Најчести повреди на млечните заби

Најчести повреди на млечните заби

Повредите на млечните заби, вообичаено, се случуваат во периодот помеѓу втората и четвртата година од животот. Тоа е период кога децата самостојно се движат, но не се сосема стабилни и ги истражуваат своите можности и граници. Во случај на повреда, важно е детето веднаш да биде прегледано од стоматолог и да добие соодветен третман. Најчесто се повредуваат предните заби од горната вилица, секачите.

Какви повреди се можни кај млечните заби?

Повредите на забите се поделени на повреди кои се ограничени на коронката на забот, повреди на коренот на забот и повреди во кои, освен забот, вклучен е и алвеоларниот гребен (коската во која се всадени забите). Повреда на коронката на забот значи кршење на дел од забот. Во зависност од местото на фрактурата, повредата може да биде ограничена на глеѓта на забот, да го вклучува дентинот, па дури и нервот на забот. Кога при повреда доаѓа до промена на положбата на забот, тогаш станува збор за покомплексна повреда која може да биде исклучиво на коренот на забот или да ја зафаќа и околната коска од вилицата.

Каков е третманот кај повредите на коронката на забот?

Повредите кои ја вклучуваат само глеѓта, па дури и дентинот на забот (основната супстанција од која е изграден забот) се прилично лесни повреди. Нивниот третман е едноставно замазнување на острите рабови и евентуална импрегнација со флуориди. Кај дечињата, во оваа рана возраст забите не се реконструираат со естетски пломби, бидејќи тие немаат трпение и потешко соработуваат. Така, забот останува поткршен додека не се замени со траен заб. Доколку при повреда се искрши поголем дел од коронката на забот, тогаш има опасност од експонирање (отворање) на нервот. Во таков случај, нервот на забот мора да се умртви и забот да се лекува. Лекувањето на млечните заби никогаш не е дефинитивно како кај трајните заби, бидејќи коренот на млечните постепено се ресорбира со израснувањето на трајните заби. Затоа ваквите заби треба да бидат под редовен мониторинг од стоматолог.

Зошто удрените заби потемнуваат?

Забот кој ја сменил својата боја е мртов заб. Тоа значи дека при повредата дошло до инфаркт на нервот на забот, односно била прекината циркулацијата на крв во нервот, а со тоа и ставена под прашање виталноста на забот. Бидејќи забот веќе не се прехранува преку својот нерв, тој е дехидриран и ја менува бојата. Понекогаш доаѓа и до крвавење од нервот во самиот заб, па тој се обојува поради пигментите кои се во крвта. Овие заби, доколку не прават никаков проблем, нема потреба да бидат третирани. Понекогаш се случува оваа стерилна некроза на нервот настаната при ударот да привлече бактерии како и секое мртво ткиво. Во случај на инфекција, забот може да почне да боли на притисок. Гнојот кој се создава на врвот од коренот мора да најде пат да се дренира и затоа доколку не побарате помош од стоматолог, често настанува фистула на непцето над мртвиот заб. Низ таа фистула (дупче во непцето) гнојот истекува, така што детето може да нема никаков проблем и да не се жали на болка.

Што се случува со забите кои при повреда ќе ја променат својата положба?

Овој вид повреди неретко се проследени со фрактура на коренот на забот или дел од алвеоларната коска. Во зависност од насоката во која е поместен забот, можеме да ги поделиме повредите на интрузија, екструзија и латерална луксација. Интрудиран заб е оној кој при повредата се поместил навнатре во коската и изгледа пократок од соседниот заб. Екструдираниот заб е подолг од неговиот сосед, односно е подизлезен од алвеоларната коска. При латерална луксација, забот е поместен кон усната или навнатре кон грлото. При овие повреди, најважна е добра дијагноза и навремена терапија. Суштината на терапијата е да го зачуваме фоликулот на трајниот заб неповреден. За да го постигнеме тоа, понекогаш е потребно поместениот млечен заб да го извадиме за да му овозможиме нормален развој и раст на трајниот заб. Одлуката за вадење на повредениот млечен заб зависи од насоката во која забот е потиснат и од тоа колку е опсежна промената на положбата. Доколку променета е блага, на повредените заби им даваме можност да се вратат во првобитната положба. Во периодот непосредно по повредата, детето треба да консумира мека храна и да избегнува гризење на повредениот заб. Исто така, важно е да се одржува добра усна хигиена со што ќе избегнеме инфекција на повредените меки ткива во устата. По повредата, детето задолжително однесете го на стоматолошки преглед, а во зависност од дијагнозата потребни се и понатамошни прегледи и следење на состојбата.

Што се случува кога забот е целосно избиен?

Најважно што мора да знаеме е дека избиениот млечен заб никогаш не го враќаме назад во коската од вилицата. На таков начин можеме да го повредиме фоликулот на трајниот заб. Детето по оваа повреда остнува без млечен заб да го дочека израснувањето на трајниот заб. Во спротивно, доколку го повредиме фоликулот на трајниот заб, можно е тој да порасне со неправилна структура на глеѓта, да има дефекти на својата површина и, воопшто, да се појават проблеми при неговиот раст и развој.


Ана Кртолица-Георгиев,
д-р дент. мед.