Некои правила постојат за да НЕ се менуваат. Не лажете, не мамете, не крадете! Ако зборуваме за правила, тогаш правилно е да не озборувате, па вие редовно го правите тоа, нели? Не за друго, така потсвесно се ослободувате од стресот и во тоа нема ништо погрешно (во некои ситуации).
Старо правило: Третирајте ги пријателите онака како што сакате да ве третираат
Ново правило: Пријателството е двонасочна улица
Великодушноста е одлична особина, но во денешно време и таа стана потрошен материјал. Ако се водите по златното правило за пријателството: безусловна поддршка и љубов, а за возврат не добивате ист третман, прашање на време е кога ќе почнете да се чувствувате искористено. Не постои таков човек што не пресметува што добива за возврат, дури и кога се во прашање емоции. Светот функционира по правило на реципроцитет. И кога вашиот статус на лојален пријател прави да се чувствувате безвредно, време е за промени. Кажете им НЕ на пријателите и свртете се да видите дали сѐ уште се тука.
Старо правило: Никогаш не озборувајте
Ново правило: Ако ви годи, слободно правете го тоа
И научниците препорачуваат да озборувате, бидејќи неодамна потврдија дека озборувањето ги усреќува луѓето и ја подобрува нивната општа здравствена состојба. Колку и да звучи неморална нашата препорака, фактот дека озборувањето го зацврстува пријателството останува непроменлив. Всушност, споделувањето на интригантните информации е она што прави разликата помеѓу пријателот и обичниот познаник. Од друга страна, кога озборувате телото лачи материја што ве ослободува од анксиозност и стрес. Е сега, пред да почнете да ширите невистини, запомнете дека ваквото полезно дејство се случува кога споделувате позитивна содржина, а не злобни гласини.
Старо правило: Бидете свои
Ново правило: Прифаќањето на некои од манирите на пријателите ќе ве зближат
Еве уште еден пример од оние чудни, но вистинити факти што ги откриваат научниците: Имитирањето на мимиките и потезите на соговорникот прави да го чувствувате поблизок. Држењето на телото, повторувањето на насмевката, употребата на рацете додека зборувате во негов стил е потврда за потсвесната конекција што ја имате со пријателот. Ова особено функционира кога сакате некого да импресионирате или да му се допаднете на првата средба. Ова не значи дека треба секогаш да се согласувате со пријателот, а уште помалку да ги преземете неговите карактерни особини, но прибирањето на ситните лични белези формира поцврста врска и непречена комуникација.
Старо правило: Што можете средете сами
Ново правило: Ситните услуги од пријателите создаваат вечна врска
Мислите дека сѐ можете сами? Најчесто луѓето што не сакаат да даваат помош, не ја ни бараат. Да се разбереме, пријателите и услугите одат рака под рака. Без разлика дали се работи за нешто големо (да помогнете околу реновирање на домот) или нешто безначајно како да му позајмите парче облека, убавината на пријателството ја дава можноста да дадете и да побарате помош во секое време. Најважно е да ја запазите границата, бидејќи преку ноќ можете да се претворите во пријателот кој постојано има некаква потреба или во оној што не може да крене глава задоволувајќи туѓи потреби.
Старо правило: Не прашувајте, чекајте да ви кажат
Ново правило: Тотално е во ред да прашате дали сѐ е ОК
Можеби не сте воспитани да бидете индискретни, но заборавете на тоа кога се во прашање проблемите на вашиот најдобар пријател. Вашиот молк во моментите кога тој очигледно е потиштен, лесно може да бидат интерпретирани како незаинтересираност и негрижа. Дури и тогаш кога одбива да зборува, немате право да се налутите дека ве игнорира, напротив должни сте да бидете толерантни и да му помогнете да се отвори.
Старо правило: Кажете си сѐ што ви лежи на душа
Ново правило: Научете кога да ја затворите устата!
Лажните насмевки и добрина се насекаде околу нас и токму затоа некој го измислил пријателот, личноста пред која не мора да глумите. Не ви е пријател оној што секогаш го кажува она што сакате да го чуете, напротив, оној што е смел да ви каже како реално стојат работите. Пријателот што во пристапот звучи како вашите родители, е оној вистинскиот. Но, ова не ви дава за право да му судите во секоја прилика, особено кога гледате дека е повреден. Секој човек е свесен за своите грешки, но функцијата на пријателите е да пружаат утеха, а не постојано да дотураат сол на раната посетувајќи на правилата.
Оној што не ве прифаќа онаков каков што сте, со сите мани и доблести, никогаш не може да ви биде пријател!