Не бидете строги кон себеси!

Не бидете строги кон себеси!

Само така ќе останете здрави и ќе ширите позитивна енергија

Во свет во кој честопати си поставуваме високи очекувања и вршиме притисок врз себе, развивањето на вештината на самосочувство е од суштинско значење. Самосочувството е многу повеќе од тренд – тоа нè учи да се однесуваме кон себе со истата љубезност и грижа каква што им ја укажуваме на другите.

Истражувањата покажуваат дека учењето да бидеме посочувствителни кон себе носи бројни придобивки за физичкото и за менталното здравје. Но, како изгледа тоа во практика?

Што е самосочувство?

Зборот „сочувство“ потекнува од латинскиот израз „да страдаме заедно“. Тоа подразбира длабока свесност за туѓата болка и искрена желба да се помогне. Кога гледаме некој како поминува низ тежок период и сакаме да му олесниме со утешни зборови или прегратка – тоа е сочувство.
Самосочувството е кога истиот овој пристап го насочуваме кон себе. Тоа значи да се однесуваме со иста добрина, разбирање и топлина кон сопствените слабости и тешкотии, како што би се однесувале кон некој што го сакаме.

Учењето самосочувство ни овозможува да ги поминуваме животните предизвици со повеќе нежност кон себе. Наместо да бидеме строги и самокритични, учиме да се третираме со грижа и со трпеливост.

Кои се придобивките од самосочувството?

Иако можеби не изгледа природно на почетокот, практикувањето самосочувство може значително да го подобри нашето здравје, односите и начинот на кој се справуваме со секојдневните тешкотии.

Како и секоја друга вештина, потребно е време за да се развие. Но, со текот на времето, ефектите стануваат сè поочигледни. Еве неколку од најважните придобивки:

Ја подобрува менталната благосостојба

Според експертите од апликацијата Calm, кога сме љубезни кон себе, поголема е веројатноста да се чувствуваме посреќни и посмирени.

Истражувањата покажуваат дека самосочувството може да помогне во намалување на стресот, анксиозноста и тажните мисли, а дури е поврзано и со подобри резултати кај лица со посттрауматски стрес.

Ги поттикнyва личната мотивација и оптимизмот

Кога сме посочувствителни кон себе, полесно гледаме на грешките и на предизвиците како на можности за учење и раст, а не како на неуспеси.
Таквиот поглед на светот не само што поттикнува оптимизам, туку нè охрабрува да бидеме поотворени за нови искуства и промени.

Го подобрува физичкото здравје

Постојат докази дека самосочувството позитивно влијае и на телесното здравје. Сè уште не е целосно јасно зошто, но се верува дека луѓето кои имаат развиено самосочувство почесто прават поздрави избори – не затоа што чувствуваат обврска или вина, туку затоа што сметаат дека го заслужуваат тоа.

Гради отпорност

Животот никогаш не е рамен пат, височинки, па падови, па малку рамно тло и сè така во круг. Но, ако умееме да си покажеме сочувство во тешките моменти, полесно ќе ги надминеме препреките.
Ако си дадеме време и простор за заздравување и ако ги валидираме сопствените емоции, со текот на времето ќе ја зајакнеме внатрешната отпорност.
Ги подобрува односите со другите

Кога сме полни со разбирање и трпеливост кон себе, тоа природно се прелева и во нашите односи. Развиваме поголема емпатија, толеранција и способност за искрено поврзување, а тоа ги продлабочува и подобрува нашите релации со луѓето околу нас.

5 начини како да практикувате самосочувството

Откако ги разгледавме придобивките, да видиме како оваа вештина може да се примени во секојдневниот живот.

1. Живејте свесно

Свесноста нè учи да бидеме присутни во моментот. Таа помага да се намали стресот, ја зголемува самосвеста и ја поттикнува љубезноста кон себе.
Кога ќе станете посвесни за своите мисли, ќе можете полесно да ги препознаете моментите на самокритика и наместо осуда, да одговорите со разбирање.

2. Однесувајте се кон себе како кон пријател

Еден од наједноставните начини да практикувате самосочувство е да се запрашате:
„Што би му рекол на близок пријател кој се чувствува вака?“
Во мигови кога сте строги кон себе, направете пауза и замислете што би кажале за да утешите некој друг. Потоа, кажете си ги тие зборови на себе. Вие исто така заслужувате добрина и разбирање.

3. Кажувајте си афирмации

Афирмациите се позитивни реченици што си ги повторуваме за да го смениме начинот на размислување и да ја зајакнеме самодовербата.
На пример: „Ја заслужувам својата љубезност.“„Силен сум и вреден.“
Дури и ако на почетокот не ви звучат убедливо, со повторување тие ќе почнат да стануваат ваше природно верување.

4. Грижете се за себе

Самосочувството е тесно поврзано со самогрижата. Грижата за себе не е себичност, тоа е израз на почит кон сопствените потреби.
Што ќе вклучува вашата рутина зависи од вас: редовна физичка активност, доволно сон, време за хоби или едноставно момент на одмор со шолја чај. Важно е да биде нешто што навистина ве обновува.

5. Препознајте ја својата човечност

Лесно е да се обвиниме себеси кога ќе погрешиме. Но, вистината е дека грешките и предизвиците се природен дел од животот и најчесто токму тогаш растеме најмногу.
Авторот Вил Шнајдер во своето дело The Magic of Common Humanity пишува:
„Заедничката човечност ги нагласува нашите заеднички борби, несовршености и меѓусебна поврзаност. Таа поттикнува припадност и сочувство, наместо осаменост и изолација. Таа поврзаност е подарок.“

Човечноста, со сите свои пукнатини, е токму она што нè прави достојни за сочувство.