Мирисот на дома

Мирисот на дома
Каков мирис му е потребен на вашиот дом?

Мирисот на домот треба да е во склад со вашиот карактер и вкус. Ако етеричното масло тешко го го поднесувате, подобро не користете го, бидејќи ризикувате да ве здоболи глава и да почне да ви се гади.

Семејство на цветни мириси

Мирис на свежо цвеќе – прв избор на поголемиот број домаќинки. Цветното семејство вклучува волшебна арома на свежо цвеќе како јасмин, крин или роза. Розата е најфасцинантната состојка, бидејќи само таа може да понуди повеќеслојно искуство со толку многу варијанти. Преку мирисот на цвет ќе оставите впечаток на љубезност, веселост и чувствителност кон потребите на другите.

Семејство на килибарни мириси

За егзотичен, уникатен и луксузен впечаток во домот, одберете ванила, цимет, цвет од портокал и орхидеја. Овие сензуални ноти влеваат моќ и самодоверба.

Семејство на свежи мириси

Свежите мириси се букет од вкусни, светли, остри и овошни ноти. Имајте ги на ум состојките како лимони, грејпфрут, вербена и бергамот, а тука спаѓа и лавандата иако е цвет. Свежиот мирис може да ви помогне да се чувствувате опуштено и да ви донесе радост. Кога мирисот на домот е свеж, тој им пренесува чувство на оптимизам и виталност на луѓето што престојуваат во него макар и на кратко.

Семејство на мириси од дрво

Сандаловото дрво, борот, кедровото дрво и пачули го сочинуваат богатото и топло семејство на дрво. Кога ќе намирисате дрвенесто етерично масло, на ум ќе ви дојдат слики од длабоки шуми и дрво што гори. Не е изненадување што луѓето кои гравитираат кон мирисите на дрво се приземни. Одберете дрвенести ноти за да креирате топол дом во кој секој ќе сака да се врати.

aroma

Секој дом има свој уникатен мирис што најмалку го чувствуваат оние што живеат во него. Но, ако сакате сетилата на вашите гости да ги скокотне пријатна арома што влева спокојство и комфор, тогаш за мирисот ќе мора да се погрижите сами.
Со редовно проветрување на просторот за живеење и одржување на чистотата и редот, ќе обезбедите неутрален мирис на чистина. Но, за домот да добие карактер послужете се со парфем од етерично масло, бидејќи тоа е природно, безбедно и полезно за психофизичкото здравје.

