Побрз метаболизам за помалку килограми

Побрз метаболизам за помалку килограми

Како да се одржи здрава телесна тежина кога метаболизмот природно забавува?

Преполовете ја телесната тежина за 30 дена без притоа да се откажете од вашите омилени јадења!“ – вака звучат сите оние реклами кои ветуваат брзо слабеење, без диета, без спорт.

Дали некогаш сте потклекнале на нив? Реалноста е дека не се ништо повеќе од празни ветувања.

Најголем доказ за тоа е начинот на кој функционира метаболизмот на човекот. Едноставно не постоjат чудотворно апче, чај или диета што може да го забрзаат.

Што е всушност метаболизмот?

Стапката на вашиот метаболизам е времето што му е потребно на телото да ја обработи и согори енергијата од храната што ја јадете.

Вашата базална стапка на метаболизам (БМР) е количината на енергија (калории) што му е потребна на вашето тело за одржување на основните функции додека сте во мирување. Тоа сочинува околу 70 % од вашата дневна потрошувачка на енергија.

Многу работи влијаат на вашиот БМР, вклучувајќи ги генетиката, возраста, полот, тежината, висината, колку сте активни и како се храните.

На вашиот метаболизам може да влијаат и лековите, климата, медицинските состојби, хормоните, половите хормони – поради нив на мажите им требаат двојно повеќе калории од жените за да ја задржат истата тежина.

Ако убаво размислите, од сите фактори кои влијаат на метаболизмот, вие сте во позиција да делувате само на два: храната и физичката активност. Ако се осмелите на тој чекор, резултатите нема да ве прескокнат.

Дали согорувачите на масти се ефикасни?

Производителите на суплементи тврдат дека одредени состојки како кофеинот, зелениот чај, капсаицинот, гама-линоленската киселина, се природни согорувачи на маснотиите во телото. Но, научниците велат дека овие состојки имаат незначителен ефект. Сепак, нема штета да ги консумирате особено ако прават да се чувствувате полесно и помалку подуено.

Зелениот чај важи за поттикнувач на метаболизмот, но истражувањата покажуваат дека ниту редовната консумација не резултира со губење на тежината. Истото важи и за кофеинот, за кој нутриционистите велат дека е меч со две острици: треба да го пиете во големи количини (незасладен) за да има ефект, а така ризикувате да станете вознемирени, нервозни, да ви падне шеќерот и да се прејадете.

Диетите имаат траен негативен ефект врз метаболизмот!

Кога телото е на диета, метаболизмот сам забавува? Зошто? Тоа е природен механизам на самоодбрана на телото од гладување. Тоа по секоја цена се обидува да остане на тежината што ја зацртал мозокот, иако вие сметате дека треба да сте послаби.

Ако ја одржувате тежината иста со години, телото станува пристрасно на неа и се труди да ја задржи бројката на килограми за да ве спаси од гладување.

Затоа, штом почнете да јадете помалку, метаболизмот забавува. Губењето на тежината е итен случај за мозокот, а тоа подразбира штедење на мастите, а со тоа и на енергијата.

Како точно делуваат диетите?

Кога телото е изгладнето, метаболизмот забавува, а истовремено се зголемува продукцијата на хормоните кои поттикнуваат глад. Телото на секој начин се обидува да ги сочува калориите со кои располага и плус се бори да дојде до нова количина калории.

Звучи неверојатно, но човечкиот мозок не еволуирал до степен да му помогне на телото да ги симне килограмите и тогаш кога се вишок и се штетни за срцето и здравјето.

Од друга страна, диетите го зголемуваат ризикот од дополнително дебелеење. Една студија вели дека жените кои биле неколкупати на диета, имаат 5 пати поголеми шанси да се соочат со дебелина.

Додека се на диета, луѓето не се свесни дека колку повеќе и колку побрзо губат килограми, толку побавен станува нивниот базален метаболизам.

На телото одеднаш му се потребни помалку калории, но после диетата луѓето продолжуваат со старите навики во исхраната и старата количина калории поради кои се дебелеат.

Забрзувањето на метаболизмот е тешка задача!

Нутриционистите велат дека обидот да го забрзате метаболизмот е како да се обидувате да станете повисоки. Тоа е борба со природата, со биологијата и мора паметно да играте.

Од друга страна, забавувањето на метаболизмот е природен процес и директна последица на слабеењето на мускулатурата кај човекот.

Својот пик метаболизмот го доживува во првата година од животот, бебињата ги согоруваат калориите 50 пати побрзо од возрасните. Потоа постепено се намалува, околу 3 % годишно, сѐ до 20-тата година од животот. Потоа се стабилизира, сѐ додека не навршиме 60 години кога почнува да опаѓа.

Постојат неколку промени во исхраната кои можат малку да го забрзаат метаболизмот:

ВЛАКНА

25-35 грама растителни влакна во денот е количината што ќе поттикне редовно празнење. Човекот едвај внесува половина од пропишаната доза.

ПРОТЕИНИ

Речиси 25-30 % од калориите треба да доаѓаат од протеините. Тоа е помеѓу 500 и 600 калории дневно за некој што вообичаено троши 2 000 калории дневно. Само 10 % од дневната потрошувачка треба да биде од протеини. Имајте на ум дека преголемите количини протеини можат да бидат штетни за здравјето, особено ако се од животинско потекло. За да ги намалите овие ризици, потрудете се да ги црпите протеините од јаткастите плодови и житарките.

МУСКУЛНА МАСА

Зголемувањето на мускулната маса го забрзува метаболизмот во мирување од причина што телото согорува многу повеќе енергија за одржување на мускулите отколку мастите. За да ја зголемите мускулната маса неопходно е да практикувате тренинг со тежок отпор. Многу е полесно да работите на одржување на мускулите во 30-тите и 40-тите, отколку да почнете да ги градите на 60. Тренингот со тежина има и низа други придобивки, вклучувајќи го намалувањето на ризикот од губење на коскената маса што е одличен мотив за кревање тегови 2-3 пати неделно.

ВОДА

Зголеменото количество вода во денот може малку да помогне. Во една студија, жените кои дополнително пиеле литар и половина вода во текот на денот, согорувале дополнителни 50 калории. Тоа нема многу да ја смени тежината, но секако нема штета за здравјето.

Возможно е да ја намалите тежината и во 60-тите!

Здравата храна и физичката активност се најсигурниот пат до здрава телесна тежина. Бидете трпеливи и тежината постепено ќе се симнува. Постепеното слабеење е трајно слабеење, бидејќи само така се воведуваат нови навики во начинот на исхрана, а само тоа може да го спречи враќањето на килограмите.

Најважно е да обрнувате внимание на сигналите што ви ги праќа телото и да го слушате кога е гладно, кога е сито, кога има потреба за одредена храна. Кога телото ја добива храната што навистина му е потребна, вие ќе постигнете здрава телесна тежина.

Емоцијалното јадење или јадењето под дејство на стрес е една од главните причини за високите бројки на вагата, поработете и на тоа. А ако веќе мора да се утешите некако, погрижете се во кујната да извираат само здрави намирници.

Редовното вежбање исто така ќе ви помогне да согорите повеќе енергија, но тоа не е замена за јадење во склад со сигналите на вашето тело. Запомнете, потребно е помалку време да јадете помалку, отколку да вежбате повеќе.