НАДВОРЕШНИ ВЛИЈАНИЈА – Можен ризик врз здравјето на очите

НАДВОРЕШНИ ВЛИЈАНИЈА – Можен ризик врз здравјето на очите

Летото е период на уживање за сите сетила. Впивање на сета убавина на сонцето, водата и убавото време. Но, како и за сè останато, и овде треба да бидеме внимателни и да ги избегнеме состојбите кои може да предизвикаат штетни ефекти врз здравјето, особено врз очите. 

Влијанието на сонцето врз здравјето на нашите очи

Сонцето е извор на животот, наш сојузник и еликсир за добро здравје. Каков ефект ќе предизвикаат сончевите зраци, зависи од начинот на нивното искористување и следење на препораките за заштита од прекумерна изложеност на сонцето.
Сонцето е радост за очите, но бидете внимателни и не дозволувајте тоа да биде причината за нивното оштетување!
Сончевите зраци може да му наштетат на окото. Сончевата светлина претставува енергија која се апсорбира во окото, поттикнувајќи биохемиски реакции кои може да доведат до трајни оштетувања доколку сме изложени на зрачење кое нашето око не може да го поднесе. Ултравиолетовото зрачење (УВ) кое е невидливо за човековото око, интензивното блескаво светло и сината светлина која настанува со одбивање на светлината од водните површини, песокот и асфалтот, може да доведат и до трајни оштетувања на поединечни делови од окото, а со тоа да доведат до одредени патолошки состојби на окото како што се: старечко перде, стареење на мрежницата и дегенерација на центарот за јасен вид.

Ветер

И ветерот може да не е во наша полза. Ветерот е главен виновник за раздвижување на алергените честички низ воздухот, а со себе ги носи и честичките на прав кои имаат негативен ефект врз очите, најчесто во форма на: иритација, чешање, црвенило и чувство на суво око. Превенирајте ги симптомите на алергија, избегнувајте подолг престој на отворено при ветровито време, носете заштитни очила за сонце.

Внимателно со базените 

Во денешно време, современите аква-паркови и базени знаат да го привлечат вниманието, како на децата, така и на возрасната популација. Водата во базените е богата со хлор, важен за дезинфекција на водата. Хлорот се  врзува  со бактериите  и од вашето тело и „се обидува да ги неутрализира“. Вака поврзан со нив, предизвикува иритацијата на очите. Хлорот кој се врзува со урината и потта, предизвикува печење и, на тој начин, може индиректно да предизвика иритација на очите. Затоа, се препорачува, при престој во вакви водени површини, колку можете повеќе заштитете ги вашите очи од контакт со водата од базените. Носете маска за нуркање, очила за пливање и мијте ги очите со чиста вода веднаш по излегување од базените.

Препорака

Бидете модерни и во тренд, користете очила за сонце, но внимавајте! Правилно избраните очила за сонце треба да ви ги заштитат очите од УВ светлина, да бидат удобни за носење и да не го заматуваат видот. Многу темни очила за сонце предизвикуваат ширење на зениците и овозможуваат поголемо изложување на окото на штетните УВ зраци што може да доведе до трајни последици. Поларизираните стакла ги штитат очите од одблесокот кој настанува со одбивање на светлината од водените површини, снегот, песокот и асфалтот. Купувајте очила со назнака „100% УВ заштита“. Купувајте очила во специјализирани продавници кои гарантираат квалитет. Носете шешири и капи како дополнителна заштита. Користете ги природните сенки на природата и консумирајте доволно количество вода.
Опуштете се и одморете се, и со вистинска доза на сончање наполнете го вашето тело со енергија, подобрете го расположението и уживајте во прекрасните сончеви денови!
Д-р Ивана Петковска