  1. За свеж и пријатен мирис во бањата, капнете неколку капки етерично масло по ваш избор во ролната тоалетна хартија. Таа ќе го впие маслото и ќе го задржи мирисот. Ако не сакате хартијата да го впие маслото, искористете една потрошена ролна и држете ја настрана.
  2. Материјалот кој најдобро апсорбира етерично масло е памукот и истиот функционира како пасивен дифузер. Направете топка од памук, капнете неколку капки масло и ставете ја во аголот од собата, плакарот, под чаршав, во тоалетот, во која било просторија што сакате да мириса пријатно. Секојдневно капнувајте нова доза од етеричното масло за да уживате во мирисот постојано. Покрај памукот, и волната е метеријал што најдолго задржува мирис.
  3. Сами направете спреј со есенцијално масло. Земете празно спреј шише и ставете ги етеричните масла што им годат на вашите сетила. Правилно и најподносливо за сетилата е да капнете 10 капки масло на секои 30 милилитри. Ако имате шише од 120 мл, додајте 40 капки масло, дополнете со вода и добро протресете – вашиот спреј е подготвен за употреба. Испрскајте ги сите простории дома, а пријатниот мирис ќе трае неколку часа. Со менување на маслото, можете да направите различни спрејови за различни простории во домот. Лаванда за во спална соба, лимон за во кујна, јасмин за во дневна соба и цитрус за во бања.
  4. Капете се во вода во која има додадени есенцијални масла. Важно е да се напомене дека есенцијалните масла се концентрирани и можат да ја иритираат кожата, затоа погрижете се да набавите безбедно масло за употреба. Маслото од сандалово дрво мириса одлично, делува освежувачки и за телото и за душата, па дури и за бањата. Мирисот на сандалово дрво делува како парфем кој долго ќе се задржи на кожата.
  5. Ставете неколку капки од омиленото етеричното масло на платнено марамче што ќе го понесете со вас секогаш кога ќе излезете надвор. Мирисот од марамчето може да биде освежувачки и да помогне по потреба. На пример, кога сте под стрес можете да користите масло од лаванда. Секогаш кога ќе почнете да чувствувате стрес, помирисајте го марамчето и ќе се чувствувате освежени и преродени. При патувања, ако тешко поднесувате нови мириси, особено на постелата, ваквото мирисано марамче ќе ви биде корисно.
  6. Миризлива перница со есенцијално масло е одлична идеја да уживате во мирисот додека спиете. Можете да користите цитрусно масло што ќе го капнете директно на навлаката за перница или уште подобро топче памук што ќе го чувате под перница или веднаш до вас. Мирисот на есенцијално масло од цитрус делува освежувачки и го поткрева расположението. Ако сте под стрес, маслото од сладок портокал може да помогне во намалување на стресот. Мирисот ќе трае цела ноќ додека спиете.
  7. Глинената скулптура поставена на прагот на прозорецот исто така може да послужи како пасивен дифузер. Сè што треба да направите е да ставите неколку капки од етеричното масло на страната од скулптурата свртена кон сонцето. Топлината од сонцето ќе го распрсне маслото и ќе ја рашири неговата арома. Гостите кои седат во близина на прозорецот ќе бидат изненадени од каде доаѓа тој рајски мирис. Можете да користите масло од маточина за да создадете освежителен и утешителен простор за живеење. Обрнете внимание, скулптурата мора да биде од глина бидејќи само глината може да го апсорбира маслото.
  8. Пред да ракувате со правосмукалката, додајте неколку капки есенцијално масло по ваш избор во вреќата во која завршуваат нечистотиите од подовите. Сè додека правосмукалката е вклучена, миризливиот мирис ќе се шири низ домот.
  9. Ако вашата работа подразбира секојдневен долг престој во автомобилот, користењето мирис како лаванда ќе ви помогне да се чувствувате освежени и ослободени од стрес додека возите. Многу е едноставно да направите дифузер за во автомобилот – земете голем помпон и залепете го на штипка. Капнете неколку етерични капки на помпонот и прикачете го на отворот за вентилација. Вашиот автомобилски дифузер е подготвен!
  10.  Ако имате кадифени меки играчки во домот, капнете неколку капки есенцијално масло како кедрово дрво на некое од нив (на површината). Погрижете се да користите есенцијално масло безбедно за кожата, во случај децата да ја земат играчката. Мирисот ќе се апсорбира во надворешниот слој, па мекото мече ќе шири пријатна арома низ целиот простор. Мирисот на кедрово дрво трае неколку часа.
  11.  Ако тепихот лошо замириса, а не сте во можност да го перете, тогаш есенцијалните масла можат да ви помогнат. Помешајте две шолји сода бикарбона со околу 25 капки есенцијално масло по ваш избор. Смесата расејте ја по тепихот и оставете ја да отстои неколку часа, потоа соберете ја со правосмукалка.
  12. . Обичната свеќа трансформирајте ја во миризлива така што ќе капнете неколку капки етерично масло во неа. Восокот ќе го впие маслото, па кога ќе ја запалите свеќата, мирисот на маслото полека ќе се шири низ собата.
  13. . Кога го чистите домот можете да користите есенцијални масла за да ви мириса подобро. Пред чистење додајте неколку капки есенцијално масло на (исклучиво) памучна крпа за бришење. Памукот веднаш ќе го впие маслото. Сега избришете ја површината со ткаенината оставајќи зад себе пријатен мирис насекаде.
  14. . Ви доаѓаат ненајавени гости, а дома мириса на готвена храна? Без грижа! Капнете есенцијално масло на поголема топка памук и залепете ја на отворот од климата, прочистувачот за воздух, аспираторот, кој било домашен елемент кој испушта воздух. Штом го вклучите апаратот, мирисот ќе ја исполни просторијата.