Преку вежби до контрола на егзема

Преку вежби до контрола на егзема

Интензивните симптоми на егземата влијаат на физичкото и на емоционалното здравје, но вежбањето може да помогне

Вежбањето и егземата се во комплицирана врска. Од една страна, потта и високите температури ја влошуваат состојбата на кожата, поточно симптомите како чешање, воспаление, сувост и иритација. Од друга страна, егземата (или атопискиот дерматитис) може сериозно да влијае врз менталното здравје – нешто што вежбањето може да го подобри.

Според Националната асоцијација за егзема, лицата со оваа состојба имаат до трипати поголем ризик од анксиозност или депресија, а тој ризик расте со влошување на симптомите.

„Потта е иритирачка и непријатна за лицата со егзема“, вели д-р Елис Лав, дерматолог од Њујорк, која во својот холистички пристап за нега на кожа го вклучува и вежбањето.
„Но, физичката активност е дел од грижата за себе, па затоа е важно да се направи план што ќе го намали ризикот од влошување на симптомите и ќе ги обезбеди здравствените придобивки од вежбањето.“

За почеток, еве неколку вежби што таа ги препорачува:

Пливање

Ако досега сте ја избегнувале базенската вода поради хлорот, време е да ѝ дадете шанса. „Всушност, го препорачуваме пливањето при влошена егзема, бидејќи хлорот има антибактериски својства кои можат да ѝ помогнат на кожата“, вели д-р Лав. „Дополнително, ладната вода помага при регулирање на телесната температура.“
Пливањето има и други предности – го подобрува движењето преку подобро здравје на зглобовите, ги зголемува силата и кардиоваскуларната функција. Некои студии дури истакнуваат дека пливањето значително го подобрува менталното здравје.
Иако хлорот можеби нема да ѝ наштети на кожата додека пливате, дури може да има корисен ефект врз егземата, истото не важи откако ќе го напуштите базенот. Како и со потта, мешавината од хлор и вода што останува на кожата дополнително ја суши, вели д-р Лав. Затоа, веднаш по пливањето истуширајте се со млака вода и хидратантна купка и нанесете хидратантен крем на целото тело за да ги намалите негативните ефекти.

Јога и таи чи

Она што ги издвојува јогата и таи чи од другите вежби за подвижност и истегнување е фокусот на контролирано дишење, вели Џозуе Луис, сертифициран личен тренер кој работи со клиенти со егзема. Движењето комбинирано со вакво дишење и медитативна состојба на умот може да помогне во регулирање на емоциите.
„Кога долго време се мачите со егзема, лесно може да изгубите контрола – особено ако симптомите се влошат“, вели Луис. „Но, и покрај сè, има што да направите: вежбање во ладна просторија, избор на вежби со низок интензитет, јога. Еден од најдобрите начини да си ја вратите контролата е дишењето – тоа влијае на температурата, расположението и срцевиот ритам.“

Истражувањата потврдуваат дека длабокото дишење во комбинација со нежно движење може да го намали крвниот притисок и да ги ублажи стресот и анксиозноста. Националната асоцијација за егзема исто така забележува дека свесното живеење може значително да го подобри квалитетот на животот и да им помогне на луѓето со оваа состојба да чувствуваат дека имаат контрола врз своето здравје.

Пешачење

Една од најдостапните, но често потценети физички активности е пешачењето. Делумно затоа што е прилагодлива форма на вежба, но може да ја направите потешка со подолги дистанци или искачувања или, пак, да ја поделите на кратки прошетки во денот.

„Може да шетате напред-назад по ходникот дома или на работа и сепак да имате придобивки“, вели тој. „Тоа не само што ќе го подобри менталното здравје, туку и ќе ги поддржи кардиоваскуларниот систем и општото здравје. А кога шетате на отворено, добивате и свеж воздух и витамин Д од сонцето.“
Американската кардиолошка асоцијација додава дека пешачењето може да го зголеми нивото на енергија, да го подобри емоционалното здравје, да ја зголеми меморијата, да ја зајакне коскената маса и да го намали ризикот од сериозни заболувања како дијабетес и одредени видови рак.

Контрола на потењето

Дали ова значи дека треба целосно да избегнувате потење и интензивни вежби ако имате егзема? „Не!“, вели д-р Лав, „Има многу физички и ментални придобивки од тоа да се занимавате со активноста што ја сакате, било да е тоа трчање, танцување, кардио или високоинтензивен тренинг. Само имајте предвид дека можеби ќе треба да направите дополнителни подготовки – како носење облека што ја впива потта, туширање веднаш по вежбање, постојана хидрација и задолжителен период за ладење по тренинг.“