Направете сами: раскошен цветен аранжман

Направете сами: раскошен цветен аранжман

Март е создаден за свеж букет цвеќе во домот. За позитивна енергија, за дочек на пролетта, за мирислив 8 март, расцутете го просторот околу себе со овие неколку совети.

Ваза:

Секоја ваза се прифаќа се додека е ниска, бидејќи така полесно ќе ги погодите пропорциите на комплексните аранжмани, но најлесно ќе ви оди со кугла. Со помош на трака, направете мрежа (слична на онаа за Х-0) на самиот отвор на вазата. Во секој квадрат треба да имате по 2 до 3 растенија.

Зеленило:

За да добиете убава форма на букетот, потпрете се на зеленилото. Опции за зеленило има многу, но имајте на ум дека актуелни се асимитеричните букети или оние што делуваат како да сте ги направиле собирајќи планински цвеќиња. Кога бирате тип зеленило, убаво е да се водите според сезоната. Во пролет ставете јоргован, богатите видови жолтики оставете ги за наесен, зимзелените растенија секако се резервирани за во зима, а најсигурна опција, достапна преку целата година е папратот. Лисјата од дабово дрво или неколку гранки рузмарин од градината, исто така ќе завршат работа. Зеленилото поставете го така што ќе формирате триаголник на мрежата.

Цвеќиња:

5 различни видови цветови е максимумот кој би требало да го содржи вашата цветна композиција – се повеќе од ова би изгледало неуредно. Во фокус на цветниот аранжман нека се повторуваат цветовите во непарен број, на пример три божури и пет лутичиња. не трудете се да ставите слични цвеќиња во еден квадрат.

Раскошни цветови:

Големите раскошни цвеќиња (како божури и георгини) кои треба да поттикнат воодушевување, поставете ги први. Тие се вашата појдовна точка. За да бидете сигурни дека целосно ќе го освојат вниманието, секогаш ставајте по три пупки заедно од секој вид, едно до друго. Овие цветови треба да бидат во висина на отворот на вазата во центарот на аранжманот.

Секундарни пупки:

Цветовите од останатите различни видови ставајте ги заедно, бидејќи така ќе ви биде полесно да забележите каде има празнини. Играјте со висината на стеблата, повисоки, пониски, во висина на отворот на вазата – на овој начин ќе направите повпечатлив аранжман.

Вода:

Од моментот кога ќе ги исечете стеблата, цвеќињата треба да бидат ставени во вовда во наредните 7 секунди, во спротивно стеблата ќе почнат да апсорбираат воздух, а тоа го скратува нивниот живот во вазата. Ако предолго ги оставите цветовите без вода, ставете ги еден час во топла вода, а потоа префрлете ги во вода чувана на собна температура. Со помош на остар нож исечете ги стеблата под агол од 45 степени за оптимална апсорпција на вода.

Неколку совети за купување букет

Кога изборот во цвеќарата не ви се допаѓа, играјте на сигурно.

Совршен микс – монохроматскиот букет е секогаш полн погодок, па затоа купете неколку различни цвеќиња во иста боја и од нив направете букет. Никој не останува рамнодушен на комбинацијата од различни текстури.

Уредност пред се – Кога е еден, каранфилот делува тажно. но, сте пробале ли да направите букет од каранфили? Аранжман од 5 каранфили со долги стебла делува отмено и префинето.

Впечатлива ваза – Ако немате доволно буџет за раскошен букет, компензирајте со колоритна или минималистичка стаклена ваза.

Каков букет барате?

Модерен и смел – одберете контрастни бои, на пример комбинирајте розови рози со бели орхидеи и темно зелени листови.

Уметнички и несекојдневен – тогаш, креирајте текстура. Комбинирајте китнести анемони со трнливи драки или кружни хризантеми со долгнавести листови.

Едноставен и луксузен – купете лалиња, што повеќе тоа подобро. Издолжени, елегантни, без листови, ќе внесат шарм во домот.

Трик за свеж букет

 

Сами подарете си цвеќе, бидејќи заслужувате! СРЕЌЕН 8 МАРТ!