи. По третиот оброк, тогаш јадам нешто повеќе протеинско, понекогаш правам домашен тренинг составен од вежби на точак, вратило, тегови и склекови. После вежбање, ја завршувам вечерта со овошје.

„Си докажав себеси, а и на другите, дека без разлика накаква и да е попреченост, се е возможно ако се сака. Маратонското пливање е најосамениот спорт на светот, кога си насамо со твоите мисли, кога мора да се соочиш со нив. Психичкото подобрување што го носи овој спорт, направи мојата психичка страна да е на сосема друго ниво.“

пливачки маратон

Како го поминувате своето слободно време и колку им давате значење на социјалните медиуми? Дали повеќе ви послужиле за добро или за лошо во однос на пливањето и животот воопшто?

Слободното време го поминувам на компјутер, може и некоја видеоигра, а социјалните мрежи ги користам секојдневно и сум многу задоволен од тоа колку ми имаат помогнато во пливањето и во секојдневниот живот. Телевизија не гледам, освен кога ќе има некој интересен спортски натпревар, а често се случува да излезам со другарите.
Како се гледате себеси во иднина, имате ли и други афинитети на кои би им дале можност покрај пливањето? Дали можеби имате некоја нова цел што сакате да ја постигнете?
Во иднина се гледам како мотивациски говорник. Целта ми е да им помогнам на што повеќе луѓе, да ги советувам за различни работи, да ги инспирирам и мотивирам, да докажам дека сѐ е возможно, никогаш да не се откажуваат и да знаат дека секогаш има светло на крајот од тунелот.

Која е вашата порака и до кого сакате да ја упатите?

Имаме еден живот, овој е тој! Правете што сакате, зошто вие сте главен карактер во вашата приказна. Искусете што е можно повеќе работи, правете го тоа што вам ви носи среќа, живејте си го вашиот живот и исполнувајте си ги вашите желби, а не желбите на родителите, зошто после 18 години сте сами. Ислушајте ги родителите, бидејќи тие го сакаат најдоброто за вас, но ваше е правото дали ќе ги послушате. Посветете повеќе време на психата. Знајте дека не постои нешто што повеќе може да ве спречи да успеете отколку вие самите. Што и да правите, вистинскиот предизвик кој ве чека, всушност, сте самите вие. Оваа порака е најмногу за децата, но и за возрасните кои требаат да им веруваат на децата и да ги поддржат.