Настинката е вирусна инфекција на грлото и носот. Постојат повеќе различни видови вируси кои можат да ја предизвикаат оваа инфекција. Од таа причина, возрасен човек годишно може да заболи два до три пати од настинка. Децата може да заболат и до десет пати во годината. Доколку не е проследена со компликации, настинката најчесто трае од 2 до 4 дена.
Најчести симптоми
-
течење на нос / затнат нос
-
кивавица
-
кашлање
-
болки во грлото
Настинката проследена со покачена телесна температура е знак за дополнителна бактериска инфекција. Воспаление на средно уво, синузит, воспаление на грло и појава на зеленикав секрет од носот се сигурен показател за одредена компликација. Посетата на лекар и соодветна антибиотска терапија се особено важни заради навремено лекување и спречување на дополнителни посериозни компликации.
За разлика од настинката, симптомите кај грипот може да бидат многу потешки и да траат подолго. Грипот може да „тропне на вратата“ во текот на целата година, но особено е чест во зима или рана пролет, па затоа е познат и како СЕЗОНСКИ ГРИП.
Грипот дополнително е проследен со следните симптоми:
-
треска со висока температура (некогаш и над 39° C)
-
главоболка
-
замор
-
болки по целото тело
-
црвени и насолзени очи
-
дијареја
-
губење апетит
Линија на разграничување на симптомите помеѓу настинката и грипот скоро и да не постои, па тешко дека ќе препознаете која од овие две вирусни инфекции е на повидок. Грипот е посериозно заболување, па е најдобро на почеток да претпоставите дека имате грип и веднаш и соодветно да пристапите кон негово лекување.
Грипот најефикасно се лекува во првите 48 часа од појавата на симптомите. Навремената употреба на соодветни препарати може да го скрати времетраењето на болеста и да го забрза заздравувањето.
Превенција
Покрај стандардните препораки за заштита од настинка или грип, особено важно е одржувањето високо ниво на имунитет. Редовна и избалансирана исхрана, оптимален сон, а по потреба и вклучување додатоци во исхраната, особено витамин Ц, ќе помогнат во справување со инфекцијата.
Прочистувањето на носот со физиолошки раствор е особено корисно и делотворно. На овој начин ќе направите механичко чистење на евентуалните вируси од слузокожата, ќе се намали нивниот број, а со тоа и шансата да се развие инфекција.
Направи сам – прочистување со физиолошки раствор
Во половина литар вода ставете една кафена лажичка сол и, откако ќе проврие, оставете да се излади. На дланка ставете од растворот, затворете ја едната страна од носот, а со другата повлечете од водата со истовремено кревање на главата и дланката припиена за носот. Растворот треба да помине низ носот и да дојде до грлото. Тогаш плукнете. Постапката повторете ја неколкупати, а потоа сменете ја другата страна. Правете ја постапката наутро и навечер неколку дена.
Совети за олеснување на симптомите
-
Болно црвено грло – употребете прополис (капки, спреј за грло, дражеи) или направете гаргара со чај од жалфија.
-
Затнат нос и секрет – инхалации со чај или етерично масло од еукалиптус, тимијан и сл.
-
Покачена телесна температура – чај од бозел, ајдучка трева и шипки.
-
Против воспаление – прополис во форма на спреј или капки. Во шолја промешајте една лажичка мед со 5-10 капки прополис. Растопете ја содржината во уста што е можно подолго.
За полесна борба со инфекцијата, задолжително вклучете употреба на препарати на база на ехинацеа.
Доколку е неопходно, вклучете и медикаментозна терапија во форма на капки за нос, лекови против болка и против покачена телесна температура. За начинот на нивната примена, консултирајте се со вашиот фармацевт.