Kако да си го олесните враќањето од работа?
Недела попладне. Вашиот заслужен годишен одмор официјално заврши. Како што паѓа ноќта, така во вас се всадува немир, страв и трема од она што ќе ви го донесе понеделникот и деновите потоа. Тешко ви е да се збогувате со безгрижноста и да му кажете добредојде на полното електронско сандаче и бескрајната листа од обврски што се натрупаа додека ве немаше.
Ако ви е некаква утеха, не сте единствените кои страдаат од постодморна депресија. За многумина транзицијата од одмор на работа, резултира со нервоза, збунетост и силна желба за отказ, особено кај вработените кои секојдневно работат под притисок, стрес или оние што не си ја сакаат работата. Но, мрзеливоста и недостигот на мотивација можете да ја надминете доколку си дадете време. Обилното спиење, редовната здрава исхрана, дружењето, се доволни за да се скршат работните навики, но со малку напор за кратко ќе се вратите во колосек.
Мислете на срботеното, а не на тоа што треба да се сработи
Пред да заминете на одмор, направете листа на сите задачи што треба да бидат завршени. Недела попладне се чини како одлично време за да ги заокружите сите за финализирани. Ваквото визуелно преиспитување ќе ви даде чувство дека сѐ е средено. Фактот дека сѐ сте оставиле под конец, ќе ја намали тензијата на денот кога ќе треба да се вратите. Чувајте ги мислите настрана од работата што остана незавршена, а фокусирајте се на тоа колку ви недостасува кафето со колегите.
На почеток посветете се на едноставните задачи
Не задавајте си премногу обврски првата недела по враќањето. Не обидувајте се да покриете се што остана незавршено, избегнувајте ги клучните состаноци и не поставувајте си рокови. Направете листа на приоритетни задачи и разговарајте со колегите за да видите до каде е работата. Доволно е да ги завршите малите работи за да се загреете за поголемите. Потсетете се дека само успешната година ќе ви донесе пари и можност за поголемо уживање, а за тоа вреди да се потрудите.
Понесете си потсетник од убавиот одмор
Фотографија, предмет, орнамент, бирото или канцеларијата украсете ја со сувенир од местото што го посетивте летоска за да создадете хармонична работна атмосфера. Сувенирот нека биде вашиот потсетник дека не треба да се нервирате. Секогаш кога ќе го погледнете, тој ќе ве донесе мир во душата и умот.
Бидете позитивни
Потсетувањето на тоа колку многу пријатели запознавте откако се вработивте, колку многу желби успеавте сами да си ги исполните и сите останати позитивни промени што ви ги донесе работата, е добар старт за првиот работен ден. Студиите покажуваат дека менталното здравје и состојбата на умот имаат влијателен ефект врз работниот век. Оние кои имаат позитивен и оптимистички став кон работата, се соочуваат со далеку помалку проблеми, се поенергични и генерално посмирени и спокојни вработени.
Предизвикувајте се себеси
Работете на она решение што одамна сакавте да го предложите, но немавте доволно време. Одморени и свежи, вие сте спремни да им се посветите на идеите што постојано ги занемарувавте. Во моментот кога ќе наидат на одобрување, ќе почувствувате вистинско задоволство и ќе се потсетите зошто сте вие вистинскиот човек за работата што ја работите.
Размислувајте за вашиот следен одмор.
Иако во моментот се чини премногу далеку, истражувањата покажуваат дека предвреме испланираниот одмор дава некој вид на надеж и мотив да се издржи работата и сите притисоци во животот. Работата ќе почнете да ја сфаќате како средство за да дојдете до сонот и така ќе почнете да работите со голема посветеност без никој да знае што се крие зад сето тоа.
Ништо од советите не ви помогна?
Луѓето се соочуваат со потешкотии при враќањето на работа и тогаш кога биле отсутни само еден продолжен викенд. Но, доколку набојот од негативни чувства не си замине и се влоши до степен да се соочувате со аритмија кога ќе треба да станете за на работа, тогаш имате посериозен проблем што заслужува внимание. Разговорот со менаџерот, супервизорот или луѓето од хумани ресурси може да се покаже делотворен во откривањето на вистинската причина за вашето нерасположение, а тоа сигурно не е крајот на летниот одмор. Подолгата пауза од работа честопати е неопходна за да сфатите колку сте или не сте среќни на работа.