Најчести прашања и одговори
Големата кашлица, позната и како пертусис или магарешка кашлица, е високо заразна респираторна инфекција која сè уште претставува закана, особено за бебињата и за малите деца. Иако многумина мислат дека оваа болест е дел од минатото поради вакцините, пертусисот сè уште циркулира, а бројот на заболени периодично расте, дури и во земји со висока стапка на вакцинација.
Болеста е позната по карактеристичната серија од брзи, силни напади на кашлица, кои често завршуваат со специфичен „магарешки“ звук при вдишување.
Кај доенчињата, пертусисот може да предизвика опасни компликации, како престанок на дишењето, пневмонија и тешки невролошки последици.
Но, колку е чест пертусисот денес, како да го препознаеме навреме и што можеме да направиме за да се заштитиме? Во оваа статија, ќе одговориме на најважните прашања поврзани со оваа болест.
Што е пертусис и што го предизвикува ова заболување?
Голема кашлица (пертусис) е акутно, заразно респираторно заболување кое се карактеризира со напади на кашлица, а го предизвикува бактеријата Bordetella pertussis.
Како се шири пертусисот?
Пертусисот се пренесува преку воздухот со инфективни капки и е многу заразен. Бактеријата се пренесува по капков пат, преку плунката и аеросолите кои болниот човек ги исфрла при кашлање и кивање. Индексот на заразност е многу висок, околу 80 %.
Колку време е потребно за да се појават симптоми по изложеност на бактеријата?
Инкубацискиот период на пертусис обично е 7 до 10 дена, со опсег од 4 до 21 ден.
Кои се симптомите на пертусис?
Пертусисот се развива во три фази:
ПРВ СТАДИУМ: Трае 1 – 2 недели и вклучува течење на носот, кивање, ниска температура и блага кашлица (слична на обична настинка).
ВТОР СТАДИУМ: Обично трае 1 – 6 недели, но може да потрае и до 10 недели. Главен симптом е серија од брзи, интензивни напади на кашлица, кои може да завршат со долг обид за вдишување придружен со висок звук (оттука и името „магарешка кашлица“). Кај доенчињата и малите деца, нападите на кашлица може да предизвикаат модрење на кожата, повраќање и сериозен дистрес.
ТРЕТ СТАДИУМ: Обично трае 2 – 6 недели, но може да трае и неколку месеци. Иако кашлицата исчезнува по 2 – 3 недели, пароксизмите можат повторно да се јават при следна респираторна инфекција.
Болеста е поблага кај адолесцентите и возрасните, но тие сè уште можат да ја пренесат на други, особено на невакцинирани или недоволно вакцинирани доенчиња.
Колку е сериозен пертусисот?
Пертусисот може да биде многу сериозна болест, особено за доенчињата. Децата помлади од 6 месеци имаат најголем ризик од компликации, хоспитализација и смрт. Потешкотиите со дишењето кои ги предизвикува болеста може да бидат многу стресни и за пациентот и за неговото семејство.
Иако возрасните поретко развиваат тешка форма на болеста, тие често прават повеќекратни посети на доктор и отсуствуваат од работа, особено кога кашлицата трае подолго време без да се дијагностицира пертусисот. Покрај тоа, возрасните можат несвесно да ја пренесат инфекцијата на доенчињата со кои се во близок контакт.
Кои се можните компликации од пертусис?
Младите пациенти имаат поголем ризик од компликации отколку постарите пациенти.
Најчеста компликација е секундарна бактериска инфекција, која е главна причина за смртните случаи од пертусис.
Пневмонија се јавува кај 1 од 20 случаи, а кај доенчињата помлади од 6 месеци овој процент е уште повисок.
Доенчињата исто така имаат поголем ризик од невролошки компликации, како напади и оток на мозокот, веројатно поради недостиг на кислород.
Други компликации вклучуваат: воспаление на увото, губење на апетитот и дехидрација.
Кај возрасните, компликациите можат да вклучуваат:
Пневмонија (до 5 % од случаите).
Скршени ребра од интензивната кашлица (до 4 % од случаите).
Губење на свеста, неконтролирано мокрење, хернии, ангина и губење на тежина.
Како да знам дали моето дете има пертусис?
Дијагнозата на пертусис најчесто се поставува врз основа на симптомите и физичкиот преглед. Дополнително, може да се направи лабораториско тестирање со земање брис од грлото или носот.
Постои ли лек за пертусис?
Антибиотиците се користат во третманот на пертусис.
Колку долго заразува лице со пертусис?
Лицата со пертусис се најзаразни во првиот стадиум и во првите две недели од појавата на кашлицата (отприлика 21 ден).
Колку е чест пертусисот во Македонија?
Во 2024 година, заклучно со 15 февруари, во Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 39 случаи на голема кашлица (пертусис), што претставува инциденца од 2,1 на 100 000 жители. Ова е значително зголемување во споредба со претходниот петгодишен период (2019 – 2022), кога биле пријавени вкупно 9 случаи. Најголем број од случаите се забележани во Скопје (84,6 %), а најпогодена возрасна група се децата под 1 година.
Може ли да се заразите со пертусис повеќе од еднаш?
Реинфекцијата е ретка, но е можна. По природна инфекција, имунитетот може да ослабне по 7 години, а повторната инфекција често започнува со продолжена кашлица наместо со типичните симптоми на пертусис.
Вакцинација
Најдобар начин за превенција на голема кашлица е вакцинацијата.
Вакцинацијата против голема кашлица во Република Северна Македонија се спроведува со комбинирани вакцини:
– Hexaxim (DTaP-IPV-Hib-HepB)
– Pentaxim (DTaP-IPV-Hib)
– Tetraxim (DTaP-IPV)
Примарната серија на вакцинација се врши со три дози на комбинирана вакцина (Hexaxim или Pentaxim). Според Календарот за имунизација, првата доза на вакцина се дава на деца на возраст со навршени два месеци, втората доза на возраст од 4 месеци и третата доза на возраст од 6 месеци.
Првата ревакцинација се врши една година по комплетирањето на примарната вакцинација, со давање на една доза Pentaxim на 18-месечна возраст. Втората ревакцина се дава во второ одделение, односно на 7-годишна возраст, со апликација на една доза комбинирана вакцина Tetraxim.
Вакцината против голема кашлица на препорачанатa возраст на доенчињата го намалува ризикот од сериозна форма на болест.
Дополнително, возрасните, особено оние кои се во контакт со новороденчиња, треба да размислат за ревакцинација, а во поразвиените земји во светот се вакцинираат и бремените жени.
Големата кашлица останува сериозна закана за јавното здравје. Со зголемување на свесноста, редовна вакцинација и навремена дијагноза, може значително да се намали нејзиното ширење меѓу населението.
Останатите мерки за превенција спаѓаат во групата на општи мерки за превенција кои се практикуваат за сите респираторни заболувања.
Колку е ефикасна вакцината против пертусис?
По завршување на основната серија на DTaP или Td/Tdap вакцини, околу 95 % од луѓето развиваат заштитни нивоа на антитела против дифтерија, а 100 % против тетанус.
Заштитата од пертусис по вакцинација е околу 80-85 %, но почнува да се намалува по една година, па затоа се препорачуваат дополнителни дози.
Кои се несаканите ефекти на вакцината?
Чести несакани ефекти вклучуваат болка, црвенило и оток на местото на вакцината, како и блага температура.
Дали вакцината може да ја предизвика болеста?
Не!