Назад на училиште

Назад на училиште

Неколку стратегии за полесен старт на учебната година

Враќањето на училиште по три месеци релаксација никогаш не е лесно, но децата не се единствените кои се борат со тоа.

На родителите, исто така, им е тешко кога нивните деца се враќаат на училиште, а многумина доживуваат емоции како тага, анксиозност, па дури и огорченост.

Со добра подготовка, враќањето во нормалната училишна рутина е помалку стресно и за родителите и за децата. Обидете се со овие практични совети и олеснете им ја транзицијата на сите членови во семејството.

Охрабрете ги децата да поставуваат цели и да бидат одговорни

Поттикнувањето на децата да поставуваат цели и да преземат одговорност за претстојната учебна година е одлична тактика за да го ставите нивниот олабавен ум во вистинска рамка. Истражувањата покажуваат дека децата кои поставуваат цели во учењето и прават планови за надградување на нивното знаење се многу помотивирани и посериозно го сфаќаат учењето.

Поставувањето на целите многу зависи од возраста на вашето дете. Детето што првпат тргнува во училиште не може да преземе толкава одговорност како еден осмоодделенец или ученик во средно училиште.

Но, дури и на помалите ученици може да им се дадат едноставни цели на кои треба да се фокусираат, како организирање на ранецот со книги, приборот за работа, опремата за физичка култура и редовно сработување на домашните задачи.

Практиката покажала дека на помалите деца многу им помага дискусијата за тоа дека наскоро треба да се вратат во училиште, евоцирање спомени од дружбите со децата, па сѐ до материјалот што ќе треба да го совладаат.

Информирајте се што ќе работи детето во претстојната година и разговарајте дали има нешто конкретно што сака да постигне или да совлада со ваша помош. Потоа работете заедно за да направите листа на чекори што ќе треба да се преземат за да се постигне таа цел.

Вклучете се во нивната наставна програма

Ако сакате да му помогнете на детето да постави конкретни цели во учењето, важно е да се вклучите во нивната наставна програма и да бидете свесни за тоа што ќе учи и во што се очекува да биде умешно.

Повеќето деца се соочуваат со одредено ниво на стрес или анксиозност пред да појдат во училиште. Некој се плаши од материјалот, друг се плаши од соочување со децата кои го малтретираат, трет се плаши од средбата со строгиот наставник.

Едно истражување покажа дека 53 % од родителите ги наведуваат домашните задачи како најголем двигател на стрес кај нивните деца. Но, кога родителите се свесни за тоа што ќе учат нивните деца, тие се поспособни да дадат поддршка и да го контролираат стресот на ученикот.

Секогаш е добра идеја да разговарате со вашето дете за она што ќе го учи. Преку разговорот ќе заклучите за кои области ќе биде неопходно да се вклучите за да му помогнете.

Поставете ја школската рутина неколку дена порано

Во текот на летниот распуст децата имаат релаксиран распоред, а тоа подразбира поместување на терминот за легнување во кревет. Станувањето рано е она што најмногу го отежнува тргнувањето во училиште. Ако не се сетивте пред 1 септември да ја вратите посакуваната шема на заспивање и будење, сторете го тоа сега, но постепено. Еден час пред легнување забранете му на детето да седи пред компјутер или да се занимава со телефонот. Потоа легнете го во кревет 15 минути до половина час порано. Секоја ноќ додавајте уште 15 минути сѐ додека не стасате до посакуваниот термин на легнување.

Вашиот став нека биде позитивен

Училишните денови можеби не се толку возбудливи како распустот, но тоа не значи дека треба да завладее мрачна атмосфера во домот. Барајте начини да ги одржувате работите забавни, без разлика дали се работи за почитување на семејните традиции, како што се семеен појадок и читање или гледање ТВ-серија заедно, или барање воннаставни активности во кои децата ќе уживаат, како што се пливање, фудбал или музика и уметност.

Дозволете им на децата сами да ги одберат своите моливи и тетратки и сѐ она што им е потребно за на училиште, бидејќи така ќе им помогнете да се возбудат и расположат околу враќањето.

Најважно од сѐ е да имате позитивен став околу училиштето и сите аспекти што тоа ги подразбира, бидејќи децата инстантно го преземаат. Доволно е вашето дете само еднаш да ве чуе дека жалите што распустот завршил за да се депримира.

Разговарајте за нервозата во првата недела

Уверете го вашето дете дека да се биде нервозен е природно, дека дури и на наставниците им е тешко да се адаптираат. За детето да се справи со негативните чувства, едноставно поттикнете го да:

Ги изразува своите стравови јавно. Охрабрете го така што ќе му раскажете за вашите слични чувства кога сте биле дете и како сте биле исплашени на првиот училиштен ден.

Да дише длабоко за да се смири. Научете го на неколку тактики што ќе му донесат мир како длабоко дишење, вежби за истегнување или слушање пријатна музика додека е само во соба.

Разговарајте за ситуациите што му носат најмногу трема. На пример, ако детето е загрижено поради тоа што не седи со некој од своето друштво или не успева да се спријатели со никого или, уште пострашно, има деца кои го задеваат, помогнете му со конкретна стратегија како да постапи и што да каже за да го надмине проблемот.