Патувањето низ петте фази на пензионирањето

Патувањето низ петте фази на пензионирањето

Kако и секоја друга голема промена во животот, така и пензионирањето предизвикува бура од измешани емоции на страв, паника, неизвесност, трема, радост. Сега одново сте детето што за првпат треба да појде на училиште, или оној млад човек кој со голема самодоверба и трема меѓу стиснатите палци за првпат зачекорува во својата канцеларија.
Да, потребно е време да се прилагодите на вашиот нов живот, иако истиот ќе се одвива меѓу добропознатите ѕидови без никому да треба да давате отчет за доцнењето. Затоа, дајте си време за да воспоставите нов ред и ритуали по кои ќе живеете.

Фаза 1: Пред пензионирање

Фазата пред официјалното пензионирање е пожелна за секој работен човек кој тешко поднесува промени. Колегите од човечки ресурси би ве советувале да ја стартувате оваа фаза од 5 до 10 години пред заминување во пензија. Во ова време, многу луѓе почнуваат да го префрлуваат својот фокус од напредок во кариерата кон финансиско планирање за пензионирање. Добра идеја е да почнете да штедите, бидејќи најверојатно пензијата ќе ви биде пониска од заработувачката.
Покрај финансискиот аспект, добро е да обрнете внимание и на емотивниот аспект на пензионирањето. Ова е фаза кога е пожелно да ги дефинирате очекувањата од слободните денови и што верувате дека ќе ве усреќи и исполни. Можеби ќе сакате да подработувате првите години, да стартувате некое хоби што ќе ви донесе заработка или едноставно да чувате внуци.

Оваа фаза е полна со возбуда и исчекување за следното поглавје од животот, но исто така може да биде исполнета со грижи и сомнеж – така што финансиското и емотивното планирање може многу да го олеснат преминот од ангажиран човек во човек со премногу слободно време.

Фаза 2: Меден месец

Го дочекавте и тој ден, денот на слободата. Нема повеќе станување рано, трчање по автобус, борење со многуте обврски за малку време. Во оваа фаза ќе чувстувате голема возбуда, чувство на слобода, гордост и задоволство од себеси што дотуркавте толку далеку и ќе се ослободите од стресот што го носи работниот свет – сите овие чувства траат од 1 до 2 години, но можат да траат и многу подолго, во зависност од состојбата на вашиот ум и како ќе одлучите да го поминете вашето време. Ако позитивно се „наелектризирате“, ќе сфатите дека сега можете одново да се поврзете со пријателите, семејството, партнерите, да уживате во своето хоби и во интересите, да патувате и да шетате, едноставно да уживате во можноста да правите што сакате.

Фаза 3: Разочарување

По завршување на медениот месец, еуфоријата почнува да паѓа. Слободата повеќе не е толку слатка, туку почнува да станува досадна. Годините поминати во исчекување одеднаш ќе делуваат крајно разочарувачки. Колку помалку од целите наведени погоре успеете да реализирате, толку поголемо ќе биде вашето разочарување. Очекувајте да ве обземе чувство на самотија, досада, бесмисленост и недостиг на некаква цел.

Фаза 4: Пронаоѓање себеси

Исто како и секоја друга фаза од животот, на крајот ќе почнете да се прилагодувате на вашите нови околности и активно да го живеете новото секојдневие. Ова е најтешкиот дел од пензионирањето, бидејќи процесот на повторно пронаоѓање на вашата цел и утврдување на тоа кои сте, бара време и многу свесен напор. Иако ова е најделикатна фаза, истовремено е исцелувачка и пријатна.

Ова е време да пробате нови работи, да пронајдете ново хоби и повторно да ја пронајдете целта во животот. Без работа со полно работно време и без деца или внуци за кои треба да се грижите, може да ви биде тешко да најдете цел. Но, од клучно значење е да најдете нешто што повторно ќе ви ја разгори искрата за напредок и за нови знаења, а тоа може да биде волонтирање, градинарство, пишување книга, грижа за вашите внуци или едноставно додавање забавни, интересни активности во вашата дневна рутина.

Фаза 5: Стабилност

Последната фаза на пензионирање носи чувство на задоволство и среќа од новиот начин на живот кој одеднаш не би го менувале за ништо. Можеби ќе се прилагодите на вашата нова рутина, правејќи работи што ги сакате и поради кои се чувствувате исполнето. Сѐ зависи од вас!