Излегувањето од пелени е уште еден дел од фазите низ кои треба да помине секој родител. Ретко кога оваа голема работа поминува без тешкотии и дилеми за тоа како, кога и што е правилно. Излегувањето од пелени е процес кој најчесто се одвива подолг временски период и знае да биде макотрпен, често обесхрабрувачки, но клучот е во трпението и во смиреноста.
Кога да се збогувате со пелените?
Иако не може да се даде дефинитивен одговор, зашто секое дете се развива различно и во различни услови, повеќето деца покажуваат знаци на подготвеност за користење нокшир и одвикнување од пелени на возраст од 18 до 24 месеци.
Неколку практични совети може да бидат корисни овој процес да се помине без поголеми турбуленции:
Не правете ништо „насила“!
Збогувањето со пелените треба да го направите во партнерство со вашето дете. Прво, проверете дали вашето дете, воопшто, е подготвено за излегување од пелените. Важно е детето да може да ги комуницира своите потреби. Ова може да биде со зборови, звуци, гримаси на лицето или со држење на телото. Секогаш започнете со охрабрување и поддршка. Притисокот детето да ги напушти пелените може само да создаде напната атмосфера и да создаде дополнителен отпор кај детето. Освен ова, може да содадете негативни асоцијации кај детето поврзани со одењето по нужда кои подоцна може тешко да се избришат или да создадат отпор кон извршување на физиолошките потреби.
Не поставувајте рокови!
Малите деца немаат концепт за време, па затоа и не реагираат на поставувањето рокови. Секогаш имајте реалистични очекувања. Секое дете има своја сопствена индивидуалност и темперамент и поради ова не постои единствена ветувачка метода во три чекори која ќе одговара на сите. Ваквите програми, кои се временски утврдени, најчесто во себе имаат одредени казнени мерки, не се флексибилни и најчесто ги тренираат родителите наместо децата. Поради ова се создаваат фрустрации кога утврдените рокови нема да се испочитуваат.
Користете облека со која детето лесно се снаоѓа
Заборавете на сложени комбинации за облекување. Одберете облека која лесно се соблекува: панталони со ластик, тренерки, фустанчиња, кратки панталони. Доколку е топло, пуштете го детето да трчка во долен веш или, пак, сосема голо. На овој начин, најлесно ќе ја совлада новата вештина.
Не потклекнувајте пред притисоците!
Притисоците може да дојдат од повеќе страни. Од баба и дедо, од пријателите, тетките, па и од сопрузите. Имајте на ум дека сите се полни со мудрости и го знаат најлесниот начин. Сепак, ова е само процес како и сè останато. Сè во свое време и на начин кој е најсоодветен за вашето дете. Избегнувајте да се натпреварувате со другите родители, бидејќи ова е натпреварување кое не завршува тука. Вашето дете го очекуваат нови работи за совладување!
Ништо не се случува преку ноќ
Некои деца преминуваат од пелени кон нокшир за неколку недели, на други им се потребни и по 7-8 месеци. Не очекувајте брз напредок и бидете подготвени. Останете позитивни и трпеливо минувајте низ процесот, секогаш напоменувајќи му на детето колку сте горди на неговите мали, но значајни постигнувања.
Не игнорирајте го стравот кај детето!
Во времето на одвикнување, децата може да развијат стравови, кои се подеднакво големи како кај било кој страв кај возрасните. Доколку детето доживее и само едно непријатно искуство во тоалетот (бучава од казанчето за вода, лизнување на ладните плочки и сл.), тоа може да го врати неколку чекори наназад. Некои деца имаат проблем со исфрлањето на изметот. Затоа, бидете внимателни. Разговарајте со нив и внимавајте детето да не се чувствува посрамено или омаловажено. Имајте на ум дека за многу деца пелените претставуваат одредена сигурност. Тоа е време во кое родителите се интимни со децата и внимаваат за нивните потреби. Понекогаш на децата им е потребна вашата блискост. Потрудете се да им дадете поголемо внимание и нежност.
Нема потреба за загриженост
Можеби ве загрижува што само уште вашето дете од сите во групата носи пелени. Но нема место за паника. Можеби ќе потрае уште некое време, но сепак, на крајот, вашето дете со ваша помош ќе научи самостојно да користи нокшир, а подоцна и тоалет. Прилично е неверојатно дека вашето дете ќе тргне на училиште во пелени.
Знаци кои може да укажат дека детето е подготвено:
- ви покажува кога мора да изврши нужда со зборови, звуци, гримаси на лицето или со држење на телото (чучнување, поставување на раката во гениталната регија);
- не поднесува пелените да му се влажни или валкани;
- покажува интерес за нокширот и за тоалетната школка;
- може да следи основни инструкции;
- сака да започне да носи гаќички;
- пелените му остануваат суви околу два часа во текот на денот;
- може само да ги турне панталоните и да седнува и да станува само од нокширот